Што е тоа смирение?

Одговорот на ова прашање ги надминува човечките сфери и критериуми за разбирање.

Тоа едноставно не е добродетел, која би се нашла во сферите на чевечките поимања, туку нешто натприродно, што може да му се опише само на оној, кој е просветлен со сјајот на Божјата благодат.

Смирението е лик и подобие на Божјите особини и тие кои го достигнале обожението праведно го нарекувале „Божјо дејство“.

Смирението е основа за неподлегнување на страстите, печат на совршенството, состојба на човековата непроменливост, и многу други нешта, својствени за Божјото сесовршенство.

Во сѐ, во што се појавува Божјата величественост, секогаш благоуха смирението, заради што праведно е речено, дека:

„Бог на смирените им дава благодат“.

Со доаѓање на проклетиот егоизам и лепрозното високоумие – сатански болести, кои се погубни за самиот него, – човековата природа била поразена. Оттаму произлегува, дека не е залудно што Бог се противи на гордите, и дали ќе се одржи таму каде што е Тој, Кој ја опфаќа вселената, некој кој противдејствува?

Смирението прилега и ги следи сите особини на Бог Седржителот. Со нив се запечатува законот и тие се причина за непроменливост и полнота на Божјата волја и сеспасувачката Промисла.

Како доказ за полнотата на таа Божја особина служат Неговите сопствени зборови, дека Бог е: „кротко и смирено срце“.

Но, ако Самиот Бог признава дека Тој е со смирено срце, зарем тогаш тоа не значи, дека смирението може да биде својствено за секоја разумна личност, и така не е туѓо за нашата природа, туку претставува суштина на животот?

Некој може смирено да размисли, дека ако изопачувањето ги уништило чудната и пресветла ангелска убавина и достоинство, не значи ли тоа, дека смирението не е само некоја надворешна форма и прилагодување, туку човечко својство и суштина?

Еве каде е решението на прашањата, зошто човекот отстапил од Бога и паднал? Корен и почеток на секој пад или грев е отсуството на смиреномудрие.

Последици на отфрлувањето на смиреномудрието, во кое живее Бог и Неговата волја се: користољубието, своеглавоста, самозадоволството, независноста, непослушанието, анархијата и слични на нив појави на егоцентризмот.

Ако ни е откриено дека Бог по Својата природа е смирен, тогаш веќе нема место за прашања, зошто смирението е неопходно за развратниот свет да се исцели и доведе во рамнотежа?

На оние кои ја чувствуваат сопствената немоќ и доживуваат неуспеси, им советувам што побрзо да прибегнат кон смиреномудреност, како во мислите, така и во постапките, и тогаш ќе си  вратиме сѐ што сме изгубиле и нема бесцелно да скитаме по морето на апстрактните и сатански учења, кои раѓаат смрт.

Милиони од оние, кои се подвизувале во крвен и бескрвен подвиг, како што ни е познато од историјата на Црквата, постапувале во сѐ со смирение, подражавајќи Го нашиот Сладок Спасител.

Оние, кои сакаат да се вратат во Небесниот град, чиј Создател е Бог, нека го прегрнат блаженото смиреномудрие, кое ќе ги преобрази и ќе ги направи наследници на вечноста.

Старец Јосиф Ватопедски

Претходна статијаСВЕТИТЕ ВЕЛИКИ И РАМНОАПОСТОЛНИ ЦАРЕВИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА!
Следна статијаПодвижништвото на големиот Макариј Александриски!