“ШТО ЗНАЧИ да држиш педагошки некого надвор од комуникација – во секој поглед,
и како, јас, на пример, се однесувам кон оние кои не го спроведуваат во својот живот црковното правило на побожно однесување?

Како што вели Светото Евангелие:
„ако не ја послуша и Црквата, нека ти биде тој како незнабожец и митник“ – така и правам.

Тој што не го слуша Евангелието не ја слуша, всушност, Црквата.

Затоа, ништо што се пишува на социјалните мрежи и на медиумите
– надвор од црковниот ред на побожно однесување, не може да дојде до мене;
дури и на мобилниот ако ми испратат некој скрин шот, јас тоа не го читам – нели, нека ти биде тој како незнабожец и митник.

Телевизија не гледам.

Се случувало дури и таму ако нешто кажат за мене, да го дознаам по недела или две.

Важно, кога и да чујам дека има нешто лошо за мене,
не читам, не се оправдувам или објаснувам,
ниту дозволувам некој од моите духовни чеда да ме брани, ниту вие сте сретнале такво нешто.

Работите се едноставни:

ако сум згрешил нешто, поради јавното осудување, Господ ќе ми прости – не може никој двапати да биде суден за иста работа;
а ако не сум згрешил за тоа што ме обвинуваат, ме чека маченички венец.

Моите судии и обвинители не можам да ги мразам,
дури и се обидувам да најдам разбирање – од каде да знаат сироти луѓе што ние во Синодот правиме…

Ниту Евангелието Христово, ниту нивото на духовниот развој, ниту пак местото и улогата што ги имам во Црквата ми дозволуваат враќање зло за зло.

Напротив, сето тоа што не ми дозволува нељубов, ме поттикнува на најдобри желби кон нив и на молитва.

Тоа е; другото – Господ.“ – дедо Наум

Претходна статијаКога веќе сакаме да ја земаме правдата во свои раце… Дедо Наум
Следна статијаДедо Наум – ЗА СУШТИНАТА НА ПРОБЛЕМОТ…