ТРЕТА СТАТИЈА

Глас 3

132. Погледај кон мене и помилуј ме
како што се постапува со оние
кои го сакаат Твоето име.

Народите сите
Погребението ти,
Дево, со песни го пејат.

133. утврди ги стапките мои според
Твоето слово и не допушти со мене да
овладее никакво беззаконие.

Сите твари дојдете
на Дева да принесеме
песни жални, погребни.

134. Избави ме од човечко клеветење и
ќе ги внимавам на Твоите заповеди.

Христовите ученици,
го погребуваат телото
на Мајката на мојот Бог.

135. Озари го Твојот слуга со светлината
на лицето Твое и научи ме на Твоите заповеди.

Чиновите ангелски
и архангелски,
стоејќи, воспеваат невидливо.

136. Од очите мои потоци извори солзи
зашто не постапив по Твојот закон.

Жените чесни,
со апостолите,
плачејќи извикуваа.

137. Праведен си Ти, Господи и
праведни се Твоите пресуди.

Неискусомажна Дево,
Мајко на Бога Вишниот,
како болка ќе истрпиме.

138. Твоите сведоштва, што си ги дал, се
засновани на правда и вечна вистина.

Твоето заминување
за светот е радост,
а за нас плач жалосен.

139. Ревноста моја ме јаде зашто
непријателите мои ги заборавија
Твоите слова.

Од твојата љубов мајчинска,
и од твојата грижа,
да не останеме сираци.

140. Твоето слово е многу чисто и
Твојот слуга го сака.

Дево, наша светлино,
без твојте слатки очи
како ќе издржиме?

141. Мал сум и презрен, но Твоите
наредби не ги заборавив.

Како со молк престана
Твојата богољубна
и богословна уста.

142. Твојата правда е вечна правда и
Твојот закон е вистина.

Од Мајката на Учителот
нема да отстапиме,
Апостолите пееја.

143. Скрб и мака ме обзедоа; Твоите
заповеди се моја поука.

На облаци повторно
до небеса, Дево,
ние ќе те испратиме.

144. Правдата на Твоите сведоштва е вечна;
вразуми ме и ќе живеам.

Светиот жезол,
положен во гробот,
живот ќе израсне.

145. Те призивам со сето срце мое,
услиши ме, Господи, и ќе ги почитувам
наредбите Твои.

В гроб се положи,
а мртвите ги воздигна
со своето Пречисто Рождество.

146. Тебе Те повикувам: спаси ме,
па ќе ги чувам Твоите слова.

Каде одиш, Мајко?
Љубимецот и девственик,
Синовски извикуваше.

147. Ја измамувам зората и викам:
На Твоето слово се надевам.

Во радоста на Синот твој
заминуваш, Богомајко;
ќе се веселиш и радуваш.

148. Очите мои се отворија пред
утринската стража за да се поучам на
Твоите слова.

Дали пак во Кана,
на свадба со апостолите,
сега си повикана?

149. Чуј го мојот глас, според милоста
Своја, Господи; според Твојот суд
оживи ме.

Прими ме сега, Дево,
кај твојот Божји Син,
и мене твоето чедо.

150. Се приближија оние што сакаа
беззаконие; од законот
Твој тие се оддалечија.

Претстави ме, Мајко,
со твоето застапништво,
кај Родениот од тебе.

151. Близок си ти, Господи,
и сите Твои заповеди се вистина.

Како при крстот
да стоиме напред,
во слава на небесата.

152. Одамна знам за твоите сведоштва
што си ги утврдил засекогаш.

Со ангели илјадници
слезе Господарот;
весели се, Гетсиманијо!

153. Погледај на мојата потиштеност и
избави ме зашто не го заборавив
Твојот закон.

Собору ученички,
весели се, гледајќи Го
Господа во славата.

154. Пресуди според мојата правда и
заштити ме; заради словото
Твое оживи ме.

Земјата да заигра,
гледајќи Го денес Бога,
Кој повторно слегува.

155. Далеку е спасението од грешниците
зашто тие не ги побараа Твоите
наредби.

Брзо да излеземе
во пресрет на Господа,
Кој повторно слезе.

156. Голема е Твојата милост, Господи,
според Твојот суд оживи ме.

Сите да Го чуеме
Бога, Кој беседи
со Мајката Непорочна.

157. Многумина ме гонеа и ме мачеа;
но од Твоите сведоштва јас не отстапив.

О, Мајко најслатка,
кај Најслаткиот Син,
дојди, радувајќи се!

158. Видов неразумни и тешко ми беше
зашто Твоите слова не ги дочуваа.

Ете, гледај сега,
твојот Син дојде
кај своите да те прими.

159. Гледаш како ги засакав заповедите
Твои, оживи ме, Господи,
поради Твојата милост.

Дојдов – вели – пред лицето
на славата на Отецот
да се покаже славата на Мајка Ми.

160. Вистината е основа на Твоите слова;
и вечен е секој суд на Твојата
праведност.

Те славам, Боже мој!
Му вели на Синот Мајката,
со бескрајно милосрдие.

161. Кнезовите ме гонеа без вина, но
срцето мое се уплаши само од Твоите
зборови.

Те славам, Сине мој,
на славата се поклонувам
од Твоето величие.

162.

Се радувам на Твоето слово како
оној кој нашол големо благо.

Дојди при Мојот Отец
најближна Моја,
откако стана од земјата.

163. Ја замразив неправдата и се гнасам
од неа; а Твојот закон го засакав.

Ти си сад заклучен
каде што е дрвото
на животот и бесмртноста.

164. Седум пати на ден Те прославувам
за судовите на Твојата правда.

Запечатен си извор,
во којшто е потокот
на сладоста неискажлива.

165. Голем е мирот кај оние кои го сакаат
Твојот закон и за нив нема соблазна.

Ја песнословам, Сине мој,
власта пребожествена
на Твоето божество.

166. Го чекав спасението од Тебе,
Господи, и Твоите заповеди ги засакав.

Боже мој, ги пејам,
Твоето слегување
и Твоето човекољубие.

167.

Душата моја ги пази Твоите
сведоштва и јас многу ги засакав.

Дојди, убавино Моја,
на убавината наслади се
од твојот Син и Создател.

168. Ги пазам Твоите заповеди и Твоите
сведоштва зашто сите мои патишта се
пред Тебе, Господи.

Дојди, Мајко Моја,
во радоста божествена
и во Царството.

169. Нека се приближи пред Тебе
молбата моја, Господи; вразуми ме
според твоите зборови.

Дојди, Марие,
каде што се слави
Отецот, Синот и Духот.

170. Нека барањето мое дојде пред Тебе;
избави ме според Твоето слово.

Што да Ти воздадам,
Сине, Богочовеку,
слугинка на Владетелот?

171. Од устата моја нека се произнесе
пофалба кога ќе ме научиш на Твоите
наредби.

Што да Ти принесам,
на небото, Боже мој,
ако не душата и телото?

172. Јазикот мој нека ги разгласи
Твоите зборови.

Го славам Отецот,
Те воспевам Тебе, Сине мој,
и се поклонувам на Духот.

173. Зашто сите Твои заповеди се
праведни.

Слава ти, Богородице,
слава на твојата Рожба,
слава и на успението.

174. Нека ми биде Твојата рака на спасение
зашто Твоите заповеди ги избрав.

Адам и Ева
се восхитуваа,
гледајќи ја славата на Дева.

175. Копнеев, Господи, за спасение од
Тебе и Твојот закон е мојата поука.

Јоакиме и Ано,
вие сте блажени
– на светот Ќерка му родивте.

176. Ќе живее душата моја и ќе Те слави;
и Твоите судови нека ми помогнат.

Препрославената
се всели во небесата
како Мајка Божја.

177. Се заблудив како загубена овца:
побарај го Твојот слуга зашто не ги
заборавив Твоите заповеди.

Дарувај мир на Црквата,
на луѓето – спасение,
со твоето успение.

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

О Троице, Боже мој,
Оче, Сине и Душе,
смилувај се на светот.

И сега и секогаш и во вечни векови.
Амин.

Царството на Синот твој,
удостој нѐ да го видиме,
ние твојте слуги, Дево.

Потоа двата хора го пеат првиот стих:

Народите сите
Погребението ти,
Дево, со песни го пејат.

Подготвија С. Трајчевска
М. Даниловска

Претходна статија„Непријателот најдобро се поразува со љубезност“ (19. недела по Педесетница)
Следна статијаЖЕНАТА ХАНАНЕЈКА (Се изедначи себеси со бесловесните животни) Митрополит Наум