Бегај од Мене, сатано!
“Па почна да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне. И говореше за тоа откриено.
Но Петар, како Го повлече настрана, почна да Го одвраќа. А Он, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петра да говори и рече: Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко.“ (Марко 8, 31-33)
Синот Човечки говореше откриено дека ќе биде отфрлен од многумина, ќе пострада, ќе биде убиен и на третиот ден ќе воскресне.
Да бев на местото на Петар апостолот би го сторил истото, би го одвраќал Исус кога веќе ја ја прозорлел сета таа завера против неговото дело и личност, да ја избегне, да го сокријам како јагне од немилосрдноста на колачите свои несвесни за тоа која е жртвата под ножот.
Но не, Исус немаше да ми го дозволи она што е човечко, а не Божјо, ќе ми забранеше да зборувам и ќе го изгонеше сатаната од мене. И ќе беше во право.
Не е убаво да си класиран во секцијата на сиромашни во големата поделба на светот на земјата, во која тоа дека таму припаѓаат мнозина не е доволно да не се чувствува симптомот на омаловаженост.
Убаво е да се има свој дом со поголема квадратна површина од две фудбалски игралишта, куќа заобиколена со природно зеленило кое не ја поседува ниту “з” од расадот од Бога расфрлан насекаде, на секој чекор базен и декоративни статуи од несфатлива уметност, толку многу спални внатре што сопружниците да не можат да се пронајдат за светата вечера, толку многу тоалети потрошувачи на неопходното количество на вода за Сахара да ја претвори во бавчичка.
Таму близу ќе бидат и автомобилите, парк од сјај и метална жед за брзина до некој свиок во кој демне несреќата, со украси кои обезбедуваат статус во општеството и привремено, многу кратко го исполнуваат секогаш празното духовно катче. Сето ова е убаво, но, бегај од мене, сатано!
Апостолот благословил оние кои не можат да се воздржат, да се женат и мажат, како не би од страст изгореле. Мнозина го сторија тоа, но се соочија со невоздржување.
Искушувачки е да се вкуси несопственото, различно од она кое се добива кога се посака, не како она со познати димензии кои можат и наизуст да се прераскажат.
Кога се оствари средба со непознатото започнува и играта со оганот чии пламени јазици немилосрдно ќе го зафатат секој дел од телото кој доброволно зел учество во играта. Навидум затскриено од погледите на Бога во темен агол од некоја блудотина, ќе се одвива сладострасно она што не може да биде навреме спречено, а да не предизвика грев.
Многу човечки со животински инстикти, и затоа бегај од мене, сатано!
Софра на која ниту од пиле млеко не недостасува, со чаши црвени во кои се наслутува слатко вино кое опијанува, се делови од сцена на мнозина често посакувана, но не од истата причина од која тоа му беше овозможено на девојчето со кибритчињата кога го запали второто и се создаде илузијата на новогодишната вечера.
Ова е повеќе исполнување на желбите на кралот стомак кој ненаситно наредува да се изнесува нешто што не може да ги задоволи ниту неговите очи, ниту самиот себе кој е минорен по става за да би опфатил се што може да посака.
Поради тоа ќе премине во пренатрупан отпад со на почетокот миризливи, а подоцна изгниени материи кои предизвикуваат болка.
Навидум гурманска епопеја, но бегај од мене, сатано!
На врвот од гората во нејзината и секој друг вид тишина кои таму царуваат, претпоставувам лесно е да погледнеш надолу и помислиш дека сето таму е безначајно и пониско од скалилото на кое се наоѓаш.
Тоа ќе доведе до доминација на онаа твоја мисла дека си се квалификувал за врвот, дека си нешто повеќе од обичен човек и дека постои причина што му си се омилел на Бога.
Дарот што го користиш уште повеќе ќе ја збуни твојата горделивост за да ги осудиш мравките кои не те погледнале со доволно чест во нивните манири и ќе очекуваш признание за својата добрина и чудата со кои си настапил.
Ќе се чувствуваш како громовник со сопствена сила која планини може да поместува и демони на пола да пресекува, која ќе одлучува за добро и зло и за ништо не ќе се покајува.
Но не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко,
и затоа бегај од него, сатано!
Брат во Христа С.П.