“Порака од Света Гора старец Ефрем Филотејски (Аризонски)”
Во книгата: „ Животот на нашиот отец Јосиф исихаст “ , еден пасус го пројавува зрачењето од неговото искуство, стекнато со Исусовата молитва, како и одвоеноста од земните грижи и предаденост на спокоен живот во тихување:
„ Дојде моментот, кога човекот во молитвата, собран со својата сила, Го изговара само преслаткото Име на нашиот Господ Исус Христос, и умот негов станува просветлен, или подобро кажано, опфатен со заслепувачката нематерјална светлина, бела како снег, а целото негово битие прекрасно мириса.
Тој излегува надвор од себеси и стои во друг свет, сосема преобразен. Тогаш ниту се моли, ни мисли – само со воодушевување ги набљудува возвишените дела Божји “.
Свети Макариј Велики еднаш рекол:
„ Постојат очи, зад овие очи и постои слух, зад овој слух. “
Мојот смирен старец исихаст, имаше две чувствителни особини: тихување и солзи. Во морето на тишината, можеше да го наслушнува шепотот на благодатта.
Смртта го затекна со лице оросено со солзи…солзи, чија сладост ние сеуште не сме ја искусиле.
Тој светлосен живот, ние, неговите духовни деца, се заветивме да го следиме, секој според својата моќ и во согласност со внатрешното настроение на своето битие.
Скромното братство, кое се собра околу мојата недостојност, и кое со Божјата благодат секој ден се умножува, сега се зацврсти на ова мирно место, во свештениот манастир на св. Филотеј ( Света Гора ).
Срце чисто создај во мене, Господи.
Спроти нашиот манастир се наоѓа скитот Магула. Токму тука, во првата половина од XIV век, св. Григориј Синаит ја донел од Синај на Света Гора, Исусовата молитва.
Тоа нас уште повеќе нé поттикнува да продолжиме по патот на тихуванието, во рамките на монаштвото – како што тоа нам ни го предаде нашиот духовник, и целосно да се посветиме на целта:
да направиме монах од својот внатрешен човек.
Бидејќи, бремето не е во тоа идниот монах да го промени својот световен изглед со ставање на монашко расо врз себе, туку во тоа, промената да го оплоди неговото срце.
Вие сигурно знаете, што му рекол св. Василиј на еден соплеменик, кој се замонашил но, не станал монах и во срцето:
„Сенаторот го изгубивме, а монах не добивме!“
На едно друго место св. Ефрем Сирин забележува:
Да наведеме уште еден свет човек, св. Нил Мудриот, ученик на св. Јован Златоуст:
„Монахот е олтар Господов, олтар во кој, и од кој, чисти молитви Му се вознесуваат на Господа во висините; олтар духовно втемелен. “
Прашањето е – на кој начин грешното човечко срце може да се очисти, за да стане „ олтар духовно втемелен. “
Светите отци велат дека најсигурен и исправен пат за очистување на срцето, просветлување на умот и осветување на душата лежи во постојаното практикување на Исусовата молитва.
Отците подвижници, потеклото на оваа молитва го врзуваат за светите Апостоли.
Уште од нивно време, непрестајната умна молитва станува како некое тајно дишење на телото на Црквата низ вековите.
Црквата е Тело Христово и таа дише со Името Христово. Христовото Име поседува моќ, благодат и енергија од Пресвета Троица.
Со блаженото Име на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, генерации и генерации пребивале во созерцание.
Молете се постојано.
Исусовата молитва допре до Света Гора во средината на XIV век. Од скитот Магула, кој го споменавме, таа бргу се рашири, не само по издвоените манастирски келии, погодни за мирниот живот на исихастите, туку и по големите манастири на Атос и по братствата надвор од Света Гора, вклучувајќи ги и верниците.
Тогаш мистичниот пламен на оваа молитва се разгоре и ги просветли умовите, ги загреа срцата, ја разбистри совеста и ја очисти душата со созерцанија на царството небесно.
Во книгата „ Добротољубие “ св. Никодим Светогорец дава исечок од животот на св. Григориј Палама, со кој овој порачува сите христијани да се молат непрекинато.