Што претставува Библијата (Светото Писмо)?
Зборот Библија потекнува одгрчкиот збор ήβίβλος што значи папирусна трска „библиа” (βιβλία), кој во демунитив е βίβλίον (книгичка), а во множина βιβλία – книги[1]. Светото Писмо е сочинето од Стар и Нов Завет.
Стариот Завет брои 39 протоканонски книги и 11 анагиноскомене[2] (ἀναγιγνωσκόμενα): Товит, Јудит, Премудрост Соломонова, Премудрост Сирахова, Варух, 1, 2 и 3 Макавејска, Послание Јеремиино, 2 и 3 Ездра, а во Новиот 27, значи вкупно 77 на број.
Овие книги се наречени дефтероканонски во 1566 год. на Запад од страна на теологот Сикст Сиенски во Bibliotheca Sacra[3], кој бил преобратен од Јудаизам во Римо-католицизам, со цел да ги означи оние книги кои ги имало во Септуагинтата, а ги немало во Еврејскиот канон на Стариот Завет.
СтариотЗавет е пишуван воглавно на еврејски јазик, со мали делови на арамејски јазик, а Новиот – на елински јазик.
При пишувањето на Новиот Завет, биле користени само големи букви од грчката азбука, без простор меѓу зборовите и без интерпункциски знаци [4]. Практично, во македонски превод, тоа би изгледало вака:
ВОПОЧЕТОКОТБЕШЕСЛОВОТОИСЛОВОТОБЕШЕВОБОГАИСЛОВОТОБЕШЕБОГ (Јован 1:1).
Малите букви и одделувањето на зборовите започнале да се употребуваат во IХ век, а интерпункциските знаци се воведени во ХV век.
Денешната поделба на глави била направена на Запад од кардинал Гугон во ХIII век, а разделувањето на стихови – од парискиот типограф Роберт Стефан во ХVI век.
Овде се наметнува прашањето:
Кога се вметнувале интерпункцискитезнаци, од каде се знаело дали е точно направена распределбата?
Односно, од каде знаеме дека нашата позната Библија, која исповеда дека Исус Христос е Господ и Бог, е точната верзија, а не онаа на Јеховините Сведоци, каде стои дека Исус Христос е Божја творба?*
Таканареченото „Изборно евангелие” и Апостол од грчки на црковно-словенски го превеле светите браќа Методиј и Кирил пред поаѓањето на Моравската мисија, а останатите делови на Новиот и Стариот Завет ги превеле заедно со нивните ученици.
Автори на Евангелијата
Од самите Евангелија и посланија јасно е дека Господ Исус Христос, додека проповедал на земјата, не запишал ниту еден единствен збор.
Значи, автори на Светото Писмо (станува збор за Новиот Завет) се апостолите раководени од Бог Свети Дух.
Евангелијата, четири на број, се книги кои спаѓаат во Новиот Завет и тие се напишани од страна на четворица апостоли, наречени евангелисти – Матеј, Марко, Лука и Јован. Апостолите Матеј и Јован биле меѓу првите директни ученици Христови, а Лука се верува дека Го сретнал Господ подоцна и не бил со Него отпочеток, та затоа тој своето евенгелие го започнува со зборовите:
“Бидејќи мнозина се обидоа да пишуваат за настаните што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и служители на Словото, намислив и јас, откако испитав се’ од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле, за да ја препознаеш веродостојноста на учењето, на кое си се учел” (Лука1:1-4).
Во овие негови зборови може да се види дека многумина пишувале за случувањата во тоа време и дека најчесто тоа било според преданието од страна на очевидците – првите Христови апостоли.
За апостол Марко се знае дека за Господовото учење дознал од неговиот учител – апостол Петар, што значи дека тој не бил во директен контакт со Господ Исус Христос.
Значително е да се забележи дека дури и некои од светите писанија на Новиот Завет се запишани според СветотоПредание – како што е пренесено[5].
Временски период на пишување на Евангелијата
Сите овие апостоли евангелијата ги напишале на барање или со посвета на верниот народ, а времето на нивното творење не може да биде со сигурност одредено, така што повеќето од истражувачите даваат различни датуми.
Исто така, треба остро да се нагласи дека ниту еден од евангелистите не бил потпишан како автор на Евангелијата т.е. тие биле анонимни, немало назначено Евангелие по Марко, Евангелие по Матеј итн., туку само текстот, препишан, се пренесувал од рака на рака и се читал таков каков што е – без потпис (имињата на авторите ги ставиле Светите Отци раководени од Светиот Дух и инспирирани од Светото Предание на Црквата, кога на соборите одредувале кои писанија ќе влезат во канонот на Новиот Завет).
Воедно и многу работи не се запишани целосно во Евангелијата (види Јован 21:25)[6].
Матеј евенгелието го напишал на барање на ерусалимските христијани Евреи во периодот меѓу пред 50-тата година по Христапа се’ до 80-тата год. по Христа[7];
Марко евангелието го напишал по барање на верниот народ од Рим и според Лука 13:2 (бидејќи храмот во Ерусалим бил разрушен во 70год. после Христа) се претпоставува дека тоа било пишувано во периодот меѓу 65-тата и 70-тата год. по Христа[8],
Лука го пишувал за Теофил[9] и се верува дека тоа произлегло од неговото перо во периодот меѓу 60-100 година, а Јован евангелието го напишал по барање на верниот народ од Ефес[10] во периодот меѓу 80-100 год.
(некои истражувачи даваат мислења дека тоа можеби е напишано и порано од 80-тата година по Христа).
Значи, од Христовото воскресение, па сé до комплетирањето на четирите евангелија, поминале најмалку 50 години.
Што се случувало во тој период?
Од каде верните христијани, чиј број секојдневно растел, знаеле каква е Христијанската вера, кога тогаш воопшто не биле комплетирани Евангелијата, а пак да не зборуваме за Новиот Завет на Светото Писмо? *
Продолжува…
[1] Online Etymology Dictionary – Douglas Harper
[2] Анагиноскомене – книги добри за читање.
[3]Cambridge Histories Online – The Apocrypha and Pseudepigrapha of the Hellenistic period
[4]A Grammar of New Testament Greek, Volume 2 By James Hope Moulton,Wilbert Francis Howard, Nigel Turner
[5] Исто така, Светото Предание може да се уочи и во Стариот Завет, бидејќи од времето на Адам, па сé до Мојсеј не постоеле свети книги и верата се пренесувала усно, по пат на Предание.
[6] Јован 21:25 А има и многу други работи што ги изврши Исус и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги.
Амин!
[7] Има основа да се верува дека најпрво тоа било напишано на еврејски јазик, а подоцна е преведено на грчки јазик па дури и од самиот св. апостол Матеј, за што има сведоштво од страна на св. Папиј, епископ Ераполски (апостолски ученик, прва половина на II век- околу 150 год.) и св. Иринеј Лионски (+202) – ученик на св. Поликарп Смирнски, кој, пак, бил ученик на св.ап. Јован.
[8] Св. Папиј Ераполски (апостолски ученик, прва половина на II век – околу 150 год.), св.Јустин Философ (100-165 год.) и св. Иринеј Лионски (+202) сведочатдека св. Марко евангелието го напишал според зборовитена св. ап. Петар,а св. Климент Александриски потврдува дека тоа е запис на усната проповед на св. ап. Петар.
[9] Според Климент Александриски (150 -215 год.), Теофил бил богат и познат жител на Антиохија (Сирија), кој ја исповедал Христовата вера и неговиот дом служел како храм на антиохиските христијани.
[10] Преданието говори дека Ефеските Христијани побарале од св. Јован да ги дополни првите три Евангелија, а тој, потврдувајќи ја нивната веродостојност, заклучил дека треба да седодадат и други работи, особено за да се акцентира учењето за Божеството на Господ Исус Христос, за со тек на времето луѓето да не почнат да го сметаат само како Син Божји, но не и како Бог.
Тоа било неопходно особено поради ересите кои започнале да се појавуваат во тоа време, кои ја негирале Божествената природа на Господ – евионитите, ереста на Керинт и гностиците.
За тоа говори св. Иринеј Лионски (+202).
Од фб. профилот на Аргирета Атева