0. МАКАРИЈ АЛЕКСАНДРИСКИ

Соподвижникот на Макариј Египетски во делата на верата, кој го носеше истото чесно име, светиот Макариј Александриски, беше презвитер во таканаречените Ќелии, кога дојдов кај него.

Во овие Ќелии поминав девет години, од кои три ги поминав во безмолвие co блажениот Макариј.

Некои негови дела и знаменија и самиот ги видов, за некои, пак, дознав од оние што живееја заедно co него, а за останатите ги слушнав од многу други.

Еднаш свети Макариј видел кај отецот Антониј набрани палмови гранчиња (од кои плетел кошници) и му побарал еден врзоп. А Антониј му рекол:

“Напишано е: ,Не пожелувај ништо што е на твојот ближен'” (2. Мој. 20,17).

И штом го изрекол тоа, гранчињата, како од оган, веднаш се исушиле. Кога го видел тоа, Антониј му рекол на Макариј:

“Ете, врз тебе почива Духот, и ти ќе бидеш наследникот на моите добродетели”.

И повторно во пустината, еднаш ѓаволот го нашол светиот Макариј, телесно многу заморен, и му рекол:

“Аха, ти ја доби благодатта на Антониј, тогаш зошто не се користиш co
тоа предимство и не побараш од Бога храна и сила за патувањето?”

Макариј му одговорил:

“Силата моја и славата моја е Господ. Ho, ти не ќе го искушуваш слугата Божји”.

Тогаш ѓаволот направил видение: како една камила лута низ пустината, натоварена co сето она што е потребно. Здогледувајќи го Макариј, камилата запрела пред него.

А светителот, пак, насетува]ќи дека тоа било видение (како и што било), започнал молитва и камилата веднаш пропаднала во земјата.

Еднаш Макариј се состанал со Макариј Велики (Египетски) и бидејќи требало да се превезат преку Нил, влегле во една лаѓа, во која влегле и некои трибуни co голема раскошност:

нивните кочии биле оковани co бакар, а коњите имале златни узди; co нив имало некои војници – телохранители, и некои деца – украсени co ѓердани и златни појаси.

Кога трибуните ги здогледале во аголот двајцата монаси, облечени во партали, започнале да ја фалат нивната простота; а еден од трибуните им рекол:

“Блажени сте вие што светот го презревте”.

Макариј Александриски им одговорил:

“Да, ние светот го презревме, а вас светот ве презира. Знај дека овие зборови ти не ги кажа од своја волја туку пророчки, бидејќи ние двајцата се викаме Макариј (блажени)”.

Трибунот, пак, поразен од овие зборови, штом се вратил во својот дом ја соблекол од себе световната облека та, посветувајќи се на монаштвото, направил многу милосрдни дела.

Еднаш му испратиле на Макариј еден грозд свежо грозје, бидејќи многу му се јадело грозје. Но, покажувајќи воздржување, тој го испратил на еден брат, кој бил на работа, кому исто така му се јадело грозје.

Братот со голема радост го примил грозјето и сакајќи да го скрие своето воздржување, го испратил на друг брат, како самиот да не го сакал грозјето.

Но и тој постапил исто, иако и самиот многу сакал да го изеде. Ha тој начин, грозјето дошло во рацете на многумина браќа; но никој не сакал да го изеде. Најпосле, последниот брат, примајќи го грозјето, го испратил повторно на Макариј ако голем дар.

Макариј го познал грозјето и, распрашувајќи се што се случило, се зачудил и My се заблагодарил на Бога за големото воздржување на браќата, така што и самиот не сакал да го изеде.

Такво било подвижништвото на големиот Макариј, на кое jac, и мнозина други, кај него се учевме.

Кога ќе слушнеше дека некој направил некаков особен подвиг и тој неизоставно co жар го правеше.

Така на пример, кога од некого слушнал дека тавениските монаси јадат само неварена храна во текот на целата Четириесетница, овој светител одлучил седум години да не јаде ништо што е подготвено на оган, туку да се храни само co свежо овошје, или расипан грав.

И во текот на тие седум години ништо друго не вкусил. Откако го извршил овој подвиг, тој го напуштил таквиот начин на живеење.

И кога овој прекрасен монах разбрал за некој друг монах дека јаде по четврт оки леб, тој донел одлука и во тоа да се угледа на него. Така го искршил лебот на парчиња и ги ставил во едно грне, одлучувајќи да јаде само онолку колку што ќе може да зафати co раката.

Тоа било големо мачење на телото. Шегувајќи се на своја сметка, тој ни велеше:

“Се случуваше да извадам повеќе парчиња co раката, но тесното грло не ми даваше да ги извлечам, бидејќи моето грне, како цариник, не ми дозволуваше да јадам”.

Цели три години тој се подвизувал во такво воздржување, јадејќи по четврт оки леб и пиејќи исто толкаво количество вода. A масло за јадење, во целата година, употребувал нешто повеќе од сто грама.

Еве уште еден подвиг на овој јунак. Овој дијамант одлучил да го совлада сонот. И тој вака раскажуваше за тоа:

“Цели дваесет дена и ноќи јас не влегував под покрив, за да го победам сонот. Bo денот ме печеше сончевата жештина, а во ноќта се вкочанував од студенилото”.

Уште велеше: “Ако не заминев набрзо под покривот и не се закрепев co сон, мојот мозок така ке се исушеше што сигурно за навека ќе полудев.

Bo секој случај, бидејќи зависеше од самата природа, на која и’ е потребен сонот, јас отстапив”.

Еден ден, наутро, дури светиот Макариј седел во својата ќелија, еден комарец му застанал на ногата и го каснал. Почувствувајќи болка, тој го убил co раката, бидејќи комарецот се напил co крв.

Ho, веднаш потоа тој започнал да се кае за својата одмазда, осудувајќи се вака за сторениот грев:

шест месеци гол да седи во мочуриштето во Скитот, кое се наоѓа среде пустината. Таму комарците се како оси и ја прободуваат дури и кожата на дивите свињи.

Комарците толку го избоцкале и искасале по телото, така што некои помислиле дека е лепрозен. A пo шест месеци кога се вратил во својата ќелија, само според гласот го познале дека тоа е господинот Макариј.

Еднаш посакал блажениот Макариј, како што самиот ни раскажуваше, да отиде да го види гробот на Јан и Јамвриј, маѓепсници кои живееле во времето на фараоните, за да се сретне co тамошните демони.

Бидејќи се раскажуваше дека овие двајца маѓепсници, преку силата на своите волшепства, го населиле тоа место co многу демони, и тоа многу лоши.

Оваа гробница ја беа подигнале браќата Јан и Јамвриј, кои поради својата извонредна маѓепсничка вештина, во тоа време ги заземале првите места крај фараонот.

Имајќи голема власт во Египет за време на својот живот, тие изѕидале зграда од четвртасти камења, направиле во неа гробница и ставиле многу злато.

Притоа насадиле разновидни дрвја, зашто местото било мочуришно, и ископале голем бунар. И сето тоа го направиле надевајќи се дека по смртта ќе уживаат во ваквата прекрасна градина.

Бидејќи слугата Божји Макариј не го знаел патот до тоа место, тој се управувал според ѕвездите, како што прават морепловците. Така светителот ja поминал целата пустина.

Co себе, пак, зел и врзоп трски, па на секоја милја забодувал по патот по една трска, за да знае да го пронајде патот при враќањето. Откако така за девет дена ја поминал целата пустина, тој се приближил до градината, но бидејќи веќе настапила ноќта, тој малку задремал.

Тогаш злобниот демон, кој секогаш војува против Христовите подвижници, дури Макариј спиел на една милја од гробницата, ги собрал сите трски, ги ставил крај главата на Макариј и исчезнал.

Кога се разбудил светителот ги нашол сите трски, кои по патот ги забодувал да му служат како патоказ, собрани на едно место.

Можеби тоа Бог го дозволил, повикувајќи го Макариј на поголеми подвизи, за да не се потпре на трските како патоказ, туку на благодатта на Бога, Кој како огнен столб го водеше израилскиот народ четириесет години по страшната пустина.

Кога се приближив до гробницата, кажуваше светителот, од неа пред мене излегоа седумдесет демони во разни обличја: едни викаа, други скокаа, трети луто чкртаа co забите на мене, а четврти како крилати гаврани ми летаа пред лицето, велејќи:

“Што сакаш, Макариј? Што сакаш, монаху? Зошто доаѓаш кај нас?

Да не сме мачеле некои монаси? Ти, заедно co слични на тебе монаси, завладеа co нашата пустина и оттаму ги протеравте нашите сродници. Ние немаме ништо заедничко co тебе. Зошто доаѓаш во нашево место?

Како отшелник, биди задоволен co пустината. Оние, кои го уредија ова место, нам ни го предадоа. Ти не можеш да останеш овде. Зошто бараш да влезеш на овој имот, во кој ниту еден жив човек нема влезено, откако ги закопавме браќата кои го уредија?”

И уште многу вревеа и се жалеа демоните, но jac им реков:

Ќе влезам само да разгледам, па ќе излезам. A демоните рекоа:

“Вети ни го тоа, според својата совест”.

Слугата Христов им рекол: “Ветувам”.

И штом влегов внатре, раскажува светителот, јас разгледав сѐ, и помеѓу другото забележав едно бакарно ведро (веќе за’рѓано), обесено на железен ланец над бунарот, и неколку парчиња портокали, одвнатре потполно празни, исушени од сонцето”.

Потоа спокојно излегувајќи оттаму, светителот за дваесет дена се вратил во својата ќелија. Меѓутоа, кога му снемало леб и вода, кои ги носел co себе,тој се нашол во голема неволја, бидејќи патувајќи по пустината, тој тие денови речиси ништо не вкусил.

Можеби co тоа бил искушуван во своето трпение, како што всушност се покажало. Кога тој речиси потполно се истоштил, му се појавило нешто, како што самиот раскажуваше, во облик на девојка, облечена во чиста облека, која држела една стомна од кoja капела вода.

Таа била далеку од него, велеше Макариј, околу еден стадиј; и тој чекорел три дена, гледајќи ja како co стомната стои и го повикува, но никако не можел да ja стигне, како што се случува во сонот.

Во надеж дека ќе се напие вода, тој храбро го поднесувал заморот. Потоа се појавиле повеќе биволици (а нив ги има многу во тие места) и една од нив, која имала малечко биволче, застанала наспроти монахот, а од нејзиното виме течело млеко.

“Јас и’ пријдов, велеше Макариј, и се напив млеко. A Господ, за да ми ja покаже уште повеќе Својата милост, давајќи поука на мојата малодушност, и’ нареди на биволицата да ме следи до мојата ќелија. И таа, послушна на наредбата, одеше по мене, хранејќи ме co млеко и не дозволувајќи му на своето биволче да цица”.

При една прилика, кога овој добродетелен човек копал еден бунар за монасите, близу до едно место полно co лисја и џбунови, го каснала апсида. Ова, пак, животинче има смртоносен отров.

Светителот ja фатил апсидата co двете раце за нејзината челуст и ja растргнал велејќи:

“Кога не те пратил мојот Господ, како се осудуваш да ми пријдеш?”

Ќе продолжи…

Пренесено од книгата “Лавсаик” од Паладиј Епископ Еленополски

Подготви Мина Даниловска

Претходна статијаШто е тоа смирение? (Старец Јосиф Ватопедски)
Следна статијаСв. Порфириј Кавсокаливит – Животот без Христа не е живот!