Молитва за целиот свет

Владико, Господи Исусе Христе, Боже наш, приклони го Твоето уво и слушни се’ што ти зборува оној кој го љуби засекогаш името Твое Свето.

Слушни ме и ќе прозборам co силата на Твојата власт и сила. Дојди, Исусе, светлино од светлината, кога ќе заминува мојата душа. Слези Свет, за да ја примиш.

Помилуј ме, Благ, и дојди во светлина, во веселба, во благодоличност, во радост.

Бидејќи Ти Си Оној Кој ми вети дека ќе дојдеш Сам и ќе го примиш мојот дух во мир.

Нека не пречат беззаконијата мои на вистинското Твое ветување.

He одвраќај го Твојот лик од мене, туку сети се како од злосмрадната змија ме зеде, и како проголтан од лакомата утроба нејзина ме повика, ме оживотвори, ме оживеа, просветлувајќи ме, ме просветли, осветувајќи ме, ме освети, заблескувајќи ме, ме обожи.

Сети се, Господи, како во сите денови на својот живот никогаш не престанував да ја барам Твојата милост и не одвраќај се од мене, туку дојди на упокоението на Твојот слуга.

Сети се, Господи, дека ни татко ми не го сакав повеќе од Тебе, ниту мајка ми.

Сети се, Господи, дека заради името Твое од се’ се откажав и Тебе единствениот Те засакав. А тоа не е моја заслуга, туку Твоја.

Сети се, Господи дека многу се смирив. He ме посрамувај. Бидејќи Ти многу пати ми рече: „За ништо не го сметам твоето бдение и нејадење, туку копнеам по тебе и те сакам заради твоето крајно смирение.”

А јас Ти одговорив:

„Владико, зар нешто од тоа постигнав јас? Тоа сето Твојата благодат го направи.”

Сети се, Господи, дека покрај Тебе никој друг не возљубив, од Тебе примајќи го и тој дар. Многу добрини си ми направил, од кои се ужаснаа небото и земјата и сите кои живеат на нив.

Сети се, Господи, и на оние што го спомнуваат Твојот слуга. Прати го Твојот Свет Дух во нивните срца. Дај им исправување, доблести и бестрастие. Сотри ја лукавата змија под нивните нозе.

Во Твоите раце го предавам ова стадо, што ми го довери Твојата волја. Сочувај го во Твоето име. Пастирувај co нив Вишни, co Твојата десница. Сочувај го co Твојата сила, недопрено чувајќи го до крајот на векот.

Боже, Боже мој, пак и пак Те молам.

Сети се, Господи, на оние што пловат, патуваат, боледуваат, на оние што се трудат за заробениците и погрижи се за нивното спасение.

Сети се, Господи, на вдовиците, сиромашните, странците, новообратените, доселениците, гладните и жедните, заради Твојата богата и пребожествена милост. Сети се, Господи, на оние во затворите, во оковите, во неволјите, во тагите, жалостите
и слабостите. Големата Твоја милост нека ги опкружи, Човекољупче.

Сети се, Господи, на оние што боледуваат душевно и кои ги ранува злата стрела на гревот. Сети се, Господи, на ожалостените, искушуваните и сите кои се мачат во тешки болки.

Излеј капка од Твојата наслада и животворниот Твој Свет Дух во нивните срца, за вкусувајќи, да ја прослават Твојата благост и да не загинат во хулење. Знам дека тоа го дарува Твоето благоухание, а особено на оние што своеволно трпат во напорите, во болките, неволјите, потребите и во жалта.

Сети се, Господи, на архиереите, јереите, ѓаконите, чтеците и сиот свештенички клер. По нивните молитви, Милостив, покажи сострадание во мноштвото мои безбројни гревови.

Сети се, Господи, на оние во пустините, планините, пештерите и земните јами

Сети се, на чесните монаси, по нивните молитви дојди на погребението на Твојот слуга. Сети се, Господи, на добрите цареви и кнезови до Kpajoт на векот.

Дај спокој, Господи, и на оние кои кај Тебе се преселија co вера и надеж од векот, а олесни го товарот на бедните и непосветените.

Прими ја, Владико, молитвата на Твојот слуга на небесниот и мисловен Твој жртвеник во горната ерусалимска митрополија, Ти Кој сиот Си во Отецот, Кој Си Логос Божји Кој се држи, преку Кој се’ од небитие во битие стана,

Кој го носиш во Себе и Духот на вистината, Кој од Оца исходи и во Тебе почива, Кој Си се родил бестрасно и божествено пред вековите,

Кој Си ги создал вековите за миг, Кој Си ги создал светите чинови на силите, Кој Си ја создал светлината и темнината, сонцето, месечината и ѕвездите, она што е на небото и земјата и под земјата, Кој во дланката ја држиш: сета твар,

Кој духовите ги создаде од небитие и повторно од него материјална основа произведе, бидејќи се’ што Си посакал го создаде на небото и на земјата, во морињата и во сите бездни co леснотијата на силата Своја.

Затоа прими го моето молење, Владико, за во мир да починам, зашто Ти, Господи, единствениот во надеж ме насели.

Пренесено од книгата “Свети Нифонт, подвижник меѓу епископите”

Претходна статијаЗошто толку збунети и невротични луѓе гледаме околу нас…?
Следна статијаСЛОВО ЗА ПОКАЈАНИЕТО! ( „Секој што не врши правда, не е од Бога…“ Преподобен авва Исаиј)