Отец Јаков, пред сѐ, дозволете да Ви се заблагодариме што прифативте разговор за нашиот портал.

1. „Покајание“: Отец, во радост очекувајќи го големиот православен празник на Христовото Раѓање – Божик, сепак, остануваат кај луѓето од светот, па дури и кај некои номинални верници, дилемите и наивното прифаќање на штетниот за нас магиски пристап кон верата и во однос на Црквата, а и во животот воопшто. Особено, камен на разномислие се најчесто некои пагански, суеверни обичаи со кои човекот се обидува ѓаволот со ѓавол да го истера, верувајќи во окултното, посетувајќи бајачи, поставувачи на амајлии (талисмани), гатачи итн. Притоа, остануваат слепи и упорни во тоа и не сакаат да се одвратат и оттргнат од таквите штетни дејствија. -Што би ни укажале во врска со овие појави?

Отец Јаков: Животот во Црквата е par exellence духовен живот, живот според Духот и во Духот, Кој исходи од Отецот, Кој ја проникнува и устројува Црквата. Toa e истиот оној Дух Кој христијаните ги прави духовни и им го дава дарот да ги разликуваат духовите. Затоа, секоја „духовност“ надвор од Црквата е дело на паднатите духови, а не на Светиот Дух Божји.

Точна е Вашата констатација дека дури и некои номинални христијани, како што велите, се обраќаат за помош кај различни бајачи, гатачи итн. Сите нив ги обединува тој магиски пристап кон проблемите и кон животот воопшто. Токму такво инстант „решение“ да станат богови им било понудено и на нашите прародители во рајот, па знаеме како заврши сето тоа (види: 1 Мој. 3).

Наспроти праксата и пристапот на бајачите, во Црквата не се нудат и не постојат инстант решенија за животните проблеми и искушенија. Црквата го повикува паднатиот човек да земе активно учество во нејзиниот светотаински живот, градејќи жив, личносен однос со Бог, преку покајание и исповед, секојдневна борба со гревот и страстите. И тој радосен и благодатен живот го нарекуваме подвижнички, бидејќи нѐ придвижува кон смислата на нашето постоење, кон остварување на љубовна заедница со нашиот Бог, и тоа воопшто не е лесно, не поради нешто друго, туку единствено поради нашата падната природа, која е носител на страстите и склона кон зло, а кон сѐ што е добро се стреми со огромен напор.

Знаете, секогаш кога ќе ја спомнете љубовта, тука е неизбежно страдањето, самоодрекувањето и жртвата. Христијанинот е повикан да љуби и да биде љубен, па аналогно на тоа – неизбежно е и да страда. Божјата љубов кон нас се гледа или, со други зборови, го достигна својот максимум во страдањето Христово на Крстот. Христијаните не се плашат да љубат, затоа што слично на Оној Кој прв ги возљуби (види: 1. Јован 4, 10), се подготвени да страдаат, љубејќи до самозаборав.

Современиот човек не може да љуби, бидејќи не сака да страда, а вистинската љубов, којa секогаш е жртвена, ја замени со различни сурогати на љубовта. Токму таквиот човек е жртва на оваа болно-мистична категорија на „исцелители“, кои зборуваат за љубов без страдање, за инстант решенија, што ќе променат сѐ што е лошо и темно околу нас – освен во нас самите, и тоа без да правиме што било од сето погорекажано, што го подразбира животот во Црквата. Треба само да однесеме зејтин во некоја Црква, да отвориме некоја врата, да кадиме, да запалиме неколку свеќи итн. Со векови ништо не се променило. Истиот дух ни ја нуди истата можност да ни биде подобро без Бог: „Не треба да постите, да се каете, да се исповедате, не ви треба Црквата и свештениците… само јадете и ќе бидете богови“ (види: 1 Мој. 3, 4–5).

Сите тие кутри луѓе, без исклучок, кои станале на некој начин клиенти (жртви) на бајачите и гатачите, кога ќе видат дека се голи и измамени, дури тогаш доаѓаат во Црквата, кога раните и штетата духовна е огромна. Но, нема состојба од која Бог и покајанието не можат да нѐ спасат.

2. „Покајание“: Чиј и каков обичај е курбанот, принесувањето крвна жртва во различни животни ситуации?

Отец Јаков: Зборот курбан (тур. kurban) е од турско потекло и неговото пошироко значење подразбира жртвување животно, кое во религиозен контекст му се принесува како жртва на Бог, чин што сѐ уште е актуелен во исламот, од каде што, ќе потенцирам, како девијантна пракса, туѓа на Црквата, се вовлекува меѓу нашиот народ, веројатно како оставнина од петвековното турско ропство. Како и да е, во Црквата Христова нема простор за таквиот обичај, затоа што христијаните, новозаветниот народ Божји, веќе имаат своја бескрвна Жртва, која самата по себе е совршена и нема никаква потреба од друга додатна, а уште помалку животинска жртва.

Да дообјасниме: во Стариот Завет жртвувањето на пасхалното јагне е само праобраз на, како што вели свети Јован Крстител, Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот. Еднаш засекогаш за нас е принесена жртва (курбан), и овде завршуваат сите други жртви. Жртвата на Единородниот Син Божји, Кој ја пролеа Својата крв за да го исцели и избави од смртта секој човек, од Адам до последниот роден од жена. Токму поради тоа, курбанот е страшен грев за христијаните, бидејќи чинот на ритуално жртвување на животните и на пример, попрскување на темелите на нов дом со животинска крв, не е ништо друго туку хула на Христовата жртва, која Тој ја направи вечно актуелна и присутна во Светата Литургија на Црквата, и која се принесува за сите и за сѐ.

4. „Покајание“: Дали постои правило со кое оние што упорно продолжуваат со овие нехристијански постапки се одлачуваат од Светата Причест?

Отец Јаков: Секако, каноните на Црквата ги санкционираат овие појави, но и луѓето што ги практикуваат, и се прилично строги. Знаеме дека принесувањето на какви било жртви на идолите, па дури и под закана за сопствениот живот, за првите христијани било еднакво на доброволно одрекување од Бог. Одлачувањето од Светата Причест како педагошка мерка е само последица, односно видлив облик на одлачувањето од Бог, коешто човекот сам го предизвикал и избрал, пред сѐ, на духовен план, во моментот кога станал причесник (заедничар) на сите овие богопротивни и нехристијански постапки, а преку нив и на ѓаволот. Како што реков, ова одлачување е педагошка мерка на Црквата кон нејзините чеда што застраниле, и има за цел не да ги казни и унижи, туку да ги спаси и исправи.

5. „Покајание“: Во кој случај е неоправдано користењето од страна на луѓето на објекти на Православната Црква: палење свеќи, носење лепчиња за да им се читаат молитви, користење икони и крстови, отворањето црковни порти итн.?

Отец Јаков: Ќе Ви дадам краток и конкретен одговор. Неоправдано и бесполезно е во сите оние ситуации во коишто бајачите и гледачите ги користат овие средства за својата погубна дејност. Но, и луѓето што им стануваат послушни и ги користат сите овие знаменија под нивно раководство, тие за нив стануваат бессилни. Сето ова што го набројавте во формулацијата на Вашето прашање има духовна сила и спасително дејство единствено во Црквата, под раководство на духовен отец (православен свештеник).

6. „Покајание“: Во пресрет на големиот празник на Христовото раѓање, верувам, ќе ги интересира читателите Вашето објаснување за чинот на палење бадникови огнови, придружено со алкохол, музика и многу храна. Од кога датираат овие обичаи, колку имаат врска со паганизмот и каде е тука христијанската симболика?

Отец Јаков: Црквата, секогаш, во својата икономија (снисходење при грижата за човековото спасение) се обидувала да пронајде некаква духовна конотација и да им даде христијански карактер на некои чисто човечки обичаи и појави. Во целокупната атмосфера на Бадник, на улиците низ нашата земја и во сите оние појави што ја чинат таа атмосфера, а ги спомнувате, колку и да сакате, колку и да имате добра намера, не можете да најдете ништо христијанско, а уште помалку, пак, да ги христијанизирате на каков било начин. Кажете ми, како би го христијанизирале јадењето месо и пиењето огромни количини алкохол во пост, при татнење на гласна и најчесто шунд-музика, која опева и воспева сѐ, само не витлеемскиот Богомладенец!? Луѓе, кои за себе велат дека се христијани, пијат ракија и играат околу запалени огнови како да не Го познале Бог!? И сето тоа се случува во предвечерието на Христовото Раѓање! Колку и да звучи ова дрско, си земам за право да го кажам, затоа што речиси никој од тие луѓе околу огновите нема да го видиме утредента на Света Литургија, местото каде што се среќаваме и се соединуваме со Бог. Навистина тажно…

7. „Покајание“: Што уште ќе ни кажете околу фиксацијата на граѓаните за бадниковите гранчиња, особено за богатата и со риба бадникова вечера, делењето на лебот со паричка, воочи големиот Ден? Постои дури и несфатлив страв кај одредени луѓе и само од помислата да ја средат (раздигнат) трпезата, туку ја оставаат масата со храна до изутрината, магиски верувајќи дека само така Господ цела година ќе им благослови здравје и бериќет.

Отец Јаков: Бадниковите гранчиња се сосема нова пракса, барем во поголемиот дел од нашата држава, која особено се актуализираше во последните две децении и е повеќе прашање на идентитет, отколку некаков црковен проблем, со оглед на тоа дека користењето бадникови гранчиња е исклучиво српски обичај, кој не го негува ниту една од Православните Цркви. Таканаречената „бадникова вечера“ е посебна приказна и сигурно дека би ја препознале како дел од Преданието на Црквата доколку не беше проникната со таа „тeoлогија“ на стравот да не се станува, да не се раскрева итн. Сите, како деца, сме го почувствувале тоа ограничување на детската слобода на бадниковата вечера на која не смееш ова, не смееш она… Друго нешто што ја карактеризира оваа вечера е нејзиниот антицрковен карактер, односно дека тоа е само семејна вечера и толку.

Ќе беше вистинска икона на Црквата и во склоп на Преданието ако на неа имаше место и за бездомниците, гладните и жедните, а количината на јадењето што се подготвува во секој дом оддалеку ги надминува потребите на оние што седат на таа трпеза. Паричката што се става во т.н. бадниково лепче повторно е одлика само на Српската Православна Црква. Во поголемиот дел од нашата држава, поготово во западниот, и што е најважно, во нашите манастири, на Света Гора и во сите други помесни Цркви, вакво лепче со паричка се прекршува на 14 јануари, на денот на свети Василиј Велики, и има свое значење; додека, пак, за причините за истиот обичај на Бадник никој ништо не знае да ви каже, освен некои површни и неаргументирани, врз основа на Преданието, толкувања. Сѐ што реков е единствено со цел да се поправиме и сите овие застранувања да ги сообразиме според евангелските принципи. За тоа што е црковно, а што не е, критериум не е ниту моето, ниту чие било друго мислење, туку евангелската, соборна свест на Црквата Христова.

8. „Покајание“: Што мислите за иницијативата на МПЦ – ОА и верниците во иднина да се создаде сѐ повеќе навика старата коледарска песна „Коледе – леде“ да се замени со новата „Вечниот Бог“?

Отец Јаков: Коледарите, т.е децата што доаѓаат пред вратата од нашиот дом воочи Божик, ги симболизираат ангелите што на пастирите им го објавиле Христовото Раѓање. Пеејќи песни што го воспеваат овој спасителен настан, тие носат мир и благослов Божји во сечиј дом, а за возврат ги пречекува христијанската дарежливост на домаќините, кои на тој начин ја искажуваат општата радост поради раѓањето на Спасителот. Овде повторно се соочуваме со пагански и нехристијански остатоци по однос на содржината, на добар дел од коледарските песни, како на пример, песната: „Коледе – леде, паднало греде, утепало деде…“, итн. Зарем не требаше овие деца да објават Мир на земјата и да донесат благослов во секој дом!? Како ќе го направат тоа пеејќи деструктивни песни за убивање, страдање и мачење!?

Апсолутен контраст на сето тоа е содржината на песната „Вечниот Бог“, која го објавува Раѓањето Христово и носи Мир и благослов, бидејќи извира од древното Предание на Црквата. Фала Му на Бог, секој нареден Божик децата сѐ помасовно и погласно Го воспеваат вечниот Бог, Кој се воплоти и стана човек и тие ни се вистински пример како се поправаат погрешните нешта.

9. „Покајание“: Што мислите Вие за одредени музички правци (хеви метал, на пример)?

Отец Јаков: Велат дека од сите уметности музиката ѝ е најсродна на човековата душа, бидејќи е нематеријална, условно кажано, во однос на грубиот материјален свет, и ништо толку силно не може да ја придвижи како што може музиката. Во голема мера се согласувам со ова мислење, од проста причина што и во Црквата, музиката, односно пеењето, е еден од начините на коишто ги изразуваме своите најдлабоки чувства, пред сѐ, кон Бог. Постојат мислења, па дури и во црковните, богословски кругови, кои се обидуваат конкретни музички жанрови или правци да ги детерминираат како богоугодни или богопротивни. Мојот одговор на Вашето прашање навистина не би сакал да оди во тој правец, бидејќи, лично, тоа го сметам за дрскост во однос на слободата на секоја личност, освен во случаите кога во одредени музички остварувања се хули на Бог, или пак, се велича сатаната. Во една прилика, истото прашање му го поставиле и на свети Нектариј Егински. Неговиот одговор во целост го содржи и моето скромно мислење: „Онаа музика што ти ја исполнува душата со свети и тивки чувства, слушај ја како богоугодна. Онаа, пак, што ќе ти ги разбранува страстите, отфрли ја како бесовска“.

10. „Покајание“: Ваш совет околу неизбежната бурна прослава на секуларната, календарска Нова Година?

Отец Јаков: На сите ни е познато дека целата помпезност и еуфорија околу Новата Година е карактеристика исклучиво на посткомунистичките православни земји, наметната од еден режим, со цел празникот на Раѓањето Христово да биде фрлен во сенка на новогодишната „радост“. Не велам дека истото и во другите земји не постои, но секаде е во сенка на Божик. Во целата западна цивилизација, сиот кај нас т.н. новогодишен декор, кај нив е заради Божик, да се украси домот, бидејќи доаѓа Специјален Човек на Земјата. Дури и елката се нарекува божикно дрво, а ѕвездата на врвот ја симболизира витлеемската ѕвезда. Човекот што носи подароци секаде е Свети Никола, само кај нас е Дедо Мраз итн.

Во таа фамозна ноќ, додека сѐ уште трае постот, играме, пиеме и еуфорично се веселиме. Зошто? Затоа што истекла уште една година од времето што ни е дарувано за покајание!? Поради тоа што за една година сме поблиску до гробот, и до Страшниот Суд!? За православните христијани денот на Нова Година е уште еден ден од Божикниот пост, уште еден ден за покајание, уште еден нов почеток…

11. „Покајание“: Што ќе нѐ посоветувате нас, православните Христијани, на патот на духовната лествица, а воочи Големиот Ден, Христовото Раѓање – Божик?

Отец Јаков: Мојот Старец секогаш пред големите празници ни зборува особено да внимаваме на еуфоричното чувство што ги обзема луѓето во овие денови и кое нема ништо заедничко со духовната радост, но и со воздржанието, со оглед на тоа дека завршува постот, оти во спротивно, може да ни се случи да празнуваме Рождество Христово без Христос.

Црквата нема ништо друго да ни понуди освен Христос. Сите средства, обичаи, традиции што не Го нудат Него или барем не нѐ водат кон Него, не само што не се црковни, туку се антицрковни и антихристијански. Во овие денови, ако човек само се обиде со својот ограничен ум да ја опфати оваа надумна тајна на воплотувањето Христово, може да добие вртоглавица. Христос, Кој се раѓа како дете во Витлеем и се повива во пелени и смирено лежи во јасли меѓу бесловесни животни заради нас и наше спасение, е наша поука и средиште на нашиот живот. Тој е наш Празник и храна наша и празнување наше, кое нема да има крај.
„Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни и кој верува во Мене, немa никогаш да ожедни“ (Јован 6, 35).

Сѐ е подготвено за празникот и трпезата е подготвена. Ние само треба да ги очистиме и да ги подготвиме нашите срца, за во нив да се роди Христос и тогаш човекот станува бесмртен, станува Христов и самиот тој Го има Бог во своето срце како своја сопственост.

Таков Божик, по Божјата милост и по молитвите на Онаа Која ни Го роди, нека ни се случи на сите нас!

Христос се роди!

Разговорот го водеше Мина Даниловска