ПОРАДИ ШТО БОГ ГО ДОЗВОЛУВА ГРЕВОТ?

Бог има можност да не го дозволи и да го прекине исполнувањето на злобната намера, а покрај тоа и волјата која го допушта извршувањето на ова или она зло.

Притоа се поставува прашањето: Поради што Бог дозволува да се прават гревови или која е поттикнувачката причина поради која Бог им дозволува на луѓето да прават гревови?

Бескрајната Божја милост никогаш не би дозволила на земјата така да се случуваат зла, беззаконија, доколку од нив не би се добивала најголема благосостојба и доколку она што е направено од злоба не би се преобраќало на спасение.

Бог дозволил да се зголеми омразата кон недолжниот Јосиф, но дали тоа беше поради некое добро дело?

Не беше ли тоа за спасение од смрт со глад не само на неговите родители, браќа и роднини, туку и на целиот Египет?

Бог допуштил нечесниот Саул на сите начини да му нанесува зло на кроткиот и незлоблив Давид, но не беше ли тоа во корист на самиот Давид и целото еврејско царство?

Да, тоа беше од најголема полза не само за нив, туку и за целиот човечки род, преку Давидовиот потомок, Христос Спасителот наш.

Бог допуштил невино наклеветениот пророк Данаил да биде фрлен во јама со разгневени лавови; но заради што?

Заради постигнување на повисок степен на слава за него и неговите пријатели.

Но зошто да наведувам безброј факти од старозаветната историја, кога со Божјо допуштање завидливите првосвештеници, фарисеи и еврејски старешини го предадоа на распнување Единородниот Син Божји, Исус Христос, и тоа допуштање се преобрати во спасение за целиот човечки род?

На тој начин, од секое допуштање потекнуваат и ни се откриваат најголемите богатства на Божјата слава и неговите добри дела кон секој човек и целиот човечки род.

Врз основа на сето тоа нам ни се откриваат: Божјата добрина и Неговата милост, дарежливост, семоќност, величественост и Неговата Промисла.

Оттаму и нас, преку нам незнајни патишта, нè просветлуваат и Неговата највозвишена мудрост и правда, и со самото тоа поттикнуваат многу луѓе да се вратат на добродетелите, и на умножувањето на тешките, но славни подвизи.

Претворање на злото во добро

О, како прекрасно и величествено се појавува Божјата Промисла во секојдневните Свои допуштенија!

Не е ништо чудно да се направи добро од добро, но навистина е зачудувачки да се направи од зло добро.
Постои изрека:
„На мирно море, секој морнар може да плови“.

Не е некоја голема мудрост, со поволен ветер, јак брод, мирно море, умешност на морнарот и видливост на брегот да се донесе бродот до него.

Но сосема е поинаку кога има бура, бродот е оштетен, екипажот малуброен и лошо опремен, а при сето тоа капетанот искусно управува за безбедно да ги избегне опасностите – тоа е за восхит: капетанот на бродот со своето дело ја докажал својата мудрост и своето искуство да управува со бродот.

Слично е и со Божјото управување со светот:

она што е допуштено по Божја волја, а нам ни се чини дека не води кон добро, Бог го доведува до најдобар крај, според Својата неизречива премудрост и правда.

Со допуштање на противзаконски дела и тажни случувања Бог понекогаш беззакониците ги претвора во свои најчесни пријатели. Според Божјата Промисла, која се насочува кон најдобар крај, злобните помисли против некого често се претвораат во негова корист и чест;
нападите и навредите кон некого често ја зголемуваат неговата сила.

Најголемите беззаконија на нечесните луѓе утврдуваат многумина во побожноста и добродетелите и ги чуваат од погибел.

За многу луѓе, за кои сметаме дека се потполно паднати, се покажува дека низ самото тоа тие се веќе спасени…“