Поуки на свети Антониј Велики – Поуки за добар морален и свет живот во 170 глави
93. Животот е соединување на умот, душата, духот и телото, а смртта не е пропаст и загинување на овие делови, туку само прекин на нивното соединување. Сето тоа Бог го запазува и по разединувањето.
94. Умот не е душата, туку е дар Божји, кој ја спасува душата. Богоугодниот ум оди пред душата и ја советува да презира сè што е привремено, светско и пропадливо, а да ги сака вечните, неземните и непреодните блага така што човекот, живеејќи во телото, со својот ум да го замислува и да го созерцава она што е небесно и божествено.
На тој начин, богољубивиот ум е добротвор и спасител на човечката душа.
95. Душата, која му угодува на телото, се помрачува од телесните задоволства и загинува. А богољубивиот ум дејствува спротивно: тој му причинува страдање на телото и ја спасува душата, слично на лекар, кој го сече и изгорува болното место.
96. Оние души кои не биваат зауздувани од разумот и управувани од умот, кој ги задржува и насочува каде треба да одат, ги запазува од страстите, таквите души се како неразумни животни и загинуваат, затоа што нивниот разум бива управуван од страстите, слично на колар, кој ја загубил послушноста на коњите.
97. Да не Го знаеме Бога, Кој создал сè за човекот и му подарил и ум и зборови, со кои издигнувајќи се, може да општи со Бога, да Го созерцава и да Го прославува, – тоа е најголемата и најстрашната болест на душата.
98. Душата е во телото, во душата е умот, а во умот се зборовите, со кои Го созерцаваме и прославуваме Бога, Кој ја обесмртува душата, дарувајќи ѝ вечна наслада. Зашто Бог од љубов му дал битие на сè што постои.
99. Бог го создал човекот со слободна волјаː му дал можност, ако сака, да Му угодува на својот Создател Бог. Зашто, ако ние луѓето ги фалиме добрите дела и добродетелите на светата и богољубива душа, а ги осудуваме и лошите дела, зар нема Бог, Кој го сака спасението на човекот, да го прави тоа?
100. Човекот добива од Бога добро, зашто Бог е добар, а му се потчинува на злото по својата слободна волја, од злото што е во него, од похотите и нечувствителноста.
101. Неразумната душа, по природа е бесмртна и господарка на телото; таа му станува робинка на телото поради телесните задоволства, не сфаќајќи оти телесните наслади се пропаст за душата. Но, откако се избезуми, таа грижливо се труди само за телесните наслади.
102. Бог е добар, а човекот е лош. На небото нема ништо лошо, а на земјата нема никакво вистинско добро. Но умниот човек го избира она што е подоброː тој Го познава Бога, Му благодари и Го прославува.
Тој се гнаси од телото уште пред неговата смрт и не им дозволува на неговите грешни желби да бидат исполнети, зашто ги знае нивните лоши последици и нивната смртна опасност.
103. Гревољубивиот човек го сака земното богатсво, без да помислува за тоа дека земниот живот е лажен и краткотраен, како и дека смртта е неизбежна. Особено е срамно кога човекот е стар и е како гнило дрво, а не може потполно да ја сфати оваа вистина.
104. Задоволство и радост чувствувавме по претрпените страдања; слатко се пие по измачувањето од жед; на јадењето му се радува само оној што гладувал; слатко спие оној што легнал поспан, а најслатко се радува оној што страдал.
Исто така и ние нема да се насладиме на вечните блага, ако не ги презреме скоро минливите земни задоволства.
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том I.
Подготви Светланка Трајчева