СРЕБРОЉУБИЕ

Четврта страст е среброљубието. Како што пишува Преп. Јован Лествичник, среброљубието е губење надеж во Бога.

Апостол Павле среброљубието го нарекува тајно идолопоклонство (Кол. 3, 5).

Среброљубието, исто така, се дели на неколку видови:

скржавост, кога на човекот му е подеднакво тешко да се оддели од она што му припаѓа, како некој да му ја сече сопствената рака; потоа, алчноста – тоа е скржавост соединета со желба за стекнување; љубов кон поседување предмети, богатство и слично на тоа.

Луѓето често штедат пари, велејќи дека тоа го прават за подоцна да имаат можност да им помагаат на други. Не е тоа така.

Најчесто, кога човек ќе заштеди пари станува бездушен и бесчувствителен, дури и кон своите пријатели и роднини.

Во Патерик се зборува за Преподобниот Евлогиј каменорезецот, кој се одликувал со немање желба за стекнување и необична добродушност.

Но, кога ненадејно се обогатил, станал суров кон сиромашните и горд во однесувањето со своите пријатели. И дури откако повторно осиромашил, тој се вратил кон својот поранешен добродетелен живот и Бог му простил.

Исто така, постои приказна за еден градинар, којшто целиот живот давал сè што би заработил на сиромашните и оние што имале потреба.
Но, му паднало на памет – „ќе си оставам нешто и себеси за црни денови“ и заштедил триесет златни парички.

И настанал црн ден – почнала да го боли и да му скапува ногата. Се обраќал на разни лекари. На своето лекување потрошил речиси сè што заштедил.

На крајот, лекарите рекле дека не се во состојба да му помогнат, дека треба да се исече ногата.

И пред да биде опериран, тој во солзи Му се молел на Бога и велел:

„Господе! Прости ми што сум згрешил пред Тебе. Господе! Откриј ми заради што ми е пратена оваа казна?“

И Господ му открил низ видение: затоа што имал доверба во парите, а не во Него!

Но, заради поранешните свои добри дела, градинарот добил исцеление и следниот ден, кога лекарите дошле кај него и донеле ножеви и други инструменти за операција (било страшно и да се погледнат), па му ја разголиле ногата и виделе дека сите рани и чирови поминале и се вџашиле заради ова чудо, кое се случило на нивни очи.

Ви раскажав за четирите главни страсти, а вкупно ги има осум. Времето е ограничено и заради тоа, ако Господ благослови, следната недела ќе раскажам и за останатите чирови на нашата душа.

Книгата на Преп. Јован Лествичник е големо богатство. Кога ја читаме, ние во мислите како да разговараме со него.

На нас грешните, со оваа бесмртна книга и своите свети молитви, тој нека ни биде патеводител во вечниот живот. Амин.

* * *
Минатиот пат, на денот на сеќавањето на Преподобен Јован Лествичник, почнав да говорам за осумте главни страсти, за осумте гнојни чиреви кои ја разјадуваат и унакажуваат убавината на иконата Божја во човекот, како осум змии, кои, испреплетувајќи се во едно клопче, лежат во длабочината на човековото срце; за осумте скалила преку кои демонот како во своја куќа, влегува во човековата душа и преку кои човечката душа се симнува во пеколните длабочини.

Говорев за страстите на стомакоугодувањето, блудот, гневот и среброљубието; а сакам да додадам дека не е само животот на среброљубецот жалосен, зашто тој е слуга на суровиот господар, туку е и негова смрт – награда за тајното идолопоклонство, за служење на богатството.

Често среброљубецот умира со смрт без покајание, неочекувано, со срамна смрт. Тоа е казна за оние кои богатството го престорија во свој кумир (идол,заб.прев.) оние, кои своето срце – обвитувалиштето на Духот Свет – го претвориле во новчаник за чување пари.

Некогаш, во древните времиња Израилците излегувајќи од Египет и отпаѓајки од Бога, го излеале златното теле: пееле химни, танцувале пред него и паѓајки на земја му се клањале, вознесувајќи му молитви како на божество.

И за среброљубецот, парите се негов идол, тоа е негов кумир; во својот мрачен, безбожен живот тој само во него наоѓа радост.

Се случува оваа страст да ги потчинува кон себе и луѓето верници, луѓето благочестиви.

Во житието на свети Андреј Христа ради јуродивот, се говори за еден, очигледно добродетелен монах, кој живеел во Константинопол.

Тој се одликувал со пост и целомудрие, со луѓето разговарал со стравопочит и нежно. Овој монах се населил покрај пазарот, за, како што сам објаснувал, со својата проповед да ги упатува грешниците на покајание, за да биде меѓу народот. Луѓето го величале како праведник.

Еднаш, Свети Андреј, сретнувајќи се со него рекол:

„Оче дај ми за храна, гладен сум.“

Овој одговорил:

„Сине мој, дадов завет на сиромаштија, немам ништо, освен молитва.“

Свети Андреј заплакал: тој ја видел страшната змија која го обвиткала овој монах, а на телото на змијата било напишано – „среброљубие “!

Светиот го повикал монахот и рекол:

„Те молам, немој да го упропастиш подвигот на својот живот, не ја упропастувај твојата девственост, не ги упропастувај молитвите кои деноноќно ги упатуваш на Бог !

Господ ми откри дека си заробен од страста на среброљубието, твоето тело веќе го обвиткала пеколна змија, уште малку и целиот ќе те проголта!“

Кога човекот е предаден на среброљубието во него навидум стивнуваат сите останати страсти. Но, тоа не е затоа што е тој над нив, туку заради тоа што се препуштил на една – најлудата.

АРХИМАНДРИТ РАФАИЛ КАРЕЛИН

СО ХРИСТОС КОН ВИСОЧИНИТЕ НА ОБОЖЕНИЕТО

Преведе: М.Д.

Претходна статијаПо молитвите на Св. Недела, како Милостив, Господи, спаси ги нашите души!
Следна статијаНе ја даваш твојата своина, туку Божјата!