Светоотечка ризница

КАКО ДА СЕ СПАСУВАМЕ ВО СВЕТОТ

„Секој кој живее побожно ќе биде клеветен и гонет“

Преподобен Антониј Велики

Биди трудољубив во читањето на светите списи, а особено во читањето на Светото Писмо. Тоа ќе ги истера од тебе сите нечисти помисли.

Доколку со усрдност ги читаш споменатите списи и ги исполнуваш Божјите заповеди, милоста Божја ќе биде со тебе.

Засакај ги повеќе прекорите и навредите, од почитувањето и честа; повеќе сакај го уморот на телото од одморот и недостатокот на потребните работи од вишокот на излишните.

Кога си во црква не размислувај за световните работи, ниту за тоа како ќе ги уредиш своите земски работни обврски.

Не ги откривај своите помисли на секого, за да не го соблазниш ближниот. Не ги исповедај на сите своите помисли, туку само на оние кои можат да ја излечат твојата душа. Кон секого биди пријателски расположен, но секој нека не ти биде советник.

Однесувај се така за сите луѓе да те благословуваат.

Избегнувај ја лагата, зашто лагата ќе го оттргне од тебе стравот Божји.

Твојата уста нека зборува само вистина. Не се колни ниту се заколнувај ниту во вистински, а камоли во сомнителни нешта или работи.

Доколку си започнал некоја работа, и забележуваш дека не е според Божјата волја, веднаш напушти ја.

Угледај се на оние кои се подобри од тебе, кои го љубат Бога со сето свое срце и кои прават добри дела. Прашувај ги, и барај совет од нив. Од световните луѓе кои мислат световно и зборуваат само за земските работи, тргни се настрана.
Не се дружи со горди луѓе, туку со кротки и благи.

Биди скромен во сѐ: во движењата на телото, во говорот, во облеката, во седењето, во станувањето, во својот дом, во сѐ – пред сите и пред секого.
Кога некој те прекорува за некој грев кој не си го сторил, а ти си невин, не се лути, туку биди спокоен, и Бог ќе те награди.

Не се гневи и не го помни лошото кај оној што те разлутил, зашто можеби самиот си виновен за тоа.

Не се плаши од човечкиот презир и клевети. Секој кој сака побожно да живее ќе биде гонет, клеветен и презрен.

Не ја оставај Божјата волја заради исполнувањето на човечката волја и не ги нарушувај Божјите заповеди поради уважување на човечкото пријателство.

„Поднесувајте сѐ заради Христа“

ИЗВОРМанастир Св. Гаврил Лесновски
Претходна статија…Таквите луѓе започнуваат да мислат за себе дека се воздигнати до ангелите!(Свети Никодим Агиорит
Следна статијаПомислувај во секоја прилика, како што Му е угодно на Бога!