ЧУДО 54.
За една жена што воскреснала и си го исповедала тајниот грев
Имало една добродетелна жена, која живеела со мажот во својот дом како во манастир, одела редовно в црква, ги помагала сиромасите и правела многу добри дела.
Меѓутоа, направила еден голем грев заради кој многупати одела кај исповедник, но од срам не го кажувала, а само и се молела на пресвета Богородица да и го опрости гревот и умрела без да го исповеда.
Бидејќи нејзината ќерка не стигнала за погреб, роднините ја држеле три дена незакопана.
На третиот ден ја однесле в црква и кога се извршило опелото, за големо чудо Божјо, станала мртвата во носилото и кога седнала, рекла:
„Голема е твојата сила Секогашблaжена Дево Владичице!”
Потоа, го повикала духовникот и почнала да го исповедува својот таен грев, говорејќи гласно пред сите:
„Јас бедна и безумна, ми беше срам да исповедам еден грев, за кој многупати се каев, плачев и и се молев на Мајката Божја да ме помилува за да не се мачам поради него.
Но, кога излезе окајаната моја душа, ѓаволите ми го покажаа тој грев, се радуваа и ме одведоа во местото на маката каде што е длабока темнина и неутешлива болка, бидејќи мислеа дека сум нивна.
Меѓутоа, во тој час се појави Помошницата на грешните и Царицата на ангелите, која светеше со неискажлива светлина, па му рече на ѓаволот:
„Како си смеел да ја земеш таа душа без Божја дозвола?”
Потоа ме зеде за рака и ме одведе при Праведниот судија за да виде што ќе ми каже и по патот ми зборуваше:
„Не бој се, ќерко! Јас сум твоја помошничка”.
Кога стигнавме до Владиката, Христа, Кој седеше на еден висок престол,Тој ме погледна строго и сакаше да ме осуди на вечна мака, но Владичицата Му рече со умилно лице:
„Се молам на Твојата благост, Семилостив Сине и Боже Мој! Заради Твоето милосрдие и заради Твојата пречиста и многуценна крв, што Си ја пролеал за грешните, прости и на оваа жена, бидејќи знаеш колку љубов и почит имаше кон мене, колку солзи пролеала пред мојата икона и колку многу се каела за својот грев.”
Тогаш Исус и одговори:
„Знаеш ли, возљубена Мајко, дека никој не може да се спаси без исповед, а таа не сакаше да се исповеда, па затоа нема да и` простам; во вечната мака покојание нема”. –
„Навистина е така, рече Владичицата, без светата тајна исповед никој не може да се спаси, но Ти си Владетел на животот и на смртта, Ти судиш и се можеш да направиш.
Те молам, смилувај се на неа!”
А Тој и рече: „За да не Те ожалостам, о Мајко?
И заповедувам на душата да отиде во телото и според законот да си го исповеда гревот и тогаш да и биде опростено”.
Кога го рече тоа Владиката, ангелот пазител ми ја донесе душата и јас оживеав. Но по неколку часа пак ќе умрам, но ве молам, мои роднини и пријатели и тебе, мила ќерко, да не плачете, зашто кои плачат за умрените, многу грешат.
За умрените треба да се служи литургија, да се чита псалтир и да се дава милостина, а не да се плаче.
Исто така, ве молам, да се чувате од грев и да си ги исповедате искрено и најмалите гревови зашто без исповед нема спасение”.
Кога го рекла тоа, се упокоила во Господа, Кому нека Му е слава во веки.
Амин.
Извор: