Спаси ги, Господи, луѓето Твои и благослови го Твоето наследство, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој пазејќи го Твоето население.
Кондак, глас 4.
Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа над непријателите, имајќи го за помош твоето оружје на мирот, непобедливата победа.
Икосː Оној што беше издигнат до третото небо, во Рајот, и слушна неискажливи и божествени зборови што нашиот јазик не може да ги искаже, им го пишува на Галатјаните тоа што и самите го знаете, како познавачи на Светото писмо, во кое читамеː
„Што се однесува до мене, нема со што да се фалам, освен со Крстот на кој Господ, со своите страдања, ги уништи страстите“. Што се однесува до нас, цврсто да ја држиме нашата слава – Крстот на Господа, бидејќи ова дрво, кое носи спасение, за нас е оружје на мирот, непобедлива победа.
За време на целивањето на чесниот Крст, пееме самогласни стихири, глас 2.
Пријдете, верни, на животворното дрво да се поклониме, оти Христос, Царот на славата, откако на него доброволно рацете ги рашири, нѐ вознесе кон првобитното блаженство, од кое порано нѐ лиши непријателот, поради наслада, и нѐ протера далеку од Бога.
Пријдите, верни, на Крстот да му се поколниме, со кого се удостоивме на невидливите врази главите да им ги скршиме.
Пријдите, сите племиња и народи, со нашите песни на крстот Господов почит да му оддадемеː Радувај се, крсту, на паднатиот Адам совршено избавување!
Со тебе се фалат најверните наши цареви. Ние христијаните со страв сега те целиваме, на тебе Бога прикованиот Го славиме, говорејќиː Господи, Кој на него се прикова, помилуј нѐ, како добар и човекољубец.
Глас 5.
Пријдете, луѓе, гледајќи го преславното чудо, на силата на Крстот да ѝ се поклониме, зашто дрвото во рајот смрт произведе; ова, пак, живот процвета, имајќи го безгрешниот Господ прикован на себе, од Кого сите народи, земајќи нераспадливост, викамеː Ти, Кој со Крстот смртта ја уништи, и нас нѐ ослободи, слава Ти.
Се исполни, Боже, гласот на Твоите пророци Исаија и Давид, кој велиː Сите народи ќе дојдат пред Тебе, Господи, и ќе се поклонат пред Тебе; зашто, ете, луѓето, кои со Твојата благодат, Благи, се исполнија во дворовите Твои во Ерусалим, Ти, Кој претрпе Крст за нас, и нѐ оживотворуваш со Твоето воскресение, сочувај нѐ и спаси нѐ.
Глас 6ː
Денес четирите краишта на светот се осветуваат, со четирите краеви на Твојот Крст, Христе Боже наш. Со него се издигнува и достоинството на православните христијани; со него се крши силата на непријателите. Голем си, Господи и чудесен во Твоите делаː слава Ти.
Гласовите на пророците го предвестија дрвото свето, со кое Адам се ослободи од древната смртна клетва; а денес, кога тоа се издигнува, и сета твар го крева својот глас, просејќи од Бога милост богата.
Но, безмерен Владико, Кој си единствен во милосрдието, биди ни наше очистување, и спаси ги душите наши.
Глас 8
ː Гласот на Твојот пророк Мојсеј се исполни, Боже, кој говориː Ќе дојдат сите народи, Господи, и ќе се поклонат пред Тебе; зашто луѓето, кои се исполнија со Твојата благодат, Благи, Кој претрпе Крст за нас, и нѐ оживотворуваш со Твоето Воскресение, сочувај нѐ и спаси нѐ.
Денес Господарот на созданието, и Господ на славата, на Крст се приковува, и во ребра се прободува, жолчка и оцет вкусува Оној што е црковна сладост; со венец од трње се обложува; со облека на потсмев се облекува, Оној што небесата со облаци ги покрива.
Од валкани раце шлаканици прима, Оној што со рацете го создаде човекот. По плеќите е биен, Оној што небото со облаци го покрива; прима плукања и рани, подбивање и шлаканициː и сѐ трпи заради мене осудениот, мојот Избавител и Бог, за да го спаси светот од измамата, како Милосрден.
Слава, и сега, глас 8ː
Денес непристапниот по природа, за мене достапен станува, и страдања прима Оној што од страдањата ме ослободува.
Оној што светлина на слепите им дава, од усните на беззакониците се плука, и дозволува да биде камшикуван, за да ги ослободи заробените. Него чистата Дева и Мајка, на крстот гледајќи Го, болно му велешеː
Тешко мене, Чедо мое, што тоа си направил? Ти, Кој сите луѓе ги надминуваш по добрина, без дишење и без изглед се покажуваш.
Тешко мене, Светлино моја! Не можам да Те гледам како спиеш, утробата ми се ранува, и луто оружје срцето ми го прободува. Ги воспевам Твоите страдања, се поклонувам на Твојата добрина, Долготрпеливе, слава Ти.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (превод и препев од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).