ЗА КУЛТУРАТА НА ОПШТЕЊЕ – ТАЈНАТА НА СПАСЕНИЕТО
Архимандрит Рафаил (Карелин)

Еден од најважните аспекти на религиозната моралност е културата на општење.

Тоа умеење спокојно да се ислуша другиот, макар неговото мнение да не се совпаѓа со сопственото или дури и му противречи.

Присуството на благодатта Божја во душата на човекот не му дава можност да го навреди или да го понижи ближниот. Етиката се покажува на уважувањето на еден кон друг.

Зборот „култура“, потекнува од зборот „култ“, што значи „уважувам“ и „почитувам“.

Во дадениот случај висината на културата, вклучувајќи ја и духовната култура се содржи во умеењето да се види во секој човек образ и подобие божјо – личност, која има свој поглед на свет, свои морални критериуми, свој духовен свет.

Кога два собеседника зборуваат за религија и нивниот поглед на свет не се совпаѓа, разговорот треба да добие форма на заедничко барање на вистината: на почеток да се објасни во што тие се разидуваат.

Потоа треба да биде најден заеднички критериум на вистината и спокојно да бидат разгледани недоумиците, прашањата, проблемите, точка по точка, без да се напушти таа платформа.

Таква платформа можат да бидат сите учења на Црквата, текст на Библијата или само Новиот Завет.

Ако религиозните убедувања се засноваат на разни книги на Библијата, на Ведите или Коранот, тогаш треба да се откријат основните признаци на вистинитоста за какви очевидно треба да се сметаат внатрешната непротивречност на текстот, треба да се разгледа историјата на создавањето на тие книги итн.

За да му се одговори на собеседникот како што треба, треба да умееме и да го ислушаме спокојно, да разбереме што сака, да ја откриеме главната положба на неговиот поглед на свет.

Потоа да се запраша дали е правилно разбран, да не му припишуваме нешто што не мислел и за што воопшто не сакал да зборува.

Навистина, нема човек кој за ништо не е во право (преподобен Макрије Египетски го пофалил за трудољубието дури идолскиот врач кога видел дека носи на рамена тежок трупец).

Откако ќе ги забележиме точките што не зближуваат, односно создаваат некоја одредена психичка врска, кога противникот не не’ восприема како противник туку како пријателско лице што се стреми да го разбере, треба многу коректно да се допреме до точките на разидување и да се предложи заеднички да се разгледаат произворниците.

Голема етичка и психолошка грешка е заклучокот априори, пред доказите, кога местото на доказите го зазема сопствениот авторитет, што воопшто не ги обврзува другите.

Ако под дејство на неоспорни факти опонентот биде принуден да се согласи, како избиен од седлото коњаник на некој турнир, таа согласност обично не е цврста и тој ќе сака да даде реванш за поразот и ќе најде (после разговорот) нови докази и факти што ќе го порекнуваат вашето мислање.

Силата на Сократ била не само во неговиот ум, туку и во методата.

Тој не зборувал во име на собеседникот, туку му давал да прави сопствени заклучоци, задавал сугестивни прашања и давал соодветни примери.

Критичките забележувања на собеседникот треба да се примат спокојно и ако се справедливи, веднаш да се согласуваме.

Разговорот станува бесмислен ако дозволиме да се претвори во СПОР во своевиден говорен ДУЕЛ, во кој нанаесуваме и добиваме удари, ништо не добивајќи.

Тогаш дијалогот се претвора во два монолога – секој зборува НЕ СЛУШАЈЌИ го собеседникот, а ако го слуша, тоа е со една намера :

По секоја цена да го прекине. Како сведок за духовната и морална неразвиеност на човекот служи неговата неправилна позиција, или поедноставно кажано „позата“ во разговорот.

 

1. ПОЗА НА „УЧИТЕЛ“

Човекот зборува со другиот со поза на – надмоќност.

Тој не се сомнева дека знае повеќе од своите собеседници, дека е поумен од нив, дека подобро знае што му е нужно на човекот. Нему му се чини дека е негова обврска да подучува, а другите – да учат.

Таквите луѓе говорат со чудна самоувереност, дури и не разбирајќи дека таквата самоувереност што звучи во нивните зборови, го оддалечува од нив, нивниот собеседник.

 

2. ПОЗА НА „ЈАВЕН ТУЖИТЕЛ“

Човекот се смета себе си за повисока инстанца во судбината на другиот. Тој постојано му укажува на собеседникот на недостатоците, го ЛОВИ на противречности како арамија што ја вовлекол раката во туѓ џеб, го разобличува, негодува и изнесува приговор, воопшто без свесност дека тој не му е подвластен.

Мисли дека му носи богатство на човекот отварајќи му ги очите за самиот себе си. Тој смета дека кутриот грешник е должен само да му благодари на наравоучението.

Желбата да ги поправа другите често има карактер на упорен јадеж како при некоја мачна кожна болест.

ПОЗА НА „СЕЗНАЈКО И СОВЕТНИК“

Човек, готов секогаш да даде совет и рецепт за сите случаи во животот.

Обично тоа се многу ограничени луѓе кои многу зборуваат затоа што малку знаат и уште помалку размислуваат.

Тие се готови да даваат совети, зашто не чувствуваат одговорност за своите зборови.

Тие луѓе се мешаат во туѓите работи со целосна увереност дека им укажуваат на луѓето и се од голема помош.

Самите, тие луѓе, не примаат совети.

Кога нивните потфати завршуваат со неуспех (а, тоа често се случува), ги обвинуваат сите, освен, самите себе.

 

4. ПОЗА НА НАЧАЛНИК

Човекот зборува така како да им издава заповеди на своите потчинети. Тој сака да биде малечок „цар“ во своето семејство, среде пријателите или просто со собеседникот.

Таквите луѓе не трпат ПРОТИВРЕЧЕЊЕ.

Таквите луѓе ги карактеризира исклучиво почитување на сопствената личност и неуважување на сите останати.

Тие бесрамно се фалат самите себе си, раскажуваат за своите добродетели .

Една и иста фраза ја повторуваат неколку пати за да се запечати во помнењето на собеседникот. Во однос кон другите покажуваат крутост и неблагодарност.

Тие, искрено веруваат дека за сите останати наоколу е вистинска среќа да дишат воздух со нив заедно.

Собеседникот не го слушаат и можат да го прекинат со прашање што воопшто не се однесува на конкретната работа.

Се задржав на овие неколку психолошки типови на луѓе само затоа што ние често не контролирајќи се себеси го правиме истото!

Затоа при разговорот е неопходно да се зпомни каков човек не смее да биде и што не треба да прави.

Гордоста е во состојба да ги разруши сите психолошки мостови меѓу оние што разговараат и да ги раздвои на непријателски табори.

Човекот треба да биде коректен уште повеќе при разговори на религиозни теми.

Нашата ревност за божествената слава треба да се изразува во нашиот живот преку исполнување на волјата Божја, односно на заповедите, а не преку нетрпеливост кон оние што поинаку мислат и поинаку веруваат.

Грубоста и нетолерантноста често во себе сокрива слабост или отсуство на аргументи, а гордоста и високото мислење за себе, ниско интелектуално и емоционално ниво.

Има една англиска поговорка која вели дека дупките што се прават во мозокот, ги исполнува ГОРДОСТА.

Ако разговорот, дијалогот добие некоректни форми по вина на собеседникот, треба да се направи забелешка дека за серозни работи, теми, треба да се зборува, сериозно и со толеранција, а ако тоа не биде прифатено, тогаш е најдобро да се откажеме од разговорот, зашто некоректноста во таквите случаи, често преминува во непристојност и може да заврши со взаемни навреди и конечен прекин.

Премудриот Соломон во една од своите приказни рекол:

„при многу зборување не се избегнува гревот“ (Изреки, 10,190.)

Овде работата не е во тоа дека нераководен јазик задолжително дозволува грешки и лапсуси, туку и во нешто друго:

Многусловието е плод на гордост и незнање.

Пренесе и подготви  М. Даниловска

Претходна статијаНИЕДЕН НАШ ЗБОР НЕ ИСЧЕЗНУВА…
Следна статијаНедела на слепиот Свето евангелие според светиот апостол Јован 9:1-38