Преподобен авва Исаиј
Слово дваест и прво – За покајанието
Браќа, да ја употребиме нашата сила за да се облечеме во облека на добродетелите за да не бидеме исфрлени надвор, зашто во тој ден нема да има никакво гледање на лице – кој е кој.
Затоа апостолот им рекол на своите чедаː
„Оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо“ (Гал. 5, 21).
Знаејќи, дека оние што ќе се удостојат да ги умртват своите страсти и да немаат веќе соперник, им ги покажал плодовите на Духот, кои сеː „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон“ (Гал. 5, 22-23).
А возљубениот наш Господ Исус Христос, покажувајќи ни дека во тој ден ќе се откријат плодовите на нашите дела, рекол дека многумина ќе посакаат да влезат таму и дека не ќе можат, зашто домаќинот ќе рече да се затвори вратата на куќата и на недостојните што ќе чукаат потоа – ќе им речеː
„Не ве знам од каде сте“ (Лука 13, 25), па зар можеме да кажеме за Бога, дека има нешто што Он не го знае. Никако.
Но, бидејќи тие што ќе чукаат и што ќе викаатː
„Господи, Господи, отвори ни!“ (Лука 13, 25) ќе бидат оние што немале добродетели, затоа Господ им велиː „Не ве знам!“ Он ја покажал судбата на оние што имаат вера, а немаат дела, велејќиː
„Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плодː оти без мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши; и таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе ги изгорат“ (Јован 15, 5-6).
Оние прачки кои даваат добар род, Отецот ги чисти, „за да принесат повеќе плод“ (Јован 15, 2). И пак, за да ни покаже дека не ги сака оние што дејствуваат по своите телесни желби, Он велиː „Не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал“ (Јован 17, 9); Јас ги зедов од светот (сп. Јован 15, 19)ː зашто светот го љуби своето.
И на крајот велиː
Оче, „не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него“ (Јован 17, 15-16).
Да испитаме, браќа, дали сме ние од светот или не сме. Ако не сме од светот, тогаш Он ќе нѐ пази од злото, зашто рекол
ː „Но, не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил…
Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал“ (Јован 17, 20-24).
Види сега Бог со каква љубов нѐ возљубил нас луѓето, кои сме се подвизувале во овој свет и кои сме ги намразиле телесните желби – да царуваме со Него во бeскрајните векови. И светиот апостол Јован созерцавајќи ја таа голема слава, реколː
„Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е“ (1. Јов. 3, 2), ако ги запазиме Неговите заповеди и го направиме она што Му е угодно.
И пак апостолот ни говориː
„Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази. Ние знаеме дека преминавме од смрт кон живот, бидејќи ги сакаме браќата свои, оној што не го сака братот свој, тој пребива во смртта“ (1. Јов. 3, 13-14).
И уштеː „Секој што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој“ (1. Јов. 3, 10). И уштеː Кој што врши правда – од Бога е роден (1. Јов. 2, 29); „кој прави грев, од ѓаволот е“ (1. Јов. 3, 8);„секој што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога“ (1. Јов. 3, 9).
Браќа, да направиме сѐ што е според нашите сили, имајќи утеха во ваквите сведоштва. Можеби на нас ќе се смилува добрината на нашиот Господ и ќе ни испрати сили да ја отфрлиме од себе си тежината на овој нечист свет.
Зашто нашиот непријател не дреме, туку постојано се труди да нѐ улови – скајќи да ги зароби нашите души. Но, нашиот Господ Исус Христос е со нас и му брани со силата на Своите свети зборови, ако ги пазиме.
Зашто, кој му се противстави на непријателот или кој е силен против него, ако не се тоа зборовите, кои ги кажал Бог против него? Тие ќе му се противстават и ќе ја скршат неговата сила и тогаш кога човекот не знае за тоа.
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ; ТОМ I.
Подготви Светланка Трајчевска