(Предизвикани размислувања (22.09.2018 08:12)
Невротичен човек е човек што не може да си ги исконтролира своите мисли и чувства, честопати и своите зборови, а понекогаш и своите дела.
Невроза: прва фаза – слаба контрола над мислите и чувствата; втора фаза – слаба контрола над зборовите; и трета фаза – слаба контрола над делата. Тоа се фази на разболување.
Прв степен на духовното растење – чистење на срцето од страстите: прва фаза – воздржување од лоши дела; втора фаза – воздржување од лоши зборови; трета фаза – контрола над лошите мисли и чувства. Тоа се фази на исцелување.
И во двата случаи, сите фази се поврзани: колку не успева човек да ги исконтролира мислите и чувствата, толку нема да може да се воздржи и од лоши зборови, како и од лоши дела. И обратно, колку човек успева да ги исконтролира мислите и чувствата, толку ќе може да ги исконтролира и своите зборови, како и дела.
Неврозата завршува со растројство на личноста.
Доволното очистување на срцето завршува со просветлувањето на умот.
Разликата е голема. Затоа, невротичниот, а особено психопатот, не можат да сфатат што просветлениот човек се обидува да им објасни.
Тие секогаш ја бараат човечката правда – наместо Божјата, и никогаш не ја гледаат големата слика. А, сѐ се состои во тоа – на злото да се врати со љубов.
Суштината на подвигот е во контролата над мислите и чувствата. Когнитивна и емоционална зрелост.
Контролата над мислите и чувствата зависи од молитвениот опит на човекот. Затоа, христијаните се повикани непрестајно да се молат (види: Сол. 5, 17).
Потребно е да се разграничи процесот на разболување од процесот на исцелување, односно трите нивоа на развој на личноста – очистување, просветлување и обожение, од трите нивоа на разболување на индивидуата – невроза, растројство на личноста (психопатија, социопатија) и психоза; заради препознавање на сопствената состојба.
Што е разликата помеѓу индивидуа и личност, од христијански аспект?
За личност – потенцијално, говориме дури кај оние што преку послушание кон духовен отец во Црквата, зачекориле по патот на очистување на срцето од страстите – што не значи дека не покажуваат и знаци на невроза.
Индивидуата се наоѓа во некои од нивоата на разболување на личноста: невроза, растројство и психоза. Надвор од послушание на својот Епископ.
Оттука, јасно е зошто толку збунети и невротични луѓе гледаме околу нас. Нивни главни карактеристики се еуфоричноста, агресивноста и очајанието (депресијата).
Митрополит Струмички Наум