Дома Духовност За бадниковото празнување! (Отец Јаков – извадок од интервјуто за „Покајание“

За бадниковото празнување! (Отец Јаков – извадок од интервјуто за „Покајание“

0
845

„Покајание“:

Во пресрет на големиот празник на Христовото раѓање, верувам, ќе ги интересира читателите Вашето објаснување за чинот на палење бадникови огнови, придружено со алкохол, музика и многу храна.
Од кога датираат овие обичаи, колку имаат врска со паганизмот и каде е тука христијанската симболика?

 

Отец Јаков:

Црквата, секогаш, во својата икономија (снисходење при грижата за човековото спасение) се обидувала да пронајде некаква духовна конотација и да им даде христијански карактер на некои чисто човечки обичаи и појави.

Во целокупната атмосфера на Бадник, на улиците низ нашата земја и во сите оние појави што ја чинат таа атмосфера, а ги спомнувате, колку и да сакате, колку и да имате добра намера, не можете да најдете ништо христијанско, а уште помалку, пак, да ги христијанизирате на каков било начин.

Кажете ми, како би го христијанизирале јадењето месо и пиењето огромни количини алкохол во пост, при татнење на гласна и најчесто шунд-музика, која опева и воспева сѐ, само не витлеемскиот Богомладенец!?

Луѓе, кои за себе велат дека се христијани, пијат ракија и играат околу запалени огнови како да не Го познале Бог!?

И сето тоа се случува во предвечерието на Христовото Раѓање!

Колку и да звучи ова дрско, си земам за право да го кажам, затоа што речиси никој од тие луѓе околу огновите нема да го видиме утредента на Света Литургија, местото каде што се среќаваме и се соединуваме со Бог.

Навистина тажно…

7. „Покајание“:

Што уште ќе ни кажете околу фиксацијата на граѓаните за бадниковите гранчиња, особено за богатата и со риба бадникова вечера, делењето на лебот со паричка, воочи големиот Ден?

Постои дури и несфатлив страв кај одредени луѓе и само од помислата да ја средат (раздигнат) трпезата, туку ја оставаат масата со храна до изутрината, магиски верувајќи дека само така Господ цела година ќе им благослови здравје и бериќет.

Отец Јаков:

Бадниковите гранчиња се сосема нова пракса, барем во поголемиот дел од нашата држава, која особено се актуализираше во последните две децении и е повеќе прашање на идентитет, отколку некаков црковен проблем, со оглед на тоа дека користењето бадникови гранчиња е исклучиво српски обичај, кој не го негува ниту една од Православните Цркви.

Таканаречената „бадникова вечера“ е посебна приказна и сигурно дека би ја препознале како дел од Преданието на Црквата доколку не беше проникната со таа „тeoлогија“ на стравот да не се станува, да не се раскрева итн.

Сите, како деца, сме го почувствувале тоа ограничување на детската слобода на бадниковата вечера на која не смееш ова, не смееш она…

Друго нешто што ја карактеризира оваа вечера е нејзиниот антицрковен карактер, односно дека тоа е само семејна вечера и толку.

Ќе беше вистинска икона на Црквата и во склоп на Преданието ако на неа имаше место и за бездомниците, гладните и жедните, а количината на јадењето што се подготвува во секој дом оддалеку ги надминува потребите на оние што седат на таа трпеза.

Паричката што се става во т.н. бадниково лепче повторно е одлика само на Српската Православна Црква.

Во поголемиот дел од нашата држава, поготово во западниот, и што е најважно, во нашите манастири, на Света Гора и во сите други помесни Цркви, вакво лепче со паричка се прекршува на 14 јануари, на денот на свети Василиј Велики, и има свое значење;

додека, пак, за причините за истиот обичај на Бадник никој ништо не знае да ви каже, освен некои површни и неаргументирани, врз основа на Преданието, толкувања.

Сѐ што реков е единствено со цел да се поправиме и сите овие застранувања да ги сообразиме според евангелските принципи.

За тоа што е црковно, а што не е,

критериум не е ниту моето, ниту чие било друго мислење, туку евангелската, соборна свест на Црквата Христова.

 

Извор: