Почит со уста

“Овој народ со уста Ме почитува, а со срцето свое стои далеку од Мене, но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби.“ (Марко 7, 6-7)

Многу те сакам Боже мој, толку многу што би те прославил пред секој собир, во секоја црква, на секој начин што ти доликува и нема да бидам негоден во ниту еден час на псалмувањето, барем не толку видливо за очите на оние што ме гледаат и за кои во никој случај не сакам да бидам соблазна.

Многу те почитувам Боже мој, моја закрило во тежок час и утехо кога тој ќе пројде со негативни последици, мој помошнику кога крајот на бремето станува недогледлив како врвот на ридот до кој Сизиф го туркаше каменот, моја надеж за последните денови од тестот во ова правливо тело и вечните денови од животот во падината пред твојот престол.

Со тебе се будам мој Боже и кога мугрите ми велат да не ги отворам очите пред денот на лажните исчекувања,

со тебе си легнувам Боже мој и заспивам со најблагодарните зборови од најважната молитва во најмирниот ден од ноќта.

Многу те сакам Боже мој, толку многу што не би можел поинаку и посилно да го искажам од она со досегашните букви.

Но, остави ме Боже малку да крадам од соништата на моите ближни за да ги отсонувам сопствените, и онака тие нема да забележат во нивната амбиција да украдат од оние на богатите и славни.

Остави ме Боже малку да си го убијам мирот и оставам раскол помеѓу мојата совест и твоите зборови, само и само да се пласирам на добра позиција во овој земен живот што ќе ме влечка угоре – удолу по пиедесталите на илузијата.

Остави ме Боже малку да лажам во сопствена корист додека како адвокат на ѓаволот ги бранам моите права за дел од земјината топка во вид на недвижност, подвижност, па макар и пустина чие име би стоело во мојата тапија.

Остави ме Боже малку да блудам во сопствената кожа, де со стариот човек кој никако не сака распнување, де со новиот човек кој не успева да се задржи повеќе од дузина минути.

Остави ме Боже малку да имам други богови освен тебе, толку се намножиле и се разлигавиле со помамни ветувања што со половина око упорно ѕиркам во нивните полни раце, невидливо крвави на опачината.

Да, тоа се човечки повелби кои толку го оддалечиле срцево мое од Тебе.

Крадат многу во светот и помислив дека тоа е стандардот да се чувствуваш доволно жив за да ја заслушнеш песната на птиците рано наутро.

Убиваат многу во светот, дали своите добри дела или ближниот престолонаследник на некое добро, но тоа го прават толку често што помислив дека е инстинкт кој води до исполнета личност до максимумот на својата нирвана.

Лажат многу во светот, како вистински деца на таткото на лагата, кои за жал веруваат во тоа и ме прават огледало на нивната фатаморгана за неуспешно да талкам до замислените оази, се разбира секогаш жеден.

Блудат многу во светот и изгледа страсно ноќта без ниту една светлина кога ќе ја напуштиш создадената од реброто сопствено и таа празнина ја исполнуваш со валканици од туѓа пот и семени течности проколнати никогаш да не бидат здрав пород.

Идолизираат многу по светот поклонувајќи се на лажните сјаеви, нивни реплики на тркала, имоти непогодни за домови, валути без разменувачка вредност, и сето тоа заводливо за моите очи со диоптрија која не гледа подлабоко.

Многу те сакам Боже и ќе те прославувам што не ме остави без сила да се борам со крадливецот во мене кој пополека папсува пред нашата кауза.

Те почитувам помошнику во часот на слабоста да ја задржиш раката моја која го подигнува ножот врз сопствената совест за да ја прободува додека не замолчи за злото што сакам да го правам.

Со тебе се будам и не позволи повторно да се излажам и ова утро дека денот во светот ќе помине онака како што ангелоотпадниот не посакал, зошто знам дека светот ги намрази оние кои сакаат да наликуваат на Тебе.

Со тебе заспивам и побрзо затвори ги очиве мои за ни случајно да не погледат во несопственото и во срцево сторат прељуба.

Многу те сакам Боже мој и не верувам дека овие букви се доволно силни за да вреснам дека не сакам други богови освен Тебе, Кој си ме запознал уште во утробата на мојата мајка и уште пред првиот плач си рекол дека ќе бидам твое сакано чедо.

СП Апостол

Претходна статијаСекташко однесување во Црквата! Митрополит Наум
Следна статијаМолитва на старец Сампсон (…Не отфрлај ме…)