Реката Јордан остана позната во историјата поради различни настани, но, пред се’, поради проповедта и крштението на Јован Претеча, но и поради крштевањето на Христа во неа.
Според свети Јован Златоуст, Јордан е образ на човечкиот род.
Најпрво се нарекува Јордан, затоа што произлегува од два извора, од Јор и Дан. Овие два извора ја формираат реката Јордан, која се влева во Мртвото Море. Според едно анагошко толкување, сиот човечки род произлезе од два извора, т.е. од Адам и Ева, а со гревот беше одведен во умртвување, во мртвото море на сегашниот живот, каде што е смртта. Во тој Јордан, т.е. во човечкиот род, влезе Христос со Своето вочовечување и на тој начин ја победи смртта и ги насочи луѓето кон предишниот живот.
Пророкот Давид пророчки вели:
„Морето виде и побегна, Јордан се срте назад”.
Со тоа сакал да го покаже зачудувањето на морето, на водата што се распростирала на голем дел, и на реката Јордан, од влегувањето на безгрешниот Христос во неа.
Тоа зачудување се оправдува во молитвата на Водосветот, која ја напишал свети Софрониј Ерусалимски и која се чита при осветувањето на водите.
Се вели:
„Јордан се сврте назад, гледајќи го огнот на Божеството како телесно доаѓа и влегува во него”. Огнот на Божјата природа во Христовото тело влегуваше во водата.
Ова пророштво, на некој начин и во еден степен, се применува и во животот на христијанинот. Морето е животот на човекот, кој е полн со маки, затоа и се нарекува солено море. А, како што видовме претходно, Јордан е човечкиот живот што по падот на првосоздадените беше одведен во умртвување, се поврза со смртноста и со трулежноста. Со покајанието човекот се ослободува од соленото море на животот, а, исто така, и животот на човекот се преобразува, се менува, се насочува кон своите вистински извори, стекнува друга смисла. (Исихиј Презвитер).
Во јавувањето на Триедниот Бог на реката Јордан, учествува и Светиот Дух, Којшто е Третата личност на Света Троица, не пониска од другите две, бидејќи и Он е единосуштен со Отецот и со Синот. Јован Крстител „Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да слегува над него” (Мт. 3,16). „Над него” се однесува на Христа. И така, во моментот кога Светиот Дух слезе како гулаб и седна над Христа, се слушна и сведоштвото на Отецот.
Постојат повеќе јавувања на Светиот Дух. Понекогаш се јавува како тивко ветренце и силен глас, а понекогаш како огнен јазик. Овде се јавува „како гулаб”. Не беше гулаб, туку изгледаше, имаше форма на гулаб. А тоа се поврзува со тоа дека Светиот Дух не е создаден, туку е несоздаден, како и сите Личности на Света Троица.
Јавувањето на Светиот Дух „како гулаб” не’ потсетува на Ноевиот потоп. Тогаш, гулабот што Ное го испрати надвор од Коработ се врати имајќи во својот клун маслиново гранче, и го објави крајот на потопот. Во моментот на Христово крштение, Светиот Дух , “како гулаб” го објавува крајот на потолот на гревот. Во својот клун немаше маслиново гранче, туку ја покажуваше Божјата милост, којашто е Христос, возљубениот Син на Отецот.
Освен тоа, јавувањето на СветиотДух „како гулаб” ги покажува незлобливоста и кротоста. Исто така, потсетува дека, како што гулабот е најчист и не престојува таму каде што има смрдеа, така и Светиот Дух е најчист и не пребива таму каде што постои смрдеата на гревот.
Значајно е да се каже дека Светиот Дух слезе како гулаб и дојде над Христа. Тоа тесно се поврзува со гласот на Отецот. Покажуваше дека гласот:
„Овој е Мојот возљубен Син во Кого е Моето благоволение” не се однесува на Јован Претеча, туку на Христа. Истовременото укажување на гулабот со гласот на Отецот, ја покажува единосуштноста на Личностите на Света Троица, но и разликата помеѓу Јован Претеча и Христа. До тој час народот најдлабоко го почитуваше Јована, додека Христос беше непознат. Укажувањето на Светиот Дух, поврзано со гласот на Отецот, Го покажуваше Христа, испратениот Син Божји за спасението на човекот (блажени Теофилакт).
Созерцанието на чесниот Претеча беше големо. Во животот на светителите среќаваме опити на гледање на славата на Света Троица, во Личноста на Исуса Христа.
Јован Крстител беше удостоен од Бога да го чуе гласот на Отецот, да Го види Логосот Божји и Духот Божји. Но ова созерцание не беше сетилно видение. Секако, човекот гледа и со телесните очи, кои претходно се преобразуваат за да можат да го издржат созерцанието на Бога. Натприродното откровение и јавување на Света Троица се гледа од фразите што ги употребуваат евангелистите, прикажувајќи го овој настан. Евангелистот Матеј вели: „и ете му се отворија Небесата” (Мт. 1,16), а евангелистот Марко вели:
„виде како се разделија небесата” (Мк. 1, 10). Така небесата се отворија и се разделија.
Овие два глагола не се употребени случајно, туку за да изразат две различни стварности што имаат врска со вочовечувањето на Синот Божји и со човекољубието на Триедниот Бог кон човечкиот род, како што толкува свети Григориј Палама.
„Се отвориЈа” – означува дека со непослушноста на Адам се затворија Небесата и човекот ја загуби својата заедница со Бога. Сега со целокупната послушност на Христа, Кој е новиот Адам, повторно се отвораат небесата и човекот може да стекне заедница со Бога. Така, Христос е новиот родоначелник на човечкиот род. Ние телесно потекнуваме од Адам, но духовно од новиот Адам, т.е. од Христа.
Зборовите ги виде небесата разделени” покажува една друга – тајна. Христос телесно ја прими целокупна безмерната и бескрајна сила и енергија на Светиот Дух.
А многу добро знаеме дека енергијата на Светиот Дух, бидејќи несоздадена е неразделна од сите созданија. Со тоа што се разделија небесата, практично се докажа дека не можеа да издржат во тој момент кога изгледаше како да слегува силата на Светиот Дух кон тоа Богоипостасно тело, односно се објавуваше обожувањето на примената човечка природа.
Создаденото е невозможно да го смести несоздаденото, а ако тоа бива можно, тогаш тоа е затоа што е поткрепено од Светиот Дух.
Затоа во Црквата пееме „во Твојата светлина ќе видиме светлина”.
Светите Го гледаат Бога како светлина, поткрепени од несоздадената Божја светлина. А тоа што се удостојуваме да се причестиме со телото и со крвта Христови е затоа што сме членови на Црквата и учествуваме во очистителната, просветлувачката и обожувачката енергија Божја.
Ако некој не учествува во таа енергија Божја, тогаш гледа дека небесата на неговиотот внатрешен живот се разделуваат, бидејќи не можат да Го издржат Бога.
Но и ако претпоставиме дека под терминот „небеса” се подразбираат ангелите, и тогаш овие зборови покажуваат една голема богословска вистина. Макар и да се ангелите чисти пред Бога, бидејќи од почеток се очистуваат и се просветлуваат од владичката ерархија, т.е. од Бога, сепак, заостануваат во однос на повозвишената и совршена чистота на Триедниот Бога.
Само нашата природа во Христа, како Богоипостасна, е сместлива во блескавоста и силата на Божественото дејство на Светиот дух. Затоа со доаѓањето на Светиот Дух не само што се разделија небесата, туку отстапија и самите чисти ангели.
Пренесено од книгата “Господовите празници” од Митрополит Јеротеј Влахос