Јеромонах Атанасиј Арсоски

СВЕТОСТА – ЦЕЛ НА НАШИОТ ЖИВОТ

Ретко може да се сретнат луѓе, кои се учители на возвишени идеи, а истите целосно да ги применуваат во својот секојдневен живот.

Само кај Божјите светители забележуваме потполна усогласеност помеѓу теоријата и праксата. Тие поучуваат делувајќи.

Нивните зборови произлегуваат од полнотата на нивното срце, од љубов кон Бога и кон луѓето. Христовата порака:

„Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ , претставува императив за секој христијанин.

Заеднички карактеристики на сите светители се:нивната православна вера и нивниот личен опит на Бога.

Вистнскиот опит се пројавува кај човек, кој е жив член на телото Христово – Црквата. А тоа подразбира активен литургиски и подвижнички живот. Тие два аспекти од црковниот живот се нераскинливо поврзани.

За автентичен подвижнички живот и опит на Бога е неопходно целосно следење и живеење на преданието на Црквата. Тоа предание е всушност дејството на Светиот Дух низ сите векови.

Под подвижнички живот се подразбира борбата за преобразување на егоизмот во нелицемерна и несебична љубов. Без Христа не можеме да направиме ништо , па затоа за плоден подвижнички живот е потребно активно учество во Светите Тајни на Црквата, а особено во светата Литургија.

Така, личниот опит на светителите станува соборен опит на целата Црква. Личноста се преобразува и се осветува целосно, а не само некои нејзини ставови или мисли.

Затоа светоста претставува преродување на целокупното човечко битие. Еден од белезите на тоа преобразување се и светите мошти, кои се показател за интегралното осветување на човекот – и на душата и на телото.

Божјата благодат, преку душата се пренесува и на телото, и само тогаш можеме да зборуваме за постоење на целокупно изградена и созреана личност.

Светителите немаат обичен сентиментално – психолошки опит, туку имаат внатрешен живот, што се изразува преку: мирна состојба на нивната душа, љубов кон Бога и кон луѓето, непрестајна молитва и најдлабоко смирение.

Животот на светителите не претставува обично следење и применување на христијански етички кодекс на однесување. Добродетелите не се поттикнати од желба за исполнување на етички норми, ниту, пак, се манифестација на истите.

Животот во Христа е исполнување на целта на нашето постоење, чиј темел е стекнувањето на несебичната и безрезервна љубов кон Бога, кон луѓето и кон целокупното создание.

Сето тоа се случува во просторот на срцето. Штом ќе се преобрази егоизмот во љубов, тогаш во отвореното срце изобилно се излева Божјата благодат, која го прави човекот интегрален и ориентиран кон целта што му е наменета.

Патот на ова преобразување е истовремено и тежок и лесен. Тежок е кога ќе се соочиме со неопходноста од распнување на себељубието, а лесен е затоа што очистувањето на срцето и осветувањето на човекот е дејство на Светиот Дух.

Но, сепак потребен е труд, напор, подвиг, па затоа појдовна точка на овој пат е познатата светоотечка максима: „Дај крв, прими Дух“.

Светителите понекогаш биле и се принудени својот опит да го изложат писмено, кога за тоа постои сериозна потреба. Пред сѐ, кога е во опасност искривување на православната вера од разни погрешни учења, поврзани со богословието и со правоверниот начин на живеење.

Имаме богатство на писмен материјал од светите отци, кои застанале во одбрана на чистотата на верата. Од преголема љубов, светителите не можат да останат рамнодушни кога ќе забележат обид за нарушување на духовното здравје на народот помеѓу кој живеат.

Во тие ситуации, тие го изложуваат личниот опит на Бога, соодветно на позицијата на која се наоѓаат, според примерот на апостолот Петар, кој вели:

„Ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку самите бевме очевидци на Неговото величие“ .

Со оглед на тоа дека е заеднички опитот на апостолите и на светите отци, десет века подоцна свети Симеон Нов Богослов, поттикнат од истата љубов и грижа, дава опис на неговиот опит на Бога.

Наведувајќи го мотивот за тоа, помеѓу другото, тој вели:

„Ете, вам мои браќа и пријатели, ви ги открив моите скриени тајни, за да го видите начинот на покајание, почетокот и средината на (духовното) издигнување и напредување, и мерата на совршенството“ .

Непроценливо е позитивното влијание на светителите во средината каде што живеат. Нивното присуство и делување можат да предизвикаат сериозна духовна преобразба на народот.

И тоа не само преку зборови, туку дури и со самата присутност, како што порачува преподобниот Серафим Саровски:

„Постигни смирение, и околу тебе ќе се спасат уште илјадници луѓе“.

Живиот пример на светителите го поттикнува копнежот за стекнување на несебична љубов. И така, богољубието и човекољубието претставуваат сигурен темел за духовен напредок на народите.

Штом овие вредности ќе се вкоренат, тогаш неизбежно се искоренуваат сите причини за меѓусебни конфликти, острастени конкуренции и завидливи односи помеѓу луѓето.

Тогаш и личниот и општествениот живот добиваат нормален и благословен тек кон исполнување на целта на нашето постоење. Затоа светителите се образец, пример за вистински општествен живот, а воздржанието и подвижничкиот начин на живеење е единствениот пат за исцелување на сите аномалии што владеат во светот.

Без добродетелите на верата, надежта и љубовта човекот не е во состојба да биде во заедница ни со Бога, ни со луѓето што го опкружуваат. Ова е од исклучителна важност особено во нашево време, во кое на глобално ниво се промовираат, и како светска епидемија, се шират „вредности“, кои во суштина го понижуваат човечкото достоинство.

Постои мислење дека светителите се вонредна категорија на луѓе и дека за постигнување на светост е потребно целосно изолирање, живеење вон светските збиднувања, па дури и дека тоа ни е само историско наследство.

Ваквото тврдење претставува „линија на помал отпор“, и еден вид изговор за нашата мрзеливост. Не само што светителството не е ништо од тоа, туку е единствениот нормален начин на живот.

Тоа значи дека сите сме создадени и повикани да бидеме свети, што, пак, не претставува некаков живот вон границите на просторот во кој живееме, ниту вон околностите во кои се наоѓаме.

Доволно е само со вера и со доверба кон Бога да ја прифатиме Неговата една и единствена заповед кон нас:

„Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум… и возљуби го својот блиќен како себеси!

На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците“ .

Со Неговото вознесение, Богочовекот Христос ја издигна човечката природа на нејзината возвишена позиција – оддесно на Бога.

Со тоа ни е загарантирано исполнувањето на целта на нашиот живот, предвидена од предвечниот совет на Бог – Света Троица, уште пред создавањето на светот .

Нам ни преостанува, секој поединечно, на личен план да земеме учество во преобразената и обновена човечка природа, и така постојано и нераскинливо соединети со Бога и меѓусебно, да живееме во непрестајната радост на Царството Небесно.

 

Јеромонах Атанасиј Арсоски

Претходна статијаСУЕВЕРИЕ! (Православието и празноверието, и зошто многумина го одбираат второво?) Јеромонах Атанасиј
Следна статијаКако да ја надминеме сопствената гордост ?! (Трагедијата на човечката суета)