Како навистина да станеме бог(ати)?

Коментар на денешното евангелско четиво:

“Ова што го прочитавме во евангелското четиво за денот,

начинот на кој богатиот размислува, е верен опис на менталното заболување – растројство на личноста,

односно на начинот на кој размислува и дејствува еден пасивен социопат.

Во неговите мисли и чувства нема место за оние што страдаат од немаштија и од други телесни и душевни страдања,

туку само за себе, за своето его и за своето добро.

„Но, Бог му рече: ,Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе остане?’ Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бог.“

Бог ги дава најточните дијагнози, така што пасивниот социопат најточно го опишува како – безумник.

Како навистина да станеме бог(ати)?

Знаеме дека Господ се поистоветува — дури и најмногу, со секој еден страдалник.

Затоа, секогаш кога од својот вишок ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат, ние не собираме за себе, туку се богатиме во Бог.

Така, никој не може да се нарече богат, односно подобен на Бог, без да ги збогатува и другите околу себе – пред сѐ, во духовна, но и во материјална смисла на зборот.

Доколку, пак, му помогнеме на страдалникот, од она малку што само за нас останало и сме го чувале, односно доколку на Бог Му дадеме сѐ што имаме, тогаш Бог ќе нѐ направи синови Негови по благодат; достоинство пред кое секое богатство од овој свет изгледа… не изгледа.”