Недела на свети Григориј Палама
Често, човек е толку фатен, т.е. парализиран од гревот, што самиот е неспособен да дојде до Христос и да побара исцеление.
Во такви ситуации доаѓа до израз големото и незаменливо значење на Црквата како заедница, која со своите најразлични богочовечки дарови како:
утеха, поука, личен пример, материјална помош, покајание и слично, и без оглед на тешкотиите, го приведува човекот кон Господ Христос – Исцелителот на нашите души и тела. Од „фатениот“ се бара само смирение.
Таков заеднички подвиг гледаме и во напорот фатениот да биде приведен до Богочовекот Христос.
Но, гледаме и смирение.
Влегувањето преку покривот на куќата со надеж за исцеление, а наместо тоа јавно да ја слушне само причината за својата болест – гревот, и без помисла и приговор да го прифати сето тоа, зарем ова не е сведоштво на смирение?
Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот, како што потврди и Христос, и молкум, со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за толку – да му ги прости „само“ гревовите.
Прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас и прифаќањето на Божјата промисла за нас, при нашите неволни страдања, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на Божјата благодат.
Следствено, тоа значи и наше исцеление, и душевно и телесно.
Дека токму за тоа се работи, покажува следот на настаните.
Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност, пристапиме кон Него.
Вистинското покајание и вистинското простување на гревовите се препознава од неповторувањето на гревот.
Простување на гревот значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа е возобновување на нашата заедница со Бог.
Затоа и Господ Исус Христос на фатениот му се обраќа татковски, со зборот „синко“…
Токму тој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови.
Затоа немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но објавата на простувањето ги збунува.
Посебно, заради нивно обраќање и спасение, Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво јавно му простува на фатениот, па љубовно – без да ги кара како што Он знае, кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца, и на крај им ја пројавува Божјата сила и власт – што како Бог ја има, со исцеление на фатениот.
Ова го потврдува и самото евангелие: „така што сите [без исклучок] се дивеа и Го славеа Бог, велејќи: ’Никогаш вакво чудо не сме виделе!‘“
Духовниот развој, како своеволен подвиг – според отците исихасти, е освестено чистење на срцето од страстите до пројава на благодатта на Крштението од него, т.е. до неговото отворање за умно-срдечната молитва и прво гледање на несоздадената светлина.
Тоа е вистинско ослободување од робувањето на страстите, од гревот, демонот и од смртта; тоа е премин од противприроден во природен начин на живот, тоа е неприпадност на овој свет и восиновување од Бог.
Теологијата на аскетско-исихастичкиот подвиг најпотполно е објаснета во делата на светиот отец наш Григориј Палама, кому Црквата ја посветила втората недела од Великиот пост.
Пресвета Богородице, по молитвите на свети Григориј Палама, спаси нас!
Митрополит Наум