Свети Јован Лествичник – Слово седумнаесето од „Лествица“ (извадок)
ЗА НЕЧУВСТВИТЕЛНОСТА , ОДНОСНО ЗА УМРТВЕНОСТА НА ДУШАТА И СМРТТА НА УМОТ ПРЕД СМРТТА НА ТЕЛОТО

Бесчувствителниот монах е безумен философ, учител кој со своето учење се осудува самиот себе,
адвокат кој ја застапува противничката странка,
слепец кој учи како да се гледа .

Тој зборува за лечење на рана, а не престанува да ја чеша својата;
зборува против страстите, а не престанува да јаде штетна храна;
се моли против својата страст, а ита да ја задоволи;
се лути на самиот себе и не се срами од своите зборови, бедниот!

„Не правам добро!“, возвикнува и усрдно продолжува со истиот грев;
со устата се моли против гревот, а со телото се бори за него;

мудрува за смртта, а живее како никогаш да нема да умре;

воздивнува заради разделбата на овој свет, а дреме како да е вечен;

расправа за воздржанието,

а мисли само на тоа како да му угоди на стомакот;

чита за Страшниот Суд, а почнува да се смее;

чита за суетата, а со самото читање ја храни својата суета;

нашироко расправа за бдеењето, а самиот веднаш тоне во сон;

ја фали молитвата, а бега од неа како од камшик;

послушанието го смета за блажено, а самиот е прв непослушен;

ги фали оние на кои не им е значајно ништо земно,
а самиот не престанува да се одмаздува и кара заради еден партал.

Кога ќе се налути станува огорчен , па заради своето огорчување повторно се лути и додавајќи пораз врз пораз не чувствува што прави.

Кога ќе се најаде се кае, ама малку повеќе повторно јаде;
го прославува молчењето, но го фали со многу говорливост;
учи на кротост, а и при самото поучување често се гневи,
па потоа повторно се гневи на своето огорчување;
ќе се отрезне, ќе воздивне, климнува со главата и пак им сe подава на страстите.

Смеата ја куди, а за плачот зборува смеејќи се;
се жали пред луѓето на своето славољубие, а со тој прекор сака да стекне слава; страсно гледа во женските лица, а зборува за целомудрие;
ги фали тихувателите – живеејќи во светот
и не забележува дека со тоа самиот себе се посрамува;
ги слави милостивите луѓе, а ги навредува просјаците.

И се` што прави, прави на своја осуда, а не сака – да не речам дека не може – да си дојде на себе.

Сум видел многумина такви луѓе кои плачеа слушајќи за смртта и Страшниот Суд.
Но солзите уште не им се исушија, а брзо трчаа на трпеза.

Се зачудив како таа господарка – срамната страст – зацврстена со долготрајната бесчувствителност, може да го победи и плачот…

Претходна статијаПрирачна психоанализа (26.04.2020 12:47)
Следна статијаЗа Духовното сонце (Преподобен Симеон Нов Богослов)