Во Светото Писмо честопати се зборува за видовитоста на умот, како и за заслепеноста на умот.

Апостол Павле им посакува на ефесјаните Бог да ги “просвети очите на срцата ваши” (1, 18).

А псалмопеецот го моли Бога:

„Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон” (Псал. 118,18),

мислејќи тука на очите на умот и на внатрешниот вид, co кој единствено може да се види законот Божји.

Умот е око на целата душа. Умот е прозорец на душата кон Бога. Додека умот е чист, светол и отворен кон Бога, сета душа ја зафаќа небесна светлина, та нашите мисли правилно се воздигнуваат кон Бога.

Сите чувства на нашето срце се слеваат во љубовта кон Бога и неговиот закон.

Сите наши намери и тежнеења, сите дела на нашата душа се светли, здрави и упатени кон службата на Бога.

Како осветлено поле по кое пасе стадо и овчарите се веселат и во кое волците не смеат да влезат од светлината!

Дури кога ќе зајде сонцето и ќе се стемни, волците се осудуваат да слезат во полето и да бараат плен за себе.

Кога нашата душа е осветлена co чистиот и здрав ум, ослободена е од дивите ѕверови – пороците и страстите кои ја напаѓаат само тогаш кога ќе ја покрие темнината на болниот ум.

Кога умот е

чист, сѐ е чисто во човековата душа, а тогаш и целиот човек е чист.

А на чистиот човек, пак, сѐ му е чисто (Тит. 1,15).

Без сомнение е дека во секој човек и покрај најголема чистота има и нечистотија.

Но човек co чист ум не ja гледа нечистотијата.

Тој го насочува својот ум, а умот целата душа, само на тоа што е чисто, како внатре во човекот, така и во надворешниот свет

И насочувајќи го својот ум само на тоа што е чисто, човекот сѐ повеќе се богати co чистотата.

Колку повеќе нашиот ум се задржува на Господа Исуса Христа, како на совршена чистота и светлина, толку повеќе нашиот ум, a преку умот и срцето и душата, стануваат сѐ почисти, осветлени, посветли и повидовити.

 

Ако се одврати умот од Бога, ако се откаже од Бога и хули на Бога, тогаш светилникот на душата згаснува, тогаш прозорецот на собата е заѕидан, а водачот на душата се лизнал од патот и паднал во бездна.

Дури тогаш колкава ли е темнината на душата!

Тогаш настанува збрка во душата, и слепечко тапкање и пипање де по овој де по оној пат.

Една моментална мисла ќе се истакне како водач на душата, како една вештачка искра, но таа брзо гасне и му го предава водството на моментално чувство, кое пак го сменува друго чувство и друга мисла, сѐ додека човекот најпосле не падне во темнината на човечкото очајание.

Тогаш изнемоштената и затемнета душа наполно му се предава на водството на телото, кое е вистинска темнина и слепило без душевна виделина.

И телото станува водач. И слепецот почнува да го води слепиот додека двајцата неминовно не паднат во бездна.

Преземено од книгата “Омилии”

 

Претходна статијаСвети великомаченик Ѓорѓи Кратовски – (Од православниот календар за 24. 2.)
Следна статијаA залуден е сиот наш ум каде што е потребно видение…! (Омилии)