“Почувствувај го постот како празник за душата!

Силата на постот е во воздржувањето од зло и зацврстување на верата.

Пост- тоа е љубов кон ближниот.

Пост- тоа е свето дело.

Пост- тоа е созерцание, размислување за гревовите: за тоа како да ги одбегнеме, како да ги искупиме претходно направените гревови, како да ги искорениме лошите навики, страсти.

Стави се на пост со храна, очи, уши, јазик.

Во постот очисти се себеси со исповест, причести се.”

-Протоереј Валентин Мордасов

ЗА ПОСТОТ

Ѓаволот се бори да го прекине постот.

Веднаш не ни вели да не постиме, туку постепено ни предлага по малку да го ублажиме.

Тоа за него е доволно, бидејќи подоцна ќе бара отстапување од постот, па кога ќе нѐ види немоќни, ќе нѐ нападне и ќе нѐ победи.

Не смееме да заборавиме дека тој не спие ни дење, ни ноќе. Стои, чека и се труди да нѐ зароби.

Лукавиот, остроумен и бесрамен ја чека нашата најмала невнимателност во врска со постот, за потоа да влезе во нашата душа и да ѝ наштети.

Знаејќи дека човекот по природа ја сака удобноста и телесната утеха, истото го користи за во нас да ги поттикне грешните страсти.

Добро знај дека ти се неопходни мудрост и внимание за совладување на тешкотиите кои ги донесува постот.

Не заборавај дека полека ќе напредуваш, а не брзо, бидејќи, како што и порано рековме, големите и изненадувачки скокови во добродетелите се опасни.

Значи, да почнеме од малите трудови за да можеме да стигнеме до големите.

Навистина е мудар оној што внимава и на ситниците, зашто подоцна ќе може да им се спротивстави и на поголемите нешта.

Не може некој да ужива во сѐ и да мисли дека лесно ќе ги совлада своите страсти.

Лиши се од малото, за да можеш и од поголемото. Јади умерено затоа што ќе можеш да постигнеш повеќе во добродетелите.

Кога човекот нема мера, полош е од животните. Претрпувајќи малку тага поради лишувањето од вкусните јадења, подоцна ќе можеш да им одолееш и на големите таги во животот.

Безумни се оние што и за едно мало угодување го жртвуваат Небесното Царство.

Подобро е да се трпат телесните искушенија отколку да бидеш осуден од Христос како мрзлив

. Мудриот повеќе сака смрт отколку да биде обвинет како невимателен за своето спасение.

Мудриот човек е внимателен и буден, трудејќи се да го спаси својот живот од замките на ѓаволот.

Богоносниот Василиј Велики забележал:

„Кој во малку е невнимателен, нека не мисли дека ќе направи многу и големи дела“.

Значи, биди мажествен во добродетелите затоа што плашливиот човек има слабост премногу да го сака своето тело, избегнувајќи го постот кој ѝ донесува на душата големи радости.

И покрај сѐ, тоа е знак за неверие.

Не смееме да го заборавиме постот на Господ, четириесет дена пред да започне со Своето спасоносно дело.

Постот е благословена добродетел, само треба да биде во согласност со црковните правила.

Имај храбро срце, презирајќи ги опасностите кои ги предизвикува ѓаволот за да те исплаши.

Храброста на срцето се раѓа од сведоштвата на совеста која делува правилно кога ги исполнуваш Христовите заповеди. Нашата надеж во Господ Христос ќе ја охрабри нашата борба.

Потребно е долго и предадено да се работи на обраќањето на душата со помош на постот. Постот во секој случај треба да биде пратен со смирение, за да се добијат духовни плодови.

Во спротивно, залудно правиме сѐ, бидејќи и демоните не јадат ништо, но немаат смирение.

Постот ни го отвора патот за остварување на прекрасни дела, а пред сѐ, за љубовта кон Бог и ближните.

Се исплати да направиме мала жртва за да добиеме стократна награда во Небесното Царство.

Од фб. профилот на отец Горги Сламков

ИЗВОРОтец Горги Сламков
Претходна статија27. НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА (Омилии)
Следна статијаОКОЛУ НОВАТА ГОДИНА (христијанска или секуларна)