ИКОНИТЕ И СУЕВЕРИЕТО
Поткрепени од советите на нашите духовници и од поуките од светите отци на Црквата, должни сме, сите ние, како христијани, да знаеме и да предупредуваме за се` што не ни е од полза.
Напротив!
Конкретно и за оваа појава која попримила размери на епидемија.
…
Ниту одењето во Црковниот храм `заради среќа`,
ниту отворањето на вратите, на црквата `заради среќа`,
ниту давањето милостиња `заради среќа`…
Дури ни примањето на Светата Причест, само со идеја дека ќе ни донесе среќа, не претставува наше заедничарење, наш живот како црква, живот во Христа и не ни придонесува за исцеление и наше спасение.
Дури ниту Љубовта која е најголема од се`, доколку се дарува заради `сопствена среќа`, звучи како кимвал што ѕвечи – ништо не е и ништо не ни користи.
Љубовта во Христа не бара среќа! Таа само себе се дава Нему и на ближниот свој!
Бара прифаќање на крстот по волјата Божја, кој радосно и со благодарност носејќи го во срцето, во глад и богатство, во радост и болка и во се`, претставува доследно искачување по угорнината на патот кој присоединува со Христос, нашиот Господ.
Колку е пак неприкладно извртувањето на вистината, кога од Образот Христов, преблагиот Образ на Мајката Божја, на светителите врежани во иконите, се користи за световни лукави цели, за слава или профит, или како невина игра, а неопитните луѓе ги внесува во сферата на магискиот пристап на живеење, во таканаречена `искривена` вера.
Колкава ли само штета се нанесува кога се рекламираат трикови и начини, како магиски веднаш луѓето да дојдат до среќа, само и само ако конкретната икона луѓето ја споделат да речеме со десет луѓе, дваесет луѓе…
И обратно, несреќа ќе не следела цела година ако не ги препратиме иконите или ако не постапиме спрема нивните измислени упатства…
Или ако поверуваме дека на тој и тој празник ќе ни се налути светителот, доколку извршуваме или не извршуваме конкретни дејствија.
Па среќаваме упатства од овој тип:
На овој празник, ете, што смеете, а што не смеете да правите!
Која демонска заблуда и штета се нанесува на душите на недолжните луѓе, кои во страв ги исполнуваат таквите совети на несовесните.
Каква ли само карикатура на верата православна се „продава“
како проповед.
Застанете, мили пријатели и за почеток, барем игнорирајте ги, прескокнете ги тие текстови на социјалните мрежи, кои наместо во вера ве туркаат во болно и многу штетно суеверие.
Иконите на кои се изобразени ликовите на нашите посредници до Христа, светиите, таму се само заради молитва и ништо повеќе.
Подготви Мина Даниловска