Пиамуна беше девственичка, која целиот свој живот го проживеа co својата мајка, јадејќи по еднаш на два дена, и тоа вечерта, додека во денот предела лен.
Таа била удостоена co пророчки дар, за којшто имаме еден пример.
Еднаш во Египет, за време на поплавата на Нил, едно село нападнало на другото, бидејќи помеѓу селата се случуваат кавги, околу поделбата на поплавеното земјиште, кои често пати завршуваат co тепачки и убиства.
Така, едно силно село го нападнало селото на Пиамуна и повеќе насобрани луѓе тргнале co копја и стапови да го претепаат нејзиното село. Но, на блажената дева и’ се јавил ангел Божји и и’ го открил претстојниот напад.
Таа ги повикала старешините од своето село и им рекла:
“Кон вас тргнаа од тоа и тоа село. Излезете им во пресрет и замолете ги да отстапат од својата зла намера, за да не пропаднеме ние, жителите на ова село”.
Но старешините многу се исплашиле и паднале пред нејзините нозе, молејќи и преколнувајќи ја:
“Ние не смееме да им излеземе во пресрет, бидејќи го знаеме нивното пијанство и безумство, туку ако имаш милост кон нас, кон нашето село и кон својот дом, излези им самата во пресрет и смири ги, за да се вратат назад”.
Но, светителката на тоа не се согласила, туку влегла во својата соба и сета ноќ останала на молитва, молејќи го Бога и велејќи:
“Господи, Кој судиш на целата земја, Кому никаква неправда не Ти е по волја, кога оваа молитва ќе излезе пред Тебе, нека светата сила ги прикова на земја оние луѓе, онаму каде што ќе ги затече”.
И така се случило, според молитвата на оваа света девојка.
Околу еден час, кога напаѓачите биле на три милји од селото, на тоа место биле приковани на земјата, онака како што молела светителката, и не можеле да се помрднат од местото.
На напаѓачите им било откриено дека тоа им се случило co посредство на слугинката Христова Пиамуна. Затоа тие испратиле во нејзиното село барајќи мир и порачувајќи им на жителите:
“Заблагодарете му на Бога и на чистите молитви на праведната Пиамуна, кои вас ве спасија, а нас нѐ одвратија од големиот грев”.
Пренесено од книгата “Лавсалик” од Паладиј, Епископ Еленополски
Подготви М. Даниловска