ДА ГО НАЈДЕМЕ ТАЛАНТОТ ВО СЕБЕ
…Сметаме дека постојат две опасности на духовниот пат, кога човекот се осакатува себеси, како пеач кој пее со туѓ глас тоа е принудување, односно насилие и подражавање.
Човекот може да подражава примери од книги, луѓе со кои се среќава, апстрактен или идеален образ создаден во неговите мечти, заборавајќи притоа дека таквиот пример е живот на друг човек, одраз на друга личност и друга индивидуалност, а апстрактниот образ секогаш е соединет со распалено мечтаење и со нас, конкретни реалии, нема никаква врска.
Тоа подражавање на друг е тесно поврзано со вообразбата и затоа станува прокрустова постела за душата, доколку таа не се ориентира кон духот, туку кон надворешното.
Ние секогаш остануваме она што сме, и никогаш нема да станеме друга личност; но, своето „јас“ можеме да го извалкаме и да го осакатиме, односно да го изгубиме својот пат.
Ние мора да го најдеме своето, и затоа човек кој ги зема предвид искуството и примерот на другите, не смее да се идентификува со нив, туку мора да исходи од самиот себе, и само да прави разлика што е наше, а што туѓо, што е она што и е својствено на нашата душа, а што во неа е наталожено однадвор.
Тој мора да ја реши задачата меѓу линиите што се сечат да најде свој, а не туѓ пат. Во служењето на Бога, во духовниот живот е важно да не се изгуби својата личност, но не онаа којашто се смета за личност на светот кондензат на гордост и славољубие туку својата внатрешна неповторливост, иста онаква каква што е и неповторливоста на отисокот на прстите или бојата на гласот.
Ако тоа не се реализира во духовниот живот, човекот ќе стане дволичен, ќе биде нечиј двојник на некое лице од прочитаните книги, од околната средина, или од својата сопствена мечта.
Но, истовремено, тука е мошне важно во никаков случај човекот да не се идентификува со своите страсти, приврзаности, со својата горделивост, со својата неприродна состојба, како што, впрочем, ни болниот не се идентификува со својата болест.
Архимандрит Рафаил Карелин