ЗНАЧЕЊЕТО НА ЦРВЕНОТО ВЕЛИГДЕНСКО ЈАЈЦЕ (Објаснување според Православното предание)
„…Апостолите понатаму го ширеле Благовестието на Христовото Воскресение по сите краишта на земјата, а со нив заедно заминала и Марија Магдалена, која според сведоштвото на Светото Предание, заминала да проповеда во паганскиот Рим.
Таму таа насекаде Го проповедала Христа и Неговото учење, но кога луѓето не и верувале дека Тој воскреснал, таа им го повторила она што им го рекла и на апостолите:
„Го видов Господа!“
Од голема ревност, го посетила и императорот Тибериј, на кому исто така му го проповедала Христовото Воскресение.
Со неа понела и едно јајце, како символ на Новиот Живот и Воскресение, и давајќи му го на императорот, му се обратила со зборовите:
„Христос воскресна!“
Тибериј ја отфрлил можноста за воскресение од мртвите, велејќи дека никој не може да воскресне од мртвите, исто како што и јајцето кое таа му го донела не може да стане црвено.
Во тој момент, јајцето станало црвено, за и тоа да сведочи за зборовите на мироносицата, и таа ги повторила зборовите на апостолите – дека верата во Воскресението Христово не е како минливото злато и сребро, туку дека скапоцената Крв Христова е како неизвалкано и чисто Јагне.
На тој начин се создала традицијата за подарување на пасхални јајца на денот на Пресветлото Воскресение Христово.
Според едно древно манастирско правило, кое се чува во манастирската библиотека на свети Атанасиј, близу Солун, постои молитва на самиот ден на Воскресение за благословување на приложените јајца, во кое е означено дека игуменот ги разделува јајцата, велејќи им на возљубените:
„Како што примивме од нашите свети отци, кои го зачуваа овој обичај уште од апостолско време, кога светата рамноапостолна Марија Магдалена пред верните прва го прикажала примерот на овој радосен дар.“
Според материјали од Ерусалимската Патријаршија