Јеромонах Атанасиј Арсоски
ЗА ХРАМОТ
Богослужението се извршува во посебен објект, кој според начинот на градба и на уредување на просторот им служи на богослужбените потреби на Црквата. Тој објект се нарекува Божји дом или храм.
Предобраз на христијанскиот храм е старозаветната скинија, којашто е конструирана според Божјо укажување. Но, како што Новиот Завет е исполнување на Стариот Завет, така и христијанскиот храм е исполнување на скинијата, којашто имала привремена функција.
Мораш на сите да им простиш, се` од минатото
и непријателот да го прегрнеш
и да го нахраниш, излeкуваш и затоплиш.
Не смееш со омраза да одоговараш на неправдата,
зашто кога љубов ќе дадеш за омраза
и таа душа која испраќа омраза, ќе има можност да се поправи !
Отац Тадеј
Тој, зборувајќи за Свети Тајни, мисли на Евхаристиското собрание, односно на Литургијата. Слободата на христијаните од просторни ограничувања ја најавил Самиот Христос, во Неговиот разговор со Самарјанката:
„Доаѓа време кога ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот; вистинските поклоноци ќе Му се поклонуваат во дух и висина; Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат во дух и вистина“ (Јован 4, 21; 23 и 24).
Затоа христијаните се молат на секое место и во секое време, но и за служење на Литургијата не постојат временски и просторни ограничувања. Со одобрение од епископот, којшто е единствен надлежен за тоа, литургиското собрание може да се оствари на кое било место.
При тоа неопходно е да се обезбеди антиминс, потпишан од надлежниот епископ на областа во која се одржува евхаристиското собрание.
Антиминсот (во превод: „наместо трпеза“) е четвороаголно платно, на кое е изобразено Христовото положување во гроб.
Во него се вметнува честичка од свети мошти и, со нагласување дека служи како света трпеза за свештенодејствување на Христовите тело и крв, се одредува за конкретна парохија или манастир преку потпис од епископот.
Меѓутоа, со таков антиминс епископот може да служи или, пак, да му допушти на презвитер да служи Литургија и вон парохискиот или манастирскиот храм.
Овие напомени ги наведувам само како потсетување дека, суштински и во крајна линија, Црквата, како заедница чијашто глава е Христос, не е ултимативно зависна од богослужбени објекти.
Меѓутоа, кога постојат услови за тоа, храмот придонесува за непречено и полесно одвивање на целокупниот богослужбен циклус. Имајќи го предвид фактот дека неопходен услов за одржување на богослужението е собирањето на христијаните на едно место, тогаш несомнено храмот е најсоодветното место за тоа.
Развојот на црковната архитектура низ вековите треба да го гледаме само во таа смисла, а не во создавањето на архитектонски решенија кои би имале вредност сами за себе, како некој вид уметнички достигнувања.
Во преданието на Православната Црква постојат неколку архитектонски стилови на градба на храмови. Она што е заедничко за сите тие стилови е смислата и функционалноста на просторот.
Храмот е првнствено литургиски простор. Во него се извршува Светата Тајна на Црквата, а тоа е Божествената Литургија.
Живеејќи литургиски и подвижнички во Црквата, ние доживуваме претвкус на Царството Божјо, коешто е надвременско и натпросторно.
За да се прикаже таа иконичност, храмовите во ранохристијанските векови се граделе на возвишени места. Внатрешно храмот, покрај тоа што архитектонски е прилагоден на Литургијата, исполнет е и со живопис, којшто е поделен во неколку зони, зависно од големината на просторот.
Претставувањето на светители и настани од животот на светителите, или евангелски настани, го иконизира Царството Божјо.
Црквата е заедница на луѓето со ангелите, имајќи Го за свој центар Христос.
Токму тоа се прикажува преку иконографијата, а на Литургијата се остварува таа заедница. Карактеристично е тоа што во храмовите постои цокле, па над него започнува живописот.
Со тоа се укажува на надземноста на Царството Божјо, чиишто жители се светителите кои достигнале заедница со Бога.
Храмот се состои од три дела: нартекс, наос или главен дел, и олтар.
Нартексот е влезниот дел на храмот и го символизира старозаветното очекување на Месијата. Затоа во него се живописуваат старозаветни сцени, кои се навестувања или предобрази на воплотувањето на Синот Божји.
Покрај тоа, во нартексот за време на Литургијата присуствуваат оние кои сѐ уште не влегле во Црквата преку Светото Крштение, затоа што тие се сѐ уште во очекување на Христос, Кој треба да се всели во нивните срца.
Главниот дел од храмот, кој уште се нарекува и наос, го претставува новозаветното време, па затоа во него се живописуваат личности и настани од новозаветниот период на Црквата.
Во овој простор присуствуваат верните, коишто учествуваат во Литургијата. Но и тие, како членови и учесници во Црквата, го очекуваат целосното исполнување на Царството Божјо, па затоа се насочени кон олтарот.
Олтарот го символизира исполнувањето на Царството Божјо при Второто Христово Доаѓање. Во овој простор се наоѓа Светата Трпеза, на која епископите и презвитерите, во име на црковната заедница, ја принесуваат Божествената Евхаристија.
Поради тоа живописот во олтарот, посредно или непосредно, се однесува на Светата Литургија.
Вака устроеното просторно решение на храмот укажува на динамичноста на христијанскиот духовен живот. Христијаните се во постојано духовно напредување и растење во љубовта кон Бога и кон луѓето, насочени секогаш кон полнотата на Царството Божјо.
Симбол на тоа е и поставеноста на храмот кон изворот на сонцето, односно кон исток.
Ова е суштинското значење на основните составни делови од храмот, а останатите детали, како и придружните објекти, се варијабилни зависно од конкретното просторно и архитектонско решение.
Еден од составните придружни елементи на храмот е ѕвоното, познато под називот камбана. Функцијата на црковното ѕвоно е да го навестува почетокот на богослужбите, со цел да се повикаат верниците, кои се во можност, да земат учество во нив.
Тоа е неговата примарна намена, а другите ситуации, при кои се употребува камбаната, спаѓаат во рангот на посебни пригоди:
доаѓање на епископ во храмот или во манастирот, објава за упокојување на некој парохијанин, известување за вонредна состојба итн.
Камбаната може да биде непосреден составен дел од храмот, на западната страна, над самиот влез. Овој стил обично се среќава во приморските подрачја.
Кај нас преовладува праксата за изградба на придружен објект во дворното место на храмот, и во него е сместено ѕвоното. Тој објект се нарекува камбанарија. Во неа може да бидат поставени и повеќе од едно ѕвоно.
При внатрешното уредување потребно е да се запази свештената едноставност, која го краси христијанскиот менталитет. Познато е дека границата помеѓу наосот и олтарот е иконостасот.
Неговата висина се разликува од храм до храм. Меѓутоа, треба да обрнеме внимание, колку што е тоа можно, иконостасот да биде поедноставен, зашто во спротивно неговото постоење може да дојде во конфликт со заедничкото учество, на клирот и на народот, во богослужението.
Во тој контекст сосема е доволен еден ред на иконостасот, во којшто се поставуваат главните икони (Христос, Богородица, св. Јован Крстител и светителот или настанот на кој е посветен храмот).
Распоредот на столиците во храмот, наменети за верниците, може да се прилагодува зависно од просторот и од потребите.
Кај нас тие се поставуваат во страничните делови од храмот, односно кај северниот, јужниот и западниот ѕид.
Постои и варијанта, според која столиците складно се распоредуваат во средишниот дел од наосот.
Неумесни се коментарите, според кои ваквиот распоред се нарекува „неправославен“.
Намената на столиците во тек на богослужението им е позната и заедничка на сите христијански конфесии, а тоа не навлегува во суштината на догматското учење, туку има исклучиво практична функција.
Подготви Мина Даниловска