ВО СВЕТОТ НЕМА НИШТО СЛУЧАЈНО

Што е тоа промисла?

Тоа е едно од основните Божји својства – да гледа сè што постои, што постоело и што ќе постои во иднина и поседува семоќна грижа за зачувување на созданието и разумно управување со настаните кои таа ги остварува.

Свети Јован Дамаскин за ова го вели следново:

Промислата е Божја волја, која содржи сè и со сè разумно управува.

Она што нам ни се чини случајно, всушност се случува по Божја волја
Доколку разгледуваме било какви настани и појави, не проникнувајќи до нивните причини и последици, тогаш многу нешта ни се чинат случајни.

Доколку гледаме на нив од витинската гледна точка, односно доколку судиме за појавите по Божја Промисла, ќе видиме дека во светот нема ништо случајно, што се случува без Божја волја и Промисла.

Божјата Промисла (Божјата грижа) е безгранична и опфаќа се што можеме да замислиме. Семоќниот Бог во еден миг продира и ги гледа сите места: висината на небото и ширината на земјата, длабочината на морето и незнајните места во подземјето.

Во сите дела на Божјото управување прекрасно свети Неговата Промисла и грижа, која не само што се остварува на својата творба, туку ì е својствена нејзе и пребива во неа.

Ние слепите, мислиме дека многу работи се случуваат по слепа случајност, тогаш кога сè без исклучок се случува според предвечната Божја Промисла и Неговата добра волја.

Августин точно рекол:

Сè она што несфаќајќи сметаме дека се случува случајно, неразумно и без било каква Божја Промисла, всушност се случува по Божјо уредување.
Да го објасниме тоа преку следниот пример:

Сопственикот ги праќа двајцата слуги на едно исто место, ама по различни патишта, не кажувајќи му за тоа ни на едниот ни на другиот.

Нивната средба на тоа место е СЛУЧАЈНА во однос на нив самите, тие не знаеле дека ќе се сретнат, но не е случајна во однос на нивниот сопственик.

Така сиромавиот пронаоѓа закопано богатство случајно, но за Бог, кој сакал богатството да биде таму закопано, за да може сиромавиот да го пронајде и да се збогати – тоа веќе не е случајност, туку Божја, татковска Промисла, со која се збогатува сиромавиот.

Кај Бог нема случајност. Често се залажуваме нарекувајќи го случајно она, во кое се открива највозвишената Божја Премудрост и Промисла….
….
– Непрестајното Божјо промислување за секого од нас –
Често пати Бог, мудро промислувајќи за нас, нè води по макотрпни, едвај проодни, животни патишта, но Он добро знае по кои патишта нè води во Своите рајски градини.

Зошто да насочуваме тажни пискоти против најмудриот и многу сигурен Патеводител во нашиот живот?

Зошто, доколку одиме по патот што Бог ни го одредил, да велиме:

„Каде нè водиш?
Изгледа одамна сме застраниле од вистинскиот пат“.

– „Не тагувај, пријателе мој! – таинствено ни говори Бог:

Само верувај Ми. Ќе те однесам среќно и нема да зажалиш кога ќе го завршиш патувањето“.

Така секој од нас го следи Божјата Промисла на животниот пат од денот на раѓање до денот на влегување во вечен живот, само доколку останеме верни на Божјото раководство, на кое нам нашиот Спасител ни укажа во Своето Свето Евангелие….“

Свети Јован Тобољски

Претходна статијаВОЖДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ И ЖИВОТВОРЕН КРСТ – КРСТОВДЕН
Следна статијаМЕТАНИИ – Игумен Гаврил (Појаснување за – метаниите)