Зошто да одиме во Црква, ако Бог ни е во душата?

Зар не е поважно да бидеме добар човек?

Овие прашања денеска многу често може да се слушнат. Може ли Црквата и дали е должна човекот да го направи да биде добар? Во што е вистинската смисла на црковниот живот?

Зошто да одиме во Црква, ако Бог ни е во душата? За добрите луѓе во Црквата и надвор од неа разговаравме со отец Сергеј Фејзуљин, свештеник на московското подвојрје – на Троице – Сергејевата Лавра.

Многу луѓе денеска иако не ја негираат верата, иако Го признаваат Бога, сепак ништо немаат заедничко со црковниот живот сметајќи дека Бог им е во душата и дека е потребно да го бараат токму тука, а не во храмот, кој што човекот го изградил.

Веднаш се сеќавам на една епизода од мојата свештеничка пракса. Сопругата на еден човек одлучи својот маж да го воведе во верата. Неколку пати во Црквата веќе одеше сама, се исповедаше и се причестуваше, но нејзиниот маж тоа го одбиваше.

И ете таа во Црквата стои вознемирена, зашто мажот е покрај храмот, но не влегува. И предложив да излезам и да се запознаам со него. Човекот беше многу добар, пријатен, но одбиваше да влезе во храмот, зашто нему Бог му беше во душата.

Се помолив во себе и размислувајќи што сега да му кажам и одеднаш нешто ме осени и јас му рековː

„Кажете ми дали вие доручкувавте исто така во душата?“

Тој некако се смути и се збуни, се замисли и речеː „Не“.

Ете гледате, размислете, верата е нешто што мора да се остварува практично. Верата не може да биде теоретска, верата мора да биде жива, потврдена со животот, непосредно и со нашите дела.

Но, зошто е невозможно верата да ја спроведуваме практично, едноставно живеејќи по совеста, настојувајќи да ги извршуваме заповедите и да правиме добри дела.

Многумина сметаат дека е далеку поважно да бидеме добар човек отколку редовно да одиме во Црква.

Што значи да се биде добар човек? Тоа е многу релативен поим. Сите луѓе се добри. Бог сето свое создание го направил да е добро, а човекот е круна на тоа создание, односно нејзин најсовршен дел.

Човекот може да биде сличен на Бога, зашто секој човек и е лик Божји! Независно од тоа дали тој за ова знае или не, се обидува ли тој во себеси да го најде ликот Божји и да го оствари, да се приближи кон Бога, да почне да личи на Него, да Му биде мил.

Господ од нас и очекува да постанеме слични на Него. А во таа смисла – секој човек е добар и не само добар, секој човек е прекрасен, човекот е совршенство.

Но, во секојдневното значење, за добриот човек велат уште и дека е чесен, искрен, но тоа е многу релативна работа, сите ние за некого сме добри, а за некого не баш толку добри.

Некој може да биде, да речеме, добар лекар, но во своето семејство да е потполно расипан и дури неподнослив во личните односи. Може некој да биде подготвен и да се жртвува за својата татковина, а во исто време да биде суров и беспоштеден и да нема милост кон својот непријател.

Дали е тоа добар човек? За кого е тој добар?

Црквата нас нѐ повикува да бидеме добри, со тоа попрво желбата „да бидам добар“ многу е опасна. Желбата со секој човек да бидеш добар тоа не е љубов кон човекот, туку е човекоугодување и лицемерие. За тоа говори и самиот Господ во Евангелието

ː „Тешко вам кога сите луѓе за вас ќе почнат да говорат добро“.

За да остави на него впечаток, човекот се прилагодува на нешто друго и на тој начин за себе си наметнува добро мислење. Меѓутоа на тоа се троши многу душевен напор, а тоа е страшна работа. Христос во Евангелието таквите луѓе ги нарекува лицемери.

Не сме повикани да бидеме добри, ние сме повикани да бидеме свети, а тоа е сосема поинаква мерка на човековиот дух. Францускиот философ и научник Паскал вели дека сите луѓе условно можат да се поделат на праведници и грешници.

Праведниците, вели Паскал, тоа се оние луѓе кои себеси се сметаат за грешници, а вистински грешници тоа се тие коишто себеси се за праведници и себеси се доживуваат како добри луѓе.

Токму поради тоа тие не ги гледаат своите недостатоци, не чувствуваат колку се далеку од Бога, од љубовта. Затоа што некако љубовта секогаш како да е малку, потребна поголема жед за љубовта.

Љубовта е кога јас во сѐ, во било кои околности, во општењето со луѓето, во семејните и професионалните односи ја барам сопствената вина, јас чувствувам дека секогаш ми недостига љубов.

А ние сме повиканиː „Бидете свети како што сум Јас свет“.

Во таа смисла добар е оној кој што постојано себеси се смета, условно релчено за лош, недоволно вреден, којшто е свесен за своите недостатоци, за недостатокот на верата, надежта и секако љубовта.  За недостатокот на побожноста, молитвеноста.

Воопшто кажано, тоа во било која создавачка работа е вака – штом човекот ќе почне да чувствува задоволство со самиот себеси, кое ги ограничува неговите создавачки импулси и човекот замира се лади, а неговиот создавачки пламен веќе не го осветлува неговиот живот.

Дали е доволно да се биде добар човек тоа е многу страшна мисла и многу малограѓанско поимање. Но, слава Му на Бога, Господ преку некои настани ни допушта да видиме дека немаме љубов кон другите луѓе.

Дека на многуте соблазни не можеме да им се спротивставиме, дека паѓаме. Тоа е исто така милост Божја и тоа ни помага да го сфатиме тој недостаток, зашто на тој начин се открива најважниот грев – а тоа е задоволството со самите себеси, тоа е самољубието. Тоа е противречно на љубовта.

Љубовта е незадоволство со себеси, тоа е спознание на сопствената ништожност, безвредност, зашто светиот човек е оној човек кој што целиот свој живот го живее во спознание на сопствената безвредност и токму поради тоа му е достапна величенственоста Божја.

Црквата нас нѐ повикува да бидеме добри, тоа е најголема заблуда. Црквата му помага на човекот да ја почувствува токму својата гревовност, да ја почувствува длабочината на нарушената личност, длабоката болест на сопствената личност.

А Црквата, откривајќи ја оваа болест, истовремено и ја исцелува.

Изворː ТРОИЧНИК, бр. 52, година XVI, август 2018.

(Подготви Светланка Трајчева  (соработник на порталот –Покајание)

Претходна статијаМолитва за ближниот кој страда од болест!
Следна статијаМОЛИТВА ЗА ДОБЛЕСТИ и ЗА ИЗБАВУВАЊЕ ОД СТРАСТИТЕ! (Св. Нифонт)