КОГА ЉУБОВТА ЉУБИ !

Крстот предолго крвавеше врз нејзините плеќи, но таа беше слепа за смислата на Распетието.

Светот и `светското` и` беа дом.

И` го раносаа телото – страстите помрачени,

умот – помислите суетни,

срцето – похотите лукави. Буквално!

И таа беше точно како пред умирање со сето свое битие.

Бараше, незнаејќи што,

молеше незнаејќи од кого, ропташе, незнаејќи кому…

И така, во еден миг на најмрачен безизлез и очај, кој само што не ја проголта и усмрти, невидлива `рака` како да ја принесе кон подот во став на коленици со подигнати раце – како  на осуденикот.

Не беше таа свесна дека тој миг Милоста ќе и` се смилува!

Очите, пак, затворени се усмерија наугоре или наудолу,

не знаеше каде, но некаде на кај срцето `се случи` блага топлина која во следниот миг ја допре пајажината на умот во којшто подмолно дремеше со години насобраниот отпад.

Тие наталожени, устоени, усмрдени страсти миговно и` се разоткрија во сета своја грозотија и вриштејќи како да се одлепуваа една од друга.

Миговно следеше одговорот на срцето.

Утешна топлина, непознато пламенче, кое штотуку се запалило. Тоа, искачувајќи се накај умот, во љубовна болка, ненадејно и` го осветли и разоткри сето зло.

Во еден миг, како `едно` да беа срцето и умот, болката и утехата, мракот и светлината… и во чудесно ненадеен спасителен плач и обилни солзи, тие гореа, корнеа, чистеа, плакнеа, како надојдена река, исфрлаа се` болно, се` грдо, се` гревовалкано, сите беззаконија, кои со децении биле нејзиниот `имот`.

Таа јасно, во еден миг, како рој змии ги `виде` сите рани, красти и лузни кои си ги нанела себеси и на другите, сите злосторства кои себеси и на другите ги сторила, а за кои дотогаш мислеле дека се наивни, вообичаени за секого наоколу.

Погубила  души!

Неправди и рани кои, всушност, таа лично му ги нанела на Оној, чие име се`уште не го знаеше.

Славољубието и гордоста,

егоизмот и лукавоста,

убиствата и блудот,

себељубието и човеко(не)љубието…сите безаконија, за кои дотогаш верувала дека се природни закони во светот, благосостојба и живот.

Ги `виде` сите нив, во сета нивна грдотија, со лице и наличје .

Слаткоболните солзи и плачот гребеа, го толчеа човекот – ѕверот во себе (во неа), од кого таа одеднаш се згрозуваше и го мразеше, а пламенот во срцето растеше, разгорувајќи нови солзи, толку слатко – горчливи, како лек лечебни, солзи кои капеа до подот, солзи покајни кои го измиваа и корнеа чемерот и отровот и болеа и утешуваа, во истовреме усмртуваа и раѓаа и пак даруваа нов плач, нови солзи, толку потребни  за да ја оживеат, да ја наквасат мртвата ораница на духот…

И се` така во круг…

Кога?!

Ненадејно и` `светнало` во умот, во сето нејзино битие,
Името на Непознатиот,

на Оној Кој утешува,

Оној кој простува,

Кој преобразува… и таа несвесна за ништо околу себе, како гладниот и жедниот во пустина, во спасителен крик Го препозна, го изговори, за првпат, Името Негово и преблагите зборови, како никому дотогаш:

Исусе….Исусе мој…Исусе премил…пресладок мој…, липташе таа, немислејќи дали е тоа прикладно обраќање или не кон Него,…кон Таткото Кој е Судија…

Исусе мој не ме оставај, Исусе, мил, мил, Душо  на душата моја, Исусе љубов моја…. благ, преблаг… спаси ме, гинам, не си оди, не ме заборавај… исцели ме,  прости, прости ми, врати ме, помилуј ме…!

По секое наредно изговарање на тоа име – солзите се умножуваа пообилни, послатки и полечебни.

Така, по милоста Негова нејзе (на жената) и` се откри и вистинскиот призив кон Вистината

– Господи Исусе Христе, помилуј ме, помилуј ме,… грешев!

Топлината во срцето се подигаше накај умот, од таму, од умот како да се враќаше во срцето… така во круг и се` друго во неа како да не забележуваше, освен тој спасителен пресладок оган, кој грееше и гореше од умот до срцето, од срцето до умот и преколнувачкиот шепот:

Господи Исусе Христе, помилуј ме, Исусе, само Ти си ми, Исусе мој…

Во еден миг солзите попримија смирувачка, тивка сладост  и благост на чистина, непознат дотогаш утешителен мир… и секнаа.

Што ли се случува?!

Таа се почуствува чудесно лесно, измиено;

како давеникот кој успеал да земе здив,

како планинарот после големиот подвиг,

како болниот пред умирање – одеднаш исцелен,

како изгубениот кој го пронашол својот дом,

како блудникот кој се враќа при татка си,

како злочинецот кому му ја простиле бесилката,

како дете кое го открило името на својот татко,

како слеп кој штотуку прогледал…

Состојба која освестува, посведочува во слава на Оној, преку Кој безживотните во Живот ги приведува, покајаните ги прима, кога Тој милува.

Се врати таа ДОМА, на безбедно, на закрилено.

Сега беше време за труд, за почеток и себераспнување, свесна за дарот и силата, тогаш, кога покајанието преродува.

Тогаш, кога – Љубовта проштева и љуби!

М. Даниловска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Претходна статијаИсусовата молитва – Разговор со старецот Никодим
Следна статијаПОДАЈ МИР МИРОТВОРКЕ…