ЗА СИЛАТА НА МОЛИТВАТА НА МОНАХОТ

Над скитот св. Василиј, кадешто патот скршнува кон скитот Света Ана, живеел еден монах, отец Ефрем, од манастирот Голема Лавра, одреден да внимава на манастирските кози што паселе во околината.

Еднаш, при полна месечина, во последниот ден од месопусната недела пред Големиот пост, додека отецот Ефрем се молел со својата бројаница, слушнал голема турканица надвор од колибата. Тие не правеле никакви неприлики, само извикувале „Оф! Оф!…“

„Овие луѓе мора да се некои весели туѓинци,“ си помислил отец Ефрем.

Тој излегол од својата колиба и имал што да види!

Околу триста демони стоеле немирни и нестрпливи, додека нивниот водач им велелː

„Гледајте само! Слабиот монах со денови ја спречува нашата фаланга, и ние не можеме да влеземе во светот за време на карневалот и на лумпувањето!“

ЗА СИЛАТА НА БРОЈАНИЦАТА И НА ИСУСОВАТА МОЛИТВА

Еднаш еден монах од манастирот св. Павле заминал во црквата св. Герасим на островот Кефалонија.

За време на Божествената Литургија тој стоел во олтарот и се молел со својата бројаница – со молитвата на срцето:

Господе Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме – додека другите пееле во црквата.

Во црквата донесле и еден опседнат човек за да биде излечен од св. Герасим. Додека монахот ја изговарал молитвата во олтарот, демонот излегол од човекот и извикалː

„Престани да ја користиш таа бројаница, монаху, тоа ме пече.“

И свештеникот го слушнал демонот и му рекол на монахотː

„Моли се со својата бројаница колку што можеш повеќе, брате, за да се ослободи слугата Божји од демонот.“

Демонот извикал со голема лутинаː

„Ти, расипан свештенику! Зошто му рече да ја користи бројаницата? Тоа ме пече!“

Монахот продолжил да се моли со својата бројаница со уште поголема настојчивост, и опседнатиот човек бил ослободен.

ЗА СИЛАТА НА ИСУСОВАТА МОЛИТВА

Старецот Захариј имал обичај да напоменува дека во колибата Преображение, во Новиот Скит, отците треба на глас да ја кажуваат Исусовата молитва.

Еднаш се собрале разбеснетите демони и еден од нив извикалː

„Тие ја кажуваат Исусовата молитва на глас.

Молитвата ја изгубила силата!“

Тогаш еден демон, кој бил меѓу најголемите, им реколː

„Исусовата молитва има сила без оглед дали тие ја кажуваат на глас или во срцето, и ние не можеме ништо да сториме во врска со тоа.“

Изворː Старец Пајсиј, СВЕТОГОРСКИТЕ ОТЦИ, ТАБЕРНАКУЛ, 2001.

(Преводː Драган С. Михајловиќ)

Подготви: Светланка Трајчева

Претходна статијаКоја е Светата маченичка Татијана? (Од Православниот календар за денес)
Следна статијаЗНАЕМЕ ЛИ ЗА СВЕТА НИНА? (Од Православниот календар)