ЗА ПРИЈАТЕЛСТВОТО ( со повод )

Пријателството е умно и предадено кога со срцето гледа и тогаш:

И туѓата жед и глад и гнев и солза и сиромаштијата и несправедливоста ја разбира,

на туѓата радост, презаситеност и богатство им се радува.

Пријателството е тука и кога самото ТОА е гладно и жедно и разголено,

очајно и озлобено и насолзено и напуштено,

тука е и кога е прејадено, облечено и во сиромаштија и во богатство и во немир и во мир,

тука е… за да ТЕ разбере, заборавајќи на себе си, да ТЕ стисне за рака сè до заоѓањето и на последниот твој ден.

Пријателството се` прифаќа толку лесно, трпеливо, кротко и природно, молчаливо и во очекување на твојот мир; не бара ниту оправдување, ниту прошка:

и тогаш кога несправедливо удираш по него

и кога немаш уво и трпение да го чуеш

и кога во слеп гнев си,

и кога неразумно му се огрешуваш

и кога си во болест и кога си во здравје , тоа како да порачува:

Биди ТИ, не се менувај, биди со мене, како да си со себе, каква и да си денес, крикни и со тупаница удри по мене ако тоа ти ја олеснува маката, тука сум, невидливо, не се обзирнувај на мене.

Сè ќе сторам да ти го поддржам товарот, да го понесам и цел врз себе ако е потребно, да те примам Каква што денес Си, пријателке, зашто ја возљубив твојата душа, ја познавам твојата вистинска природа.

Само лош миг е ова за тебе, лош момент и ден… ќе одмине, ќе се вратиш, тука сум… ете одминува бурата, ја очекувам неасмевката.

Полесно е кога сме двајца!

Зашто, знам дека и ти за мене ќе го сториш истото кога ке ми натежне неправдата на денот.

Тука сум и кога последната твоја ноќ умира , да те држам за рака да не бидеш сама и исплашена кога ќе зачекориш во пресрет на конечниот мир.

Сè тоа пријателке моја, од едноставна причина – заради радоста во која  Бог ме  збогати, во пријателството – пријателке моја!

Мина Даниловска

Претходна статијаКОЈ Е ДОСТОЕН? (Не лишувај се од Христовата чаша!)
Следна статија„Огледало“ православно списание на Лешочкиот манастир!