ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
+++
ЧУДО 66.
За две деца што биле затрупани од куќа и се најдени живи
+++
Во мај 1507 година, по раѓањето на Христа, на островот Крит се случил силен земјотрес, од кој пострадале голем број згради. Таму во некој дуќан, што бил надвор од градот, имало икона на света Богородица, пред која сите слуги секоја вечер палеле свеќи и кандила пред да отидат на спиење.
Во ноќта кога бил земјотресот, во дуќанот оставиле да спијат две деца. По земјотресот, мајсторот веднаш отишол да ги извади децата, но кога видел дека дуќанот е урнат, помислил дека тие се загинати, па почнал да ги бара за да ги извлече.
Барајќи така, чул како зборуваат под еден камен, па ги извадил и ги прашал како останале живи.
Тие му одговориле:
„Кога се тресеше земјата, ние стоевме пред иконата, плачевме, и се молевме на света Богородица да ни помогне.
Тогаш видовме како од иконата излезе еден покров, кој се простре над нас и не им дозволуваше на камењата и на дрвата да паднат на нас.
Потоа ни се јави света Богородица и ни велеше:
Не бојте се, чеда! И ние ја гледавме се додека ти не не извади”.
Кога го чул тоа мајсторот, ги прославил Бога и света Богородица и раскажувал за тоа чудо по целиот град.
Тамошниот судија Ероним, кога разбрал за ова, изградил црква на тоа место каде што била иконата и оттогаш секоја година на тој ден се празнува споменот на тоа чудо.
А иконата со силата на света Богородица прави многубројни чуда дури до денешниот ден.
Слава на нашиот Бог во веки. Амин.
+++
ЧУДО 67.
Како света Богородица излекувала еден човек што паднал од карпа и се повредил
+++
На островот Крит има и друга чудотворна икона на света Богородица во митрополијата на светиот апостол Тит, која и денес прави разни чуда.
Таа икона секоја среда ја изнесуваат на едно место: протопопот, протопсалтот и множество народ, од кои повеќе се жени, па одат кон „Свети Марко” со литија, а литургија извршуваат секоја недела во друга црква.
Од многубројните чуда што ги направила таа икона е и следното.
Некој војник, по име Јован, имал голема љубов кон света Богородица, па често одел во црквата „Свети Тит” и се молел со големо смирение и ревност.
Еднаш, во 1599 година по Христа, во месец април, кога бил на стража ноќно време, за несреќа, тој паднал од карпата „Свети Петар”, која била висока околу 10 растега и си ги скршил сите коски, та не можел да стане, ниту да зборува.
Утрото кога го виделе, го однесле во болницата „Свети Петар” за да го погребат, ако умре, затоа што сите мислеле дека нема да живее.
Но, по малку време, тој проговорил и рекол да му го подадат ќесето, во кое имало малку пари, па ги дал на еден свештеник за да му чита молбен канон на Пресвета Богородица.
По завршувањето на канонот, го кренале и го однесле во црквата „Свети Тит”, каде што лежел целиот ден пред иконата на пресвета Богородица, а вечерта клисарот, кога сакал да затвори, го изнесол пред црквата, затоа што имале обичај да не оставаат ноќе никого внатре.
И така, војникот лежел надвор цела ноќ и се молел на света Богородица да го излекува.
Околу полноќ, тој заспал малку и ја видел во сон света Богородица, која му рекла:
„Ете, веќе си здрав, прослави го Бога”.
Кога се разбудил, станал на нозе наполно здрав.
Утредента клисарот го видел и му јавил на митрополитот. Тој ги повикал оние што го однесле во црквата да му кажат за случајот на болеста.
Кога ја чул вистината, го напишал овој чуден настан за спомен. Потоа заповедал да ја изнесат таа света икона и ја носеле три дена со литија низ градот.
А тој, одејќи со нив, со висок глас проповедал за величието на Мајката Божја.
И не само ова чудо, но станувале и многу други, па од сите страни донесувале болни и се излекувале со помошта на света Богородица, на која и прилега слава.
Амин.
+++
ЧУДО 68.
За чудотворното дејство на кладенецот во Трапсана
Во селото Трапсана, на островот Крит, се наоѓа црква посветена на Мајката Божја, оддалечена од селото колку да фрлиш камен, се вика „Госпоѓа Кладезница”, бидејќи пред црквата има еден длабок бунар, преку кој света Богородица прави разни чуда.
Од тој кладенец лее вода целото село и одвечер му ја исцрпуваат целата вода, а наутро пак го наоѓаат полн. Тој многупати бил загадуван затоа што нивото на водата е рамно со земјата, па многумина паѓале во него; но пак го одградуваат за да леат вода и кога ќе почнат да се туркаат кој попрво да налее, паѓаат внатре.
Меѓутоа, кога ќе падне некој, истиот час водата нараснува и паднатиот го исфрла жив и здрав.
Впрочем, има многу води по разни места, што имаат лековито дејство, но водата од овој кладенец не дејствува по природа, а со силата на света Богородица.
Оваа вода ја нашле кога ја реконструирале црквата, бидејќи била многу стара, а во слава на Бога и на света Богородица.
Извор: