„Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, помилуј ме …

Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме  грешниот.

Неа ја спомнуваат: св. Ефрем Сирин, св. Јован Златоуст, св. Исак Сирин, св. Исихиј, св Варсануфиј и св. Јован, и св. Јован Лествичник…

Подоцна таа станала сѐ поопшта и ја изговарале многу свети усти, па така влегла во црковниот Устав, кој ја препорачува како замена за сите домашни молитви и сите црковни Служби.

Затоа од кратките молитви, кај нас таа првенствено се употребува.

Потруди се и ти да се навикнеш на неа.

Таа се нарекува Исусова молитва, бидејќи Му се обраќаме на Господ Исус.

Се нарекува и умна, кога не се извршува само со зборови, туку и со умот и срцето, а особено кога после долга и правилна употреба едноставно се поврзува со дишењето.

Секоја кратка молитва може да дојде до тој степен, но на Исусовата молитва ѝ припаѓа првото место зашто таа ја соединува душата со Господ Исус, Кој претставува единствен пат за заедница со Бога, што е и цел на молитвата.

Тој Самиот рекол:

Никој нема да дојде до Отецот, освен преку Мене.

Затоа, кој ќе ја добие таа молитва, во себе ја прима целата сила од искупителниот подвиг, во што и се состои нашето спасение.

Сега разбираш зошто ревносните во спасението не се жалеле од трудот потребен за навикнувањето на оваа молитва.

Тие нека ти бидат пример.“

Претходна статијаКратка поука за милоста!
Следна статијаБрачен или монашки живот!