Придржувајќи се до зборовите на светите Отци, ние секогаш се потсетуваме дека постот не е само воздржување од мрсната храна, месото и млечните производи.
Некои верници многу строго се држат до овој пост, и тоа е добро, но не е доволно.
Должни сме физичкиот пост – одрекувањето од храната – секогаш да го дополнуваме со она што претставува негова суштина, односно она најважното во него, а тоа е одрекувањето од злото.
Треба да се пости со целото свое битие, така што сѐ: и очите, и умот, и устата, и рацете, и нозете да се воздржуваат од злото. Ако успеете овој душевен пост да го усогласите со телесниот, тогаш тоа е она што Бог го сака од нас.
Меѓутоа, ако ние го држиме само телесниот пост, а за другиот – душевниот не се грижиме, тогаш нашиот пост ќе биде бескорисен, односно – ние работиме, но не добиваме плата.
Затоа би било добро да се посвети внимание на страстите кои го преплавуваат и нарушуваат нашиот внатрешен живот.
Ако ние сме конфузно расположени, тогаш ги збркуваме и оние околу нас, и често нашиот живот се претвора во пекол.
Тоа се однесува на целиот наш земен живот: скандалите во семејството, на работа, секаде; сите можни конфликти кои се последици на: aмбицијата, гневот, нервите итн.
И затоа во овие посни денови кои претстојат, оној кој е во состојба да го држи телесниот пост, треба да го држи, и тоа многу добро, но тој подвиг треба да биде пропратен и со душевниот пост, како и со внимание кон сето она што го вознемирува нашиот внатрешен и надворешен живот.
Гневот претставува една од страстите кои дивеат во нашиот живот, а караниците и конфликтите одат рака под рака со нив, понекогаш навлегувајќи многу длабоко.
Како последица на гневот, ако не успееме истиот ден да се смириме со оние со кои сме се скарале, во нас се вселува многу опасна страст – злопамтењето.
И ти го носиш тоа злопамтење во себе; не можеш да се молиш, а во умот си во постојан дијалог со оние со кои си се искарал. Тука е и оној другиот кој, исто така, е лут на тебе и чувствува гнев.
Тој еден миг гледа настрана, потоа го симнува погледот долу, тешко му е или непријатно да те погледне бидејќи си ги повредил неговите чувства, а и кај тебе е исто.
Затоа и кажува неразумниот гнев, дека злопамтењето е едно од неговите родени деца.
„Омраза кон праведноста, пропаст на добродетелите, отров за душата, црв во умот, посрамотени молитви“…
Зошто посрамотени? Затоа што ти Му се молиш на Бога да ти прости, а самиот не простуваш! И би требало да ти е срам да молиш Бог да ти прости, а ти во исто време да си му лут на својот ближен.
„Прекратување на молењето“ – затоа што кога се молиш, ти бараш Бог да го запре твоето молење.
Немаш право да ти се прости, ако самиот не простуваш…
Архимандрит Софијан Богиу
Иззвор: МПЦ