Најсовршениот начин на молитва е молчеливиот. Молчење.
„Да молчи секое тело човечко.”
Тука се случува обожението, во молчењето, тихувањето, во тајната.
Таму се извршува вистинското богослужение. Меѓутоа, за да го доживеете тоа, треба да достигнете до таа мера. Тогаш зборовите отстапуваат.
Сетете се: „Да молчи секое тело човечко”.
Таквиот начин на молчење е најсовршениот начин. Така се обожуваш. Влегуваш во Божјите тајни. Ние не треба многу да зборуваме, туку да оставаме да зборува благодатта.
Ја кажував молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме”, и се отвораа нови хоризонти. Од моите очи течеа реки од солзи на радост и веселие заради Христовата љубов и Неговата крсна жртва. Копнеж и радост!
Тука се крие величието, рајот. Овие пет збора ги кажуваш co копнеж и радост, од срце, затоа што Го љубиш Христос. И така полека се губат зборовите.
Срцето е толку исполнето, така што е доволно да кажеш еден збор, „Исусе мој!”, и крај, ниту еден збор повеќе.
Љубовта подобро се изразува без зборови. Кога една душа навистина ќе се вљуби во Господа, тогаш ги претпочита молчењето и умствената молитва. Поплавата на Божјата љубов ја исполнува душата co радост и веселие.
Таа душа претходно се извежбала во Псалтирот, Октоихот, Минеите итн., а сега зборовите запреле. Длабоко во себе го доживува Божественото смирение.
Христос се наведнал и влегол во неа, и таа го чувствува Божествениот глас. Се наоѓа и во светот и надвор од светот. Се наоѓа во рајот, односно во Црквата, во несоздадениот рај. Игнатиј Брјанчанинов вели:
„Многу посакувана е молитвата на срцето, многу посакувано е молчењето на срцето, многу посакувано е да живееме во најизолираната пустина, затоа што тие услови се особено поволни за молитвата на срцето и за молчењето на срцето.”
Молчењето на срцето е ништо да не те расее, и да живееш сам пред Самиот Бог.
Бог е насекаде присутен и сè исполнува.
Се обидувам да полетам во бескрајот, во ѕвездите. Мојот ум тоне во величието на Божјата сесилност, размислувајќи за растојанијата од милиони светлосни години
. Сесилниот Бог го чувствувам пред мене и ги отварам рацете и jа отварам мојата душа да се соединам co Heго.
Да се причестам co Божеството…
Пренесено од книгата “Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит”
Превод од грчки јазик: јеромонах Атанасиј Арсоски
Подготви М. Даниловска