– Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

Вие, кои го изучивте основното учење, ред е да се запознаете и со останатото, повисокото поучување.

Има пост нетелесен, има нематеријално воздржување кое се однесува на душата – тоа е воздржување од зло, заради кое е востановено воздржувањето од јадење и пиење.

Воздржувајте се од завист и од злоба, воздржувајте се од посакување на туѓото!

Избегнувајте ја нечесната печалба,

умртвувајте ја страста на среброљубието,

не ги украсувајте куќите со килими и мебели придобиени со насилство и грабеж.

Зашто, каква полза има да не јадеш месо, а да го јадеш брата си со злоба?
Каква придобивка има од тоа да не го јадеш своето, а да брзаш кон туѓото?

Какво е тоа благочестие: да пиеш вода, а да копнееш за крв?

И Јуда постел со единаесетте, но кога не го скротил среброљубието, не постигнал никаква полза од воздржувањето.

И ѓаволот не јаде, зашто е бестелесен дух, но поради злобата се струполил од височината.

Ѓаволите никој не може да ги обвини за прејадување или пијанство, зашто природата им е туѓа кон секое јадење и пиење, но тоа не им пречи ден и ноќ да го крстосуваат воздухот и земјата како слуги на злобата и војници на злото против нас.

Љубомудрието нека биде раководство за животот на христијанинот и душата нека ги избегнува пристапите на злото, зашто ако се воздржуваме од месо и вино, а грешиме со срце и волја, однапред сведочам и претскажувам, никаква полза нема да ни причинуваат водата, овошјето и посната храна штом немаме внатрешно расположение кое ќе одговара на надворешната устроеност.

Постот е поставен за чистота на душата.

Но, ако тој се осквернува од спротивен род, од разгневеност и дела, напразно ја испиваме водата што ја пиеме.

Каква полза од телесниот пост, ако умот е нечист?

Каква полза, ако кочијата е здрава и устроена, а кочијашот е болен?

Каква полза, ако коработ е солиден и устроен, но кормиларот е пијан?

Постот е основа на добродетели кои тежнеат кон спасение.

Преподобен Гаврил Светогорец, Епископ Велички

Претходна статијаЧУДО НА СВЕТИ СПИРИДОН ТРИМИТУНТСКИ
Следна статијаАко младата сопруга беше влегла во положбата на својата свекрва… (поука Ст. Пајсиј)