МРТВА ВЕРА ИЛИ ВЕРА СО ДЕЛА?

Двајца луѓе се во близина на храмот.
Еден е внатре, другиот надвор.

Едниот постел, се молел утрото со молитва пред Светата Причест и задоволно ја следи службата.

Вториот имал многу обврски околу сиромаштијата дома, заборавил дури и да се помоли, не присуствува на литургијата и не е спремен да се причестува.

Пред Црковната порта, стуткано седната на картонска кутија, гладна, истоштена и боса, една жена се моли нечујно, во себе, не бара ништо, со изморено лице и очи во надеж – молчи…

Првиот со себезадоволност, ама и фала на Бога за сите знаења и мудрости што ги има, дури и други да подучува, се причестува и излегува од црквата.

Среќен е што беше достоен да го прими Бога и немарно ја погледнува жената што страда, ја одминува прескокнувајќи ги голите нозе, со помислата:

„Аман веќе, од овие просјаци!“

Вториот, со искрена сомилост и грижа, притрчува кон неа и седнува до неа прашувајќи ја со искрено срце, дали е добро.

Таа, насолзена и со благодарност ги облекува неговите обувки, кои тој ги собува и неа ја обува.
Отрчува некаде, зашто го чекаат и други обврски и набрзо се враќа со полна торба намирници за таа дома да си понесе и богат сендвич кој веќе го јаде.

Како да е тоа најнормалната работа на светот, и` го подава запишаниот телефонски број, за да се договораат понекогаш,
па страдалничката да го удостои и да доаѓа на ручек во нивниот дом, редовно, кога е гладна.

За да си поделат од сиромаштијата како дар од Бога…

Кој од овие двајца е поблизу и помил на Бога, кој повеќе му послужил?

И кој од двајцата е повеќе оправдан и во овој од Него подарен ден?!

Секако, знаеме…

м.д.

Претходна статијаДостојно е навистина Блажена, Тебе да Те нарекуваме, Богородице! 
Следна статијаДедо Наум – Недела на сите Светии (…карактеристика на „последното место“.)