Митрополит Антоније Блум
ДА СЕ НАУЧИМЕ НА МОЛИТВАТА
ДА БИДЕМЕ СЕКОГАШ ДО КРАЈ ИСКРЕНИ ВО МОЛИТВАТА

Ако суштината на молитвата е општењето на човекот со Бога , т.е. комуникацијата слична на онаа која што се случува меѓу двајца луѓе, , тогаш се подразбира дека помеѓу Бога и човекот мора да постои вистинско, длабоко разбирање и сродство.
Христос во Евангелието говори:

„Не секој што ми вели : Господи, господи, ќе влезе во Царството Небесно, а оној што ја исполнува волјата на мојот отец небесен“ (Мт.7,21).

Ова значи дека не е доволно човекот да се моли, туку освен молитвените зборови треба да живее и со живот кој би бил израз на оваа молитва , кој оваа молитва би ја оправдало.

Еден древен писател вели:

Не ја сведувај молитвата само на зборови: направи целиот твој живот да биде служење на Бог и на луѓето…

И тогаш, ако се молиме живеејќи со ваков живот , нашата молитва ќе прозвучува вистински.

Поинаку, таа ќе биде потополна лага , поинаку таа ќе биде изразување на мисли и чувства кои што не постојат во нас, кои што од некого сме ги превзеле, зашто само ни се чини дека со Бога треба така да се разговара.

А на Господа му е потребна вистината :
вистината на умот наш,
вистината на срцето наше
и секако, вистината на нашиот живот.

Каква е всушност ползата ако комуникацијата (дијалогот) не е до крај искрена?

А вистината настапува во оној миг кога ние стоејќи пред Бога , си го поставуваме себе си прашањето:

„Кој сум јас пред Лицето на Он лице в`лице , дали моето срце копнее по Него?

Дали е умот мој отворен?

„Што ми е заедничко мене со Оној кому се обраќам?“

И ако откриеме дека немаме ништо заедничко меѓу нас, или има премалку , тогаш и молитвата обавезно ќе биде или невистинска , или слаба и немоќна и нема да го изразува човекот.

Инсистирам на тоа, зашто тоа е важна особина на молитвата: мораме да бидеме искрени до крај. Тогаш се појавува прашањето со какви зборови треба да се молиме.

Зашто, на пример во во црквата сите се молат со туѓи зборови , односно со зборовите на Светите, зборови кои што настанале низ вековите и поколенијата?

Може ли со вакви зборови да се молиме вистински?

Да, може!

Само за да биде вистинска оваа молитва потребно е со овие кои со векови пред нас се молеле со сета душа своја , со сиот ум свој , со сета сила своја со сиот вапај на на душата своја, да се подели искуството на богоспознанието и искуството на животот на луѓето од каде што се изродиле овие молитви.

Светиите не ги измислувале молитвите .

Молитвите се раѓале во нив како потреба:
од радоста, или од несреќите,
или од покајанието, или од тагата заради напуштеноста,
или едноставно затоа што се и тие праведни, вистински луѓе – и затоа што опасноста пред која што се наоѓале ги предизвикала токму овие молитви , ги искорнале од душите.

И доколку сакаме да се молиме со овие зборови мораме да сочувствуваме со нивните чувства и искуства.

Како да го правиме ова?

Можеме ли да се пренесиме наназад низ вековите?

Не, не можеме , но постои некаде во нас едно основно човечко искуство кое што не соединува со нив.

Ние сме луѓе како што и тие биле и ние го бараме Бога , Истиот Оној, Кого што и тие го барале , Кого што тие го пронашле.

Борбата која што во нас се одвива е истата онаа борба која што ги корнела и нивните души.

Значи, можеме од нив да научиме да се молиме на ист начин како што во целосно поинакви области го прошируваме своето знаење , го продлабочуваме, учествуваме во искуството кое поинаку нам би ни било недостижно – како кога со внимание слушаме музички дела на големите мајстори , како кога се загледуваме во сликите на големите мајстори.

Тие живееле со ист живот како и ние, само што тие го чувствувале во неговата префинетост и длабочина кои што нам не си се секогаш достапни, а преку нивните дела ние соучествуваме во нивните сфаќања  кои што инаку не би можеле да ги сфатиме.

Токму затоа, потребно е да ги соединиме животот и молитвата , да ги слиеме во едно, за животот да ни даде храна за молитва и од друга страна, животот да ни биде израз за вистинитоста на нашата молитва.

Преведе М. Даниловска

Претходна статијаДедо Наум – Домот на нашето ЈАС!
Следна статијаПЛАЧАМ – СО КОИ СОЛЗИ? ( Околу видот на солзите – Старец Клеопа)