Јеромонах Атанасиј Арсоски

Света Гора

Да се пишува не е лесна работа, но уште потешко е да се пишува за Света Гора Атонска. Тоа бара внатрешно преобразување и потребни се духовни сетила за да се почувствува атмосферата на тајната што ја крие Света Гора.

Со такви претпоставки, секоја посета на Света Гора претставува ново откривање. Како што љубовта расте и се очистува со текот на времето минувајќи низ филтерот на крстот, така е и со секоја следна посета на Света Гора.

Господ ѝ ја доделил Атонската Гора на Пресветата Богородица како нејзин удел, и поради тоа се нарекува уште и Градина на Пресветата Богородица. И поради тоа животот на луѓето кои живеат таму е подобен на начинот на живот на Пресветата Богородица.

Имено, станува збор за исихастичкиот начин на живот што Богородица го живеела уште од мала возраст, при што се очистила и просветлила до тој степен за да може во својата утроба да Го прими Синот Божји, Кој со тоа ѝ го подарил и обожението.

Обожението е и целта на секој христијанин, а особена грижа за таквиот начин на живот и за исполнување на таа цел вложуваат светогорските монаси, поткрепени од Игуменијата на Света Гора, Пресветата Богомајка.

Уште како студент почнав да ја посетувам Света Гора и таму наоѓав духовно прибежиште и утеха. Силен впечаток во мене остави првата посета на манастирот на Преподобен Григориј, и од тогаш па до ден-денес не оставам подолго временско растојание помеѓу две посети.

Првиот ктитор на манастирот е преподобниот Григориј, ученик на преподобниот Григориј Синајски, и поради тоа манастирот го носи неговото име, а уште е попознат и како Григоријат.

Манастирот до денешната негова фаза е граден во неколку периоди, а почетоците се во периодот измеѓу 1310 и 1314 година. А, 1840 година се смета како значајна точка во историјата на манастирот, бидејќи тогаш од идиоритмички станува општожителен.

Општожитието претставува автентичен и од светите Отци укажан и предаван начин на монашки живот. Вредноста на општожителниот систем се состои во тоа што монахот може да ја живее тајната на Црквата, која е заедница на личности. Извор на единството е Христос, а раководител кон тоа единство е Старецот (Игуменот) како духовен татко на братството.

Во шеесеттите години на 20 век имало голем недостаток на монаси на цела Света Гора и тенденција на нивно натамошно намалување. Дури, како што кажуваат светогорците од тоа време, сите очекувале до крајот на 1980 година да згасне Света Гора.

Меѓутоа, Богородица не ја оставила својата Градина. Од 1968 година па натаму повторно започнува процутот на светогорското монаштво. Во манастирот на Преподобен Григориј во тој период биле само 17 монаси, од кои повеќето повозрасни.

Тие со солзи го молеле светиот Николај, кому е посветен соборниот храм, да испрати нови и млади монаси во манастирот. Светителот не задоцнил, па така во јули 1974 година заради обновување и оживување на манастирот доаѓа архимандритот Георгиј Капсанис со уште осум монаси од манастирот на свети Георгиј во Халкида.

Со помош на Божјата благодат, новото братство го прифатило целиот монашки и богослужбен поредок на старото братство. Од тогаш па сè до денес игумен е архимандритот Георгиј, а денешното братство брои околу осумдесет монаси.

Првиот пат таму бев Страсната и Светлата седмица. И тогаш почувствував нешто што само теоретски го познавав од проучувањето на светоотечките списи, а тоа е крстовоскресниот живот и радост на христијаните.

А, во текот на Светлата Седмица за прв пат го почувствував она што теоретски го знаев, односно дека целата таа седмица се смета како еден ден, и тоа како предобраз и претвкус на осмиот невечерен ден во Царството Божјо.

Типикот на богослуженијата и начинот на којшто таму се вршат придонесуваат во распознавањето на деновите и на периодите од годината. Се разбира сето тоа бара континуиран подвиг на очистување на срцето, па во мерата на степенот на очистување се открива и смислата и содржината на секој празник.

Соборниот храм се наоѓа во средината на манастирот. Келиите и останатите потребни простории се градат околу соборниот храм. Сè од таму тргнува и таму завршува.

Тоа сведочи и потврдува дека центар и оска на животот на монасите е служењето на Бога. Монахот живее за да Му служи на Бога, Кого Го љуби и Кој е алфа и омега на неговиот живот.

Поради тоа богослуженијата во соборниот храм на манастирот се многучасовни.

Дневното богослужение започнува со Полуноќница во 4 часот наутро, и продолжува со Утрена, Часови и Литургија. Обично, во манастирот на Преподобен Григориј, секојдневно се служат по две или три Литургии во параклисите, коишто ги има вкупно 15.

Во вторник, четврток, сабота, недела и за поголемите празници, веднаш по Литургијата монасите заедно со присутните гости влегуваат во трпезаријата на заеднички ручек.

Трпезаријата во манастирот е целата живописана, така што човек добива впечаток дека од храмот повторно влегува во храм. Но, и тоа не е случајно, туку е така поради свесноста за тоа дека литургиската заедница продолжува и при телесното хранење, коешто од тие причини се одвива заеднички, со молитви пред почнување и по завршување на трпезата, како и со читање на одредено светоотечко слово за време на самиот ручек.

Инаку, после бдение или на поголем празник, веднаш по завршувањето на трпезата, сите се упатуваат во соборниот храм, каде што се извршува конечниот отпуст на богослужбата, а тоа остава уште посилен впечаток дека заедничката трпеза всушност е во рамките на богослужението.

Потоа, доколку е работен ден, монасите одат на извршување на своите секојдневни обврски. Попладнето се служи Вечерна богослужба, а нејзиниот почеток зависи од периодот во годината; во зимските денови почнува порано, а во летните подоцна.

Веднаш по вечерната богослужба, следи повторно трпеза поради истите причини како и по Литургијата. Потоа е Повечерието, и со тоа се заокружува денот од еден надворешен аспект.

Меѓутоа, после тоа продолжува општењето на секој монах поединечно со Оној Комушто Му го има предадено целиот свој живот и целото свое битие.

Исто така, често се служат и сеноќни бденија. Согласно со Типикот, годишно се извршуваат околу 50 бденија во чест на Господ, на Пресвета Богородица или на одредени светители.

Времетраењето на едно бдение е од 10 до 12 часа, се разбира вклучително со Божествената Литургија. Сеноќните бденија завршуваат со Утрената и со Првиот Час, после што следи пауза од два или три часа и веднаш потоа започнува Литургијата.

Само оној кој навистина живее во покајание и Го љуби Бога може да го разбере значењето на многучасовното пребивање во храмот. Тоа е така во сите општожителни манастири на Света Гора, додека во скитовите и отшелничките места богослуженијата во храмот се многу пократки.

Но затоа за таквиот начин на живот неопходно е срцето да стане храм на Светиот Дух, каде што непрестајно 24 часа монахот Му принесува славословие и благодарење на Бога.

И токму тоа е целта и на општожителниот типик со многучасовно богослужение во храмот. Затоа, суштински не постои спротивставеност помеѓу различните типици на Света Гора, туку постои длабоко единство.

Следствено, имаме примери на светогорци коишто основале и основаат манастири ширум светот, а притоа спроведуваат различни типици на богослужение, но тоа се прави според околностите и целта останува заедничка за сите, а тоа е срцето да стане жртвеник и храм на Светиот Дух, каде што потоа служењето на Бога никогаш не престанува.

Денес Света Гора брои околу 2000 монаси, но бројот секојдневно се зголемува. Кај некои постои извесна резервираност поради влегувањето на толку млади луѓе на Света Гора и се плашат од евентуално искривување на Преданието.

Меѓутоа, „виното“ на Света Гора е толку силно, така што може да го „опие“ и оној со најрационалистички пристап кон животот и кон Црквата.

Организмот на Света Гора е толку здрав и силен и може да ги стопи и најскаменетите срца и да го преобрази и најнагласениот рационализам, се разбира доколку човек изрази волја и отвореност за тоа.

Преродувачката сила на Света Гора ги преобразува не само монасите кои живеат и се подвизуваат таму, туку и многубројните посетители што секојдневно доаѓаат во манастирите и скитовите.

Дури и само една посета остава длабока трага во срцето.

Претходна статија  Епископот е непосреден наследник на апостолите! Јеромонах Атанасиј Арсоски
Следна статијаЈеромонах Атанасиј Арсоски – ЗА ХРАМОТ!