Како да се подготвуваме за Светата Причест
Aко правилно го устројуваме нашиот духовен живот, односно ако ја познаваме нашата вера и ако водиме правилен духовен живот – редовно постиме (секоја среда и петок и четирите големи пости), редовно, т.е. секојдневно се молиме, се исповедаме кај својот духовник – тогаш нема никаков проблем околу причестувањето.
Согласно нашиот духовен раст и зрелост, духовникот ни одредува кога и колку да се причестуваме. И во тој случај, не е задолжителна исповед пред Причест.
Но, во црква доаѓаат и многу традиционални христијани, кои се крстени, но кои немаат правилен духовен живот, односно, немаат редовност во постот, молитвата, исповедта и затоа кон нив треба поинаков пастирски пристап, отколку кон оние кои живеат правилен духовен живот.
За таквите традиционалисти задолжително е да се исповедаат пред секоја причест, но што поскоро да се научат и тие да живеат правилен духовен живот, без недостаток.
Исто така, помеѓу овие традиционалисти постои и една голема заблуда, дека доволно е да постиме седум дена без масло, и co тоа „заслужуваме” света Причест.
Поради оваа заблуда се отфрлаат постот во среда и петок и четирите големи пости, се отфрла молитвениот подвиг и покајничката исповед и светата Причест се сведува на нешто магиско, издвоено од севкупниот христијански живот.
Причестувањето станува ритуал „за здравје” (но не и за спасение) и кај тие луѓе нема желба за промена, за подобрување, за преобразување и христијанизирање на личноста, за добивање спасение и светост.
Светата Причест не смее да се прима од адет, несвесно, без да знаеме што примаме, туку треба да биде круна на нашиот севкупен духовен живот и познавање на нашата вера и да не’ води кон богопознание и спасение.
Потребно е воздржување од секој грев, од лоши помисли, од кавги, расправии, непријателство, како и воздржување од брачни телесни односи во денот пред и во денот кога ќе се причестиме.
Вечерта пред причест најдобро е и да не јадеме обилно и да не пиеме многу течности, ниту алкохол и на Литургија да отидеме„ на гладно срце”, без да јадеме или да пиеме било што, ниту да џвакаме мастики за џвакање, ниту кафе да пиеме, ниту вода, ниту цигари.
Исто така, жените треба да внимаваат да не одат на Причест украсени co козметички препарати, шминки, кармини, ѓердани, туку украсени co добродетели.
Секако, како дел од подготовката за света Причест не смееме да ги заборавиме и молитвите пред Причест кои ги има во секој молитвеник.
Пренесено од брошурата “Како да се подготвуваме за Светата Причест” на Повардарска епархија, Велес, 2012 година