24. За разурнувањето на Ерусалим Второто Христово доаѓање и крајот на светот
1. И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот.
2. А Исус им рече: „Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат.”
3. И кога седеше во Елеонската Гора, дојдоа при Него учениците Негови насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе виде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?”
4. А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој;
5. зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: “Јас сум Христос!” и ќе прелажат мнозина.
6. Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот.
7. Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси;
8. а сето тоа е почеток на болките.
9. Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.
10. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат;
11. многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина;
12. и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади.
13. А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.
14. И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.
15. Па така, штом ја видите мерзоста на запустението да стои на свето место, за која е зборувано преку пророкот Даниил – кој чита, нека разбере,
16. тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по планините;
17. кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од куќата своја; 18. и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои!
19. Но тешко на бремените и на оние што дојдат во тие дни.
20. Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме, или во сабота;
21. оти тогаш ќе биде мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде.
22. И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.
23. Тогаш, ако ви каже некој: “Еве, овде е Христос, или таму е”, не верувајте!
24. Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните.
25. Ете, однапред ви кажав.
26. И така, ако ви речат: “Ете, во пустината е Он” – не излегувајте;, Ете, во тајната соба е” – не верувајте!
27. Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.
28. Оти, каде што е трупот, таму се собираат и орлите.
29. И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат.
30. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила;
31. и ќе ги испрати Своите ангели со голем трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.
32. Со смоквата направете споредба: штом се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото;
33. така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.
34. Вистина ви велам: нема да премине овој род, додека сето тоа не се исполни.
35. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат.
36. А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец;
37. но, како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;
38. оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот,
39. и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сè, – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки;
40. тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе се земе, а другиот ќе се остави;
41. две жени ќе мелат на рачници: едната ќе се земе, а другата ќе се остави.
42. Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.
43. Знајте го и тоа, дека, ако домаќинот на куќата знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата.
44. Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки.
45. Кој е, пак, тој верен и благоразумен слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои, да им дава навреме храна?
46. Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го најде да постапува така;
47. вистина, ви велам, дека над целиот свој имот ќе го постави него.
48. Ако, пак, тој слуга, бидејќи лош, рече во срцето свое:
“Господарот мој уште за долго време нема да дојде”,
49. па почне да ги бие другарите свои и да јаде и пие со пијаниците,
50. господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога тој не го очекува, и во час, што не го знае;
51. и ќе го пресече на половина, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби.”