Потполно губење компас

… и така, 20 години шкрабам и требам по тастатурава, понекогаш во параноја, што ако некој ме разбере?

Понекогаш во полн патос на сопствено самопеплосување за да одглумам скрушеност, понекогаш глумење мудрец со некакви светски знаења и најчесто преполн со оправдувања за непослушание, за неодење во црква, нередовна молитва и така. Ја добар, вие како сте, колеги?

Ароганција

Каков прекрасен стиропор за фасада, залепи две плочи на себе и оди како шериф, оти, нели, во твојот именик има броеви кои само Бил Гејтс и Елон Маск можат да ги свртат. Ти си битен, бре! Локален а-ла Џон Вејн шериф вооружан со реденици од цитати, латинизми и најјакото – искуство… во што?

Ароганција, ерго сум!

Откако дојдовме и се самовработивме во канализацијата на интернeнтот – социјални мрежи, сите станавме судии, егзекутори,

просветлени ем продуховени правоверници

чија степен на духовност е пропорционален со бројот на објавени икони, а во албумите слики од тетки и мажиња во оскудна облека.

И знаеме сѐ и како треба, фудбал, политика, економија, морал и етика, сѐ мора да помине преку нас.

Се прашувам, зошто воопшто гласаме, наскоро ќе дојде време кога одлуките ќе се бираат стискање лајкови.

Како во Рим, палец горе, палец доле!

Така ќе фалиме, судиме, егзекутираме, почнавме пак да ја градиме кулата вавилонска, а слепи при очи, глуви при уши … како?

Има едно филмче “White Men Can’t Jump” и во него се вели ова:

– “Да, вие го слушате Џејмс Браун, но не можете да го чуете”.

Така и ние, верни, ѓоа, се правиме и пак не разбираме или уште полошо, ќе разбереш и пак истото!

Ароганција ест матер студиорум.

Се зацврстивме под својот самоставен ореол на праведност, Понтиј Пилат е мало дете за еден просечен корисник.

Сите се знаат, само оние кои се подвизиле низ труд, ука, опити, само тие не знаат и никогаш нема. Социјални мрежи – каква спектакуларна мелиоризација на инхибирани фрустрации. Важно – јас напишав и си ги измив рацете!

Страв

Опремени како маринец за борба со елиени, се фативме во костец ничкум прекуглава и со вируси, медицина, фармација, ние сѐ знаеме, ние сѐ гледаме, је ли то могуче?

Ма гуче, гуче је!

А во исто време храмовите празни, духовниците нема кој да ги влече за ракав да ги моли за исповест, да ги начекува редица за насоки, за благослов.

Духовниците станаа само последната одбрана, од утро до мрак се обидуваат истоштени, како кој, колку кој, да измолат последен обид за спасение наше до последна секунда да се случи чудо.

Владее чума која нѐ коси, не, не е вирус, аргонацијата е!

Оти само чудо може, мене барем, да ме спаси зацапан во моите страсти, во кои како да и престанав да се борам.

Порано и ќе влезев во некоја борба, молитвена, дебата, повеќе немам ни сила, или глумам паталец.

Знам само дека ми треба само тишина, малку мир, но изгледа додека не помине цела Нијагара над моево тело и душа да исплакне сето она налепена кир, ништо.

Губам и надеж, уште полошо – сеедно ми е.

Знам дека не треба, но кревам раце во немоќ. Полека ме пушта ароганцијата дека јас знам, можам, умеам, а сѐ повеќе он ме носи и тоа не мислам само фигуративно, како парабола, зборам буквално, е тоа е нешто што не сум доживеал.

Катастрофа!

Убиец на срцето и умот

Имам тегоба само кога ќе видам прекрасни луѓе, кај кои само што не блеснал ореол на нивните глави, како се пумпаат со лекови и секакви медикаменти во страв од зараза, вирус, болест…

Не , не зборам за немање општествена одговорност, тука и треба да сме први и за пример, зборам, за внатрешното чувство на страв.

Веднаш како да забораваме да бидеме благодарни, да не му покажеме на нечастивиот дека успеал да нѐ заплаши и со постапките да нѐ види и да му дадеме уште повеќе сила.

Оној кој еднаш се “причестил” со дијазепам, не останал само на еднаш… а верник, а? Ех, Јане, Јане … кај ти иде умот, глуп!

Спас

Ние не сме верници, ние не се бориме за спасение, ние се бориме за решавање на социјални лични проблеми, материјални, ние решаваме за политика дали ни е битна, слезината, левиот бубрег, седмицата непломбирана горе лево? Што? Мојот лекар не го вика умник!?!

Го вика 8-ца!?! … Како се осмели докторе – предавнику! На чија страна си? Лево? А? Спаси ми ја десната шестка! Разбра!!!

Одам да дремнам, малку да лајкам на некои напишани простотилаци објавени на мреживе и пред спиење ќе копипастирам една икона на мојот профил со некои рандом мудри зборови на нашите светители.

Свети Петар, подмачкуј бравата! Доаѓам со Порше 200 на саат!

Опит?

Нам не ни треба смрдлив опит. Ние сме планинска полиција на интернет, ние владееме со вашиот живот!!!

Боже, јас се губам, спаси ме, убиј го овој човек во мене, јас не знам како… не сакам…

 

 

Претходна статијаДлабоко заробени во гордоста! – Свети Никодим Агиорит
Следна статијаВојната се праќа заради гревовите…Свети Силуан Атонски