Секоја христијанска душа од своето духовно раѓање има свој призив, и таа е должна владеејќи со телото да ја исполни Божјата предназначеност.

Телото зема учество во животот на душата, и тоа исто така е обврзано да ја издигнува физичката страна на животот на повисоко ниво, во борбата со гревовите и страстите.

Преподобен Антониј Велики вели дека душата во телото поминува низ три периоди:

1) Почетен степен на вера;

2) Растење во верата;

3) Совршенство во верата.

Напредокот на секој степен зависи од душевната состојба и настроение. Душата е должна да создаде благопријатна атмосфера погодна за раст од сила во сила, од слава во слава. Во поодговорната и посовесна душа нема место за зло.

Душата, иако разумна и мисловна сила, има потреба од раководство од Светиот Дух на подвижничкиот пат.

Духот е душа на душата, зашто ѝ помага своите помисли и желби да ги восогласи со волјата Божја. Како што телото без душата не може да биде во хармонија со сите свои членови, така и душата без благодатта на Духот не може да ја оствари својата богоугодна цел.

Душата во која што нема благодат е мртва за Бога. Човечката природа без благодатта не може ниту да мисли ниту да твори нешто достојно за Царството Божјо.

А душата што е причесник на благодатта, бивајќи самата осветена, го осветува и телото, соопштувајќи му ја волјата на благодатта.

Кога душата и телото за време на земниот живот живеат богоугодно, Бог ја осветува таквата душа при излезот од телото, а телото прима нетленост, слично на душата. И како што душата во телото претрпела неволји и страдања и жалости, така и во вечниот живот телото соединето со душата ќе биде учесник на блаженства и радости.

Свети Јован Кронштадски рекол:

„Долго време не знаев колку ѝ е неопходно на душата укрепување од Светиот Дух. А сега Многумилостивиот ми даде јасно да спознаам колку тоа е миговно неопходно, сиот живот, со молитвено повикување, како дишење“.

Без укрепувањето од Светиот Дух нашата душа е подложна на грев, што значи и на духовна смрт; таа е раслабена, нема сила во борбата со гревот, станува немоќна да твори добро.

Без присуство на Духот Свет во срцето, тоа станува подложно на злото и неповратно тоне во бездната на злото. Затоа, нашето срце треба да стои на тврд камен – а тоа е Светиот Дух.

Светиот Дух ја загрева душата со љубов кон Бога, доведува во неа светли и благи мисли, ја утврдува во благословениот труд, дава потребно трпение со леснотија да ги поднесе сите неволји; ја вознесува до состојба на духот во која што сите луѓе ги почитува како оние во коишто е образот Божји – нѐ соединува во љубовта и нѐ учи да се молиме едни за други.

Не само што ни е потребна помошта на Светиот Дух туку должни сме и да ѝ помогнеме да се украси во нас со нераспадлива убавина, со која што душата застанува пред Бога.

Убавината на душата е во смирението, чистотата, трпението. Во делата на љубовта.

Во животот не постои ништо страшно освен вечната погибел на душата!

Преподобен Варсануфиј им говорел на оние што му барале совет:

„Деца мои! Спасувајте ги своите бесмртни души!“

Архимандрит ЈОВАН Крестјанкин

Претходна статијаПрво соборно послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните – глава 12
Следна статијаСрцето е нива на која што се сее семето на словото!