„…И нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да започне со Своето искупително и спасително дело зачовечкиот род, постел 40 дена (Мт. 4, 2), сакајќи со тоа да им остави поука и на Неговите следбеници да постат.
Следејќи го примерот на Господ Исус Христос, светата Православна Црква уште од апостолско време одредила за своите верници пост, го определила времето на постот и која храна да ја јадат христијаните за време на постот.
Во поглед на времето и бројот на постите, светата Црква утврдила да се пости во среда, петок и во четирите големии пости: Велигденскиот (Великиот) или Четириесетница, Петровденскиот, Богородичниот и Божикниот пост.
БОЖИКЕН ПОСТ:
Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и во чест на раѓањето на Господа Исуса Христа.
Тие се постат вака:
Во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло, вино и риба.
Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло, вино и риба.
Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, покрај масло, и риба.
Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло, вино и риба.
Со самото тоа што светата Православна Црква ги востановила светите пости, таа ги повикува и ги благословува сите свои чеда за блажениот подвиг на постот.
Меѓутоа, светите отци на нашата Црква, вдахновени и раководени од Светиот Дух, поучуваат дека секој верник треба, пред сè, да се советува со својот духовен отец, меѓу другото и за тоа како треба да пости.
И покрај правилата и одредбите на светата Црква, духовникот или исповедникот има право да им го ублажи постот на своите духовни чеда, сообразно со нивните сили и духовната состојба.
Светите отци, исто така, истакнуваат колку многу е полезно и спасоносно исповедањето на своите гревови пред духовниот отец или исповедникот и редовното причестување во текот на постот..“